Алармантна состојба | Во тек е шестото масовно изумирање на животинските видови во историјата на Земјата

2099
Во тек е шестото масовно изумирање на животинските видови во историјата на Земјата

На Земјата во тек е “биолошко уништување” на животинските видови за кои во последните децении е одговорно глобалното уништување на природната животна средина предизвикана од човековите активности, се наведува во новата научна студија објавена во списанието во кое се потврдуваат тезите за шестото масовно изумирање на видови животни во историјата на планетата.

Во тек e изумирање на милијарда единки на илјадници различни животински видови, како на оние обичните така и на оние ретките, стои во студијата објавена во Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS).

“Тој процес е многу поинтензивен отколку што се мислело порано”, се предупредува. “Во последните неколку децении загубата на живеалиштата, пренаселеност, инвазивни организми, загаденост, токсичност, а од неодамна и ненадејните и чести промени на климата како и интеракцијата на сите тие фактори, предизвикале катастрофално намалување на бројот на единките, популацијата на обичните и ретките видови”, се вели во студијата.

loading...

Во последните 500 милиони години имало пет “масовни изумирања на видовите” на Земјата при што 75 отсто од видовите исчезнале.

Последен пат тоа се случило пред 66 милиони години, кога исчезнале 76 проценти од сите видови, вклучувајќи ги и диносаурусите поради вулканските активности, климатските промени и удари од астероиди.

Студијата беше спроведена од страна на научниците на Универзитетот Стенфорд и Националниот автономен универзитет во Мексико. Таа опфаќа 27.600 копнени ‘рбетници и подетална анализа на 177 видови на цицачи изложени на истребување меѓу 1900 и 2015 година. Се покажал исклучително висок степен на опаѓање на популацијата во групата на ‘рбетници.

Од 27.600 видови кои опфаќаат речиси половина од познатите ‘рбетници, една третина од нив или 8851 бележат опаѓање на бројот на единките, но и по географска област, иако тие видови не се сметаат за загрозени.

Во групата на 177 цицачи опфатени во студијата, сите изгубиле 30 проценти или повеќе од живеалишта, а во повеќе од 40 отсто од тие 177 видови популацијата е намалена за повеќе од 80 проценти.

“Неколку видови цицачи кои се сметале за релативно сигурни пред една деценија или две сега се загрозени”, се вели во студијата.

Како за пример се цитира големиот пад на популацијата на гепарди, орангутани, лавови, жирафи и ракови.

Намалувањето на бројот на единки и истребувањето е “ужасен напад врз темелите на човечката цивилизација”, се наведува во извештајот и се предупредува дека процесот ќе “има сериозни еколошки, економски и социјални последици.”

“Човештвото на крајот ќе плати висока цена за десеткувањето на видовите” на единствената планета која ја познаваме во вселената, се предупредува.

Одговорни за тој процес се “биотското уништување, пренаселеноста на луѓето и постојан раст на населението, прекумерната потрошувачка, особено на оние богатите”. Просторот за акција е многу мал – не повеќе од две или три децении.

“Сите индикатори покажуваат дека следи уште посилен напад врз биолошката разновидност на идните децении и пред нас е мрачна слика за иднината на животот, вклучувајќи ги и луѓето”, заклучува студијата.

Светот е на работ на масовно изумирање | Луѓето се следните на ред?!

loading...