Анегдоти од древната историја | Средба помеѓу македонскиот крал и хеленскиот мудрец

2084

Антиката ни подарила многу мудри и инспиративни луѓе кои оставиле траен белег во светската историја. И, иако некои древни хроничари, како на пример – Тит Ливиj, сметале дека Грците се „азиско племе од најдолната човечка раса, родени за да слугуваат“ наспроти, да речеме – „силните воинствени Македонци“, сепак и древнохеленската цивилизација се истакнала на свој посебен начин.

Како што пишува американскиот портал „Ју-експрес“, во таа смисла, еден од оние кои во древноста воодушевувале со своето знаење, досетливост и остроумност, бил Диоген од малоазискиот град Синопи.

Диоген бил старогрчки филозоф, за чијашто ексцентричност, сарказам и цинизам чул цел Балкан. Роден е во Мала Азија, но поголемиот дел од животот го поминал во Атина и Коринт. Живеел во 4. век пред нашата ера, и важи за „основоположник“ на таканаречената цинична филозофија. Вечен бунтовник којшто живеел во целосна спротивност со животните норми на другите луѓе.

Еден ден Диоген со своите соплеменици се упатил кон т.н. „агора“ – култно-религиозно собиралиште во древна Атина, близу Акрополот. Но, тој чекорел наназад, свртен со грбот кон целта, па сите се смееле, прашувајќи се зошто се однесува така… Кога конечно некој му пришол и лично го прашал, филозофот им рекол:

– Ми се смеете оти одам наназад!? Вие цел живот го живеете наопаку, та не можете вака лесно да се исправите на својот пат, како на пример, јас сега.

…И во истиот момент тој се свртел и продолжил да чекори нормално…

Тој исто така, го привлекувал вниманието со тоа што зиме одел бос во снегот, додека пак, лете имал навика да ги вкопува своите нозе во врел песок. Кога атињаните го прашувале зошто го прави тоа, тој им велел дека „тоа е начин да се зацврсне себеси против неприликите“. Така живеел речиси 80 години.

Сепак, за светот Диоген е најпознат по тоа што спиел и живеел во буре, тркалајќи се од едно место на друго. Бил ревносен поборник и проповедник на скромноста, на тоа дека луѓето не треба да бараат повеќе од тоа што навистина им треба.

Преданието вели дека најголемиот негов „страв“ било дека – еден ден ќе се разбуди во палата, додека сите други околу него спијат во буриња.

А, никогаш не бил осамен. Секогаш бил во друштво на своите сограѓани жедни за неговото знаење и мудрост. Честопати, по таков вообичаен длабоко филозофски разговор, среде сончев ден Диоген го палел својот фенер, ќе излегол од своето буре и ќе почнел да талка по атинските улици…

Луѓето мислеле дека тој загубил нешто, па го бара, и еднаш некој го прашал:

– Господине, зошто Ви е потребен фенер на ваков сончев ден?

– Барам…

– Што барате?

– Чесен човек. За жал, во моментов тука не гледам ниту еден таков, одговорил филозофот.

Историјата вели дека околу 350 година пред нашата ера коринтиецот Ксенијадес го купил Диоген како роб и го донел во својот град, но потоа и самиот станал следбеник на неговите учења.

Средбата на Диоген со Александар Македонски

За мудроста на Диоген чул и македонскиот крал Александар Велики – еден од најславните војсководци на светот, па посакал да го запознае, се вели натаму во написот на „Ју-експрес“.

Кусо откако Александар го наследил својот татко, Филип Втори на кралскиот македонски Престол, тој го посетил Коринт, и изразил желба да се сретне со Диоген, надевајќи се дека и тој може нешто да научи од него.

Легендата вели дека младиот македонски крал го затекнал грчкиот мудрец како, по долгата зима, се сонча на некоја лединка.

– Диогене, чест ми е да Ве запознаам, и лично да се уверам во Вашата мудрост. Да прашам, што можам да сторам за Вас? Ве молам, слободно, посакајте што било, рекол Александар.

Диоген го кренал погледот, и по неколку секунди одговорил:

– Да, може. Тргни се малку настрана, те молам. Ми го попречуваш Сонцето.

Гардистите на Александар останале вчудовидени, но кралот само се насмевнал и се поттргнал, а Диоген му заблагодарил. По оваа средба, според преданијата, идниот македонски цар уште повеќе го почитувал и му се восхитувал на „дрскиот“, но скромен старец.

Сарказмот и цинизмот на Диоген и денес се инспирација за филозофите. Едно од најинтересните современи толкувања на оваа анегдота, е она на Џон Гарднер, кој во една прилика изјавил:

– Еден ден можеби ќе умееме да го истакнеме своето знаење. Дотогаш, најдобро што можеме е – да се тргнеме од погледот на способните, креативни луѓе кон нивната светлина!

Александар Македонски прв и последен пат го посетил Диоген во 336 година пр.н.е. Само неколку години подоцна, македонскиот цар блеснал во целиот свој сјај и слава.

Плутарх и неколку други древни хроничари запишале дека Александар и Диоген починале на различни места во светот, но во истиот ден, во 323 година пред нашата ера. Сепак, ова тврдење не е докажано и потврдено, па не важи за кредибилно.

За МИА Слободан Иванов

loading...