Артуро Сандовал, кубански џез виртуоз на труба

335

Кубанскиот џез виртуоз на труба, пијанист и композитор Артуро Сандовал во ексклузивно интервју за МИА пред својот настап на Охридско лето зборува за џезот и слободата, за животот на Куба, за концертите, наградите… 

Иако на Куба бил коосновач на историски значајниот афро-кубански бенд „Иракере“ и донекаде уживал статус на државен уметник, Артуро Сандовал во почетокот на 90-тите години, преку американската амбасада во Рим и со голема помош на својот ментор и пријател Дизи Гилеспи, добил политички азил во САД и започнал уште поголема интернационална солистичка кариера и го стекнал статусот на еден од најценетите џез трубачи на светот.

Во 2013 година од американскиот претседател Барак Обама го доби „Претседателскиот медал на слободата“ за неговиот придонес во светот на музиката, добитник е на 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, како и на признанието Hispanic Heritage,но и на хрватскиот Греми– специјалната награда Порин.

loading...

Артуро Сандовал, утре, во Античкиот театар во Охрид првпат гостува пред македонската публика како еден од најексклузивните гости во рамките на Охридско лето. Познат е и како композитор на филмска музика, па меѓу другите, ја напишал и музиката за филмот „For Love or Country: The Arturo Sandoval Story“,  чија приказна е темелена на неговиот живот, а во филмот неговиот лик го игра холивудскиот актер Енди Гарсија.

Господине Сандовал, со голема радост и возбуда го очекуваме вашиот прв настап во Македонија. Тука имате голема публика, ваши џез фанови кои ја знаат вашата животна приказна претежно преку филмот на Џозеф Сарџент „For Love or Country: The Arturo Sandoval story“. Ве молам, кажете ни како се чувствувавте кога првпат го гледавте филмот? Дали е тоа навистина вашата вистинска животна приказна која е прикажана таму?

Многу сум горд на овој филм. Бев многу благодарен затоа што HBO побара да се направи филмот и уште повеќе-затоа што беа подготвени да ја раскажат вистинската приказна за тоа низ што поминав јас и за она низ што поминале многумина (и се уште минуваат) кои живеат во Куба. Исто така бев многу среќен затоа што ја напишав музиката за филмот, за која добив и „Еми“ за најдобар композитор. Но моето вистинско наследство е она што ќе го оставам зад себе, па затоа пред четири години го основав институтот „Артуро Сандовал“ (АСИ). Тоа е 100 отсто непрофитна организација која обезбедува инструменти, мастер часови, музичко образование и многу повеќе, за сиромашните и непривилегирани студенти од целата земја. Сакам да бидам дел од нешто што ќе им обезбеди на нашите деца и внуци да имаат музика во нивните животи и покрај фактот што училиштата ги кастрат нивните музички програми.

Со оглед на драматичната политичка димензија од вашиот живот која е прикажана во филмот и генералното чувство дека, всушност, „музиката“ е она околу што се врти се таму, како би ја опишале вашата мотивација за да ги надминете сите бариери со надежите од пребегнувањето од родната земја и вашата љубов кон музиката и свирењето? Што значат за вас во тоа време ограничувањата на Фидел Кастро за слушање и свирење џез?

Па, беше многу тешко додека живеев во Куба, бидејќи не беше дозволено да се слуша џез, кој се сметаше за „музика на непријателот“. Јас бев толку желен да слушам џез и да учам од големите мајстори, што бев уапсен поради тоа што слушав „Гласот на Америка“. Засекогаш сум му благодарен на Дизи Гилепси кој ми помогна да побегнам од диктатурата и ми овозможи да ги отворам очите за слободата, и лично и професионално. Толку е тажно да се гледа како луѓето навистина живеат таму и борбите низ кои минуваат со децении. Посакувам еден ден Куба да се ослободи од диктатурата и луѓето конечно да можат да уживаат во слободата, која е еден од најголемите дарови во животот.

Дизи Гилеспи и неговите бендови, особено неговиот оркестар на Обединети нации беа важен дел од вашиот живот и кариера. Откријте ни некои детали од работата со еден од најголемите и највлијателни џез трубачи на сите времиња? Освен тоа, како вие продолжувате со зачувувањето на неговото големо уметничко и хуманистичко наследство, како ваш ментор и долгогодишен пријател?

Да, средбата со Дизи ми го смени животот токму како и музиката. Со негова помош успеав да добијам политички азил и да се преселам во САД со моето семејство. Тој ми овозможи најголема слобода, како и повеќе лични и професионални можности кои некогаш сум можел да ги посакам. Бев многу среќен што го сретнав, а потоа и што свирев и заминав на турнеја со Дизи. Навистина е величенствено да го сретнете својот идол, а потоа и да остварите релација и да се поврзете со него. Тој беше мој ментор, мој пријател, мој учител и се уште е моја инспирација секој ден.

Малколм Арнолд, брилијантниот британски филмски композитор (добитник на Оскар за музиката за филмот „Мост на реката Квај“) и ваш колега трубач, во неговата музика ја изразува својата длабока загриженост за човечката судбина и верува дека музиката е „социјален чин на комуникација помеѓу луѓето, гест на пријателство, најсилниот кој постои“. Слични размислувања има и легендарниот трубач Мајлс Дејвис, но за неговата џез музика: „Тоа не е џез-музика, тоа е социјална музика“. Во тој контекст, кои се вашите верувања, особено за џез музиката, по која сте најпрепознатливи?

Кога првпат слушнав џез, како возрасен, не можев да поверувам што слушам. Тоа беше толку иновативно и во неа имаше толку слобода, што веднаш се вљубив. Јас мислам дека како џез музичари, сите ние имаме своја дефиниција и таа дефиниција доаѓа од тоа како се изразуваме себеси во нејзини рамки.

Неодамна, во 2013 година, го добивте претседателскиот „Медал на слободата“ од претседателот Барак Обама. Во друштво на поранешниот претседател Бил Клинтон и ТВ водителката Опра Винфри, но исто така и првиот американски женски астронаут Сали Рајд и активистката за женски права Глорија Стајнем, и многу други, па како ќе ја опишете вашата позиција меѓу „поединци кои имаат особени заслуги за безбедноста или за националните интереси на САД, за мирот во светот, или за културни или други значајни јавни или приватни достигнувања“. Како ова почесно признание дополнително ве мотивира во вашата работа како едукатор и музичар?

Тоа е едно од најголемите признанија што некогаш сум ги добил во животот. Бев многу благодарен затоа што е голема чест да се биде во друштво со тројца големи џез музичари. Не би можел да одберам подобро друштво од она на Дјук Елигтон, Ела Фицџералд, Каунт Бејзи…  Тоа е навистина голема чест за мене затоа што ја сакам оваа земја со сето мое срце и прекрасно е да се добие признание од владата на твојата омилена држава во светот. Тоа е голема привилегија.

Со надеж дека нема да ви пречи ако се вратиме на политиката, ќе бидете ли љубезни да ги споделите со нас вашите чувства во врска со неодамнешното политичко затоплување на односите помеѓу САД и Куба повеќе од 50 години длабоко-замрзнати односи?

Ние го цениме вниманието на администрацијата на претседателот Обама. Навистина го цениме она што тој го прави и желбата да и помогне на Куба и на нејзиниот народ. Како и да е, тешко е за мене да поверувам дека политичките промени ќе бидат лесни. Куба мора комплетно да ја смени власта. Тие мора да го отфрлат тој менталитет. Треба да се воспостави почитување на човековите права. Треба да се воспостави демократија. И тие мора да им дозволат на сите да зборуваат слободно за своите ставови и да дозволат слобода од секаков вид. Затоа што во Куба постои само еден дневен весник и една телевизија и една радио станица, кои се стопроцентно контролирани од владата. Луѓето немаат никаква можност за изразување на какви било идеи кои не се во согласност со она што владата сака да го слушне.

Дали сте ја посетиле Куба по 1990 година и какви се денеска вашите чувства за вашата родна земја. Што ви недостига најмногу од Куба?

Јас сум многу благодарен заради тоа што живеам во САД, тоа е прекрасен подарок. За жал, нема да се враќам на Куба се додека е диктатурата на сила, комунизмот е се уште жив и сиромашните луѓе на островот продолжуваат неизмерно да страдаат.

Претходно имате настапувано во Хрватска (уште една поранешна југословенска држава), но ова е ваша прва посета во Македонија…

Многу сум среќен што имам можност да патувам низ светот и да го правам тоа што го сакам. Не само за мене, воопшто, прекрасно е тоа што можам да ја однесам мојата музика до публиката ширум светот. Да, тоа е и заморно, а јас стареам. Хаха. Но, без оглед на тоа колку станувам стар, се хранам со енергијата на луѓето за кои свирам и тоа ја одржува мојата енергија. Многу сум возбуден пред мојот следен настап, особено кога се среќавам со некоја публика првпат. Исто така, работам и на мојот нов албум кој ќе биде мој прв дуетски албум и има некои навистина феноменални музичари кои ќе бидат дел од него: Фарел Вилијамс, Џош Гробан, Пласидо Доминго, Алејандро Санз, Хуан Луис Гуера, Стиви Вондер, Фрида Лингстад (од Аба), Ал Жаро и други. По концертите, го користам моето слободно време за да работам во студиото.

За МИА Драгица Христова

loading...