Анкета на МЦМС | Секој втор граѓанин е против каква било промена на името 

964
Booking.com INT

Еден од двајца граѓани (47,1 отсто) се против каква било промена на името, што по растот во 2013 година (62,3 отсто), е враќање на нивото од 2010 година (48,4 отсто). Иако мнозинството етничките Македонци (59,6 отсто) не сакаат никаква промена, сепак, за забележување е намалување на овој став во однос на 2013 година (79,7 отсто).

Bitcoin Exchange CEX.IO

Ова го покажаа резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС). Според ова истражување, „ерга омнес“ е најмалку прифатливо решение и овој став е повисок од сите претходни истражувања.

Јазот меѓу етничките Македонци и етничките Албанци во однос на решението се продлабочува, се посочува во соопштението од МЦМС. Така, кај ставовите за „зачувување на името“ наспроти „евроатлантските интеграции“, 44,6 отсто од етничките Македонци би избрале зачувување на името, а 90,1 отсто етнички Албанци би избрале евро-атлантски интеграции. Јазот, како што се наведува, би бил најдлабок во случај на референдум за промена на името, на кој 85 отсто етнички Албанци би гласале „да“, наспроти 62 отсто на етнички Македонци кои би гласале „не“.

Како што се наведува, споено име (пр. Горнамакедонија) е неприфатливо за големо мнозинство на граѓани (79,1 отсто), што е уште поизразено меѓу етничките Македонци (89,9 отсто). За половина на граѓаните (44,9 отсто), како и за мнозинството етнички Македонци (55,1 отсто), не е прифатлива ниту една географска одредница. За граѓаните е прифатлива неексклузивна употреба на поимот Македонија од двете земји (53,5 отсто). Вкупно 71,7 отсто од граѓаните се против промена на МК-кодот на земјата, односно интернет-кодот (69,2 отсто). Мнозинството граѓани (51 отсто), целосно или донекаде, не го оправдуваат преименувањето на аеродромот и автопатот. На 65,6 отсто граѓани, не им е прифатливо отстранување на споменикот „Воинот на коњ“. Додека тоа е неприфатливо за 77,9 отсто од етничките Македонци, тоа е прифатливо за 69 отсто од етничките Албанци.

Најсоодветен момент за стапување во сила на договорот за 35,6 отсто од граѓаните, според истражувањето, е кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Причината за тоа е да се одбегнат нови условувања од страна на Грција.

Идентитетот продолжува да биде гранитна црвена линија, се наведува во соопштението од МЦМС. Дефинирање националност и државјанство како македонски, прифаќаат 47,9 отсто, одредени варијации како латинична или двојна употреба прифаќаат 25,3 отсто од испитаниците, а дефинирање како граѓанин на Република Горна Македонија прифаќаат 14,4 отсто граѓани.

Слични, според МЦМС, се ставовите и за дефинирање на јазикот. Граѓаните ги сметаат јазикот (27,45 отсто), Уставот (23,5 отсто) и државјанството (23,1 отсто) за најважни за зачувување на идентитетот на македонскиот народ.

Скоро половина од граѓаните (45,1 отсто) веруваат дека со промена на уставното име ќе се промени идентитетот, 17,8 отсто од испитаниците сметаат дека во ниедна ситуација нема да се промени македонскиот идентитет. Против каква било промена на Уставот се 48,3 отсто граѓани, без разлика дали се тоа одредби за името или за други прашања. Промена на Уставот за дефинирање на меѓународно име е прифатлива за 18,3 отсто од граѓаните.

„Зачувување на името наспроти евроатлантските интеграции“ се главните фактори кои влијаат на спорот за името, заклучува МЦМС.

За првпат откако се прават истражувањата, евроатлантските интеграции (49,7 отсто) имаат приоритет наспроти зачувување на името (35 отсто). Нерешавањето на спорот со името, според граѓаните ги става под закана евроатлантските интеграции, економскиот раст и меѓуетничките односи. Решение, пак, од друга страна, носи закана од грчки барања за нови отстапки, внатрешни поделби и судири, и неподготвеност на ЕУ за проширување. Се чини дека доживувањето на овие закани за опстанокот на нацијата, се главен двигател во одбивање договор со Грција, се посочува во соопштението од МЦМС.

Мнозинство од граѓаните (55,1 отсто) сметаат дека не постои широк договор, односно национален консензус. Исто така, не постои јасна перцепција која е позицијата на Владата во спектарот од никаква промена до ерга омнес. За граѓаните, на страната на „зачувување на името“ се Ѓорге Иванов, Претседателот на Републиката и ВМРО-ДПМНЕ, а на страната на „евроатлантските интеграции“ Владата и СДСМ, како и ДУИ и Беса. Повеќе граѓани (41,7 отсто) не би гласале на следните избори за партијата што ќе го реши спорот за името, наспроти 36 отсто кои би гласале за.

Очекувањата, како што се наведува, граѓаните да се изјаснат на референдум е во постојан пораст, и во 2018 година изнесува 71,4 отсто, од 2010 година е 54,4 отсто, на 64 отсто во 2011 година и 66,3 отсто во 2013 година.

Се чини дека членството во ЕУ е фактор кој може да влијае на исходот на референдумот. Додека граѓаните би одбиле промена на името, 50,2 отсто против и 41,5 отсто за, ставовите се менуваат доколку промената на името е кога земјата ќе стане членка на ЕУ, во кој случај 45 отсто се против и 47,6 отсто се за промена. Ова е промена во однос на 2013 година, и гласањето против е намалено за приближно 10-процентни поени (2013 година 62,7 отсто против, 58,4 отсто против при членство во ЕУ), посочуваат од МЦМС.

Додека секој втор граѓанин (48 отсто) посакува решение во рок од една година, такви очекувања има секој четврти граѓанин (26,3 отсто). Очекувањата се зголемени во однос на 2013 година, и намален е ставот дека никогаш нема да има решение, се посочува во соопштението. Мнозинството граѓани (62,9 отсто) сметаат дека постои интерес на големите сили за решение, а трети страни кои можат да придонесат се САД и ЕУ.

Во соопштението се наведува дека односот меѓу „зачувување на името“ и „евроатлантските интеграции“, може да биде под влијание на прашањата на идентитет (Устав, јазик, националност), како и стравувањата од барањата на Грција од нови отстапки и внатрешни поделби и судири.

За МЦМС и ИДСЦС, анкетата ја спровел М-проспект. Податоците биле прибирани со теренска анкета во периодот од 5 до 20 април 2018 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.004 испитаници. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност биле пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони.

Целосниот извештај може да се најде на https://bit.ly/2KOOrIM и на http://idscs.org.mk/mk/publikacii/.

Скопје, 9 мај 2018 (МИА)

Booking.com INT Bitcoin Exchange CEX.IO
loading...