„БАКНАТИ ОД СОНЦЕТО“ ПО ПОВОД ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 3-ТИ ДЕКЕМВРИ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ | Видео

300

После успешното учество на овогодинешниот меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“, ни претставува особена чест и задоволство да Ве поканиме на претставата „Бакнати од сонцето“ која овој пат ќе биде одиграна по повод 3-ти декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Претставата ќе имате можност да ја погледнете во недела, на 3 декември 2017 година, во Мала станица, со почеток во 19 часот.

Претставата е авторско дело на членовите на „Театар Пи“, Златко Митрески и Македонка Илиевска, и на актерите – лица со интелектуална попреченост од Дневниот центар „Порака“ – Скопје.

Во перформансот, учесниците преку игра, танц и иновативно користење на проектирани видео клипови, ги презентираат своите светогледи, говорат за нивните потреби, но и искажуваат една универзална љубов кон актерската игра, потребата за себе-изразување и потребата да бидат разбрани и прифатени од општеството.

Влезот за претставата е бесплатен.

„Митревски и Илиевска успеваат како ретко кои домашни автори да создадат едно чувство на интима во перформансот, на дијалог без зборови меѓу публиката и актерите. Додека го гледате перформансот, се чувствувате вовлечени во внатрешниот свет на секој од актерите. Ги живеете и се соживувавте со нивните емоции, пренесени со една скоро детска искреност. Одлично аранжираниот музички избор, на моменти енергичен, хаотичен, подоцна смирен, интроспективен, само служи да го потенцира чувството на исполнетост, заокруженост, и да го олесни комуницирањето на примарниот наратив на перформансот. И токму во моментот кога почнувате да мислите дека тоа што го гледате е премногу, дека сетилата Ви се задоволени до нивниот максимум, перформансот завршува. Многу може да се збори за театарот, но една од одликите на вистински добрите автори е тоа што знаат кога и како да ја затворат приказната – без претенциозност, без непотребно проповедање. Што се обидувам да кажам? Сакам да кажам дека екипата одлично гаѓа во целта. Накратко, Бакнати од Сонцето е можеби најдобрата македонска претстава која ја немате видено. Топло ја препорачувам.“Атанас Димитров, Радио МОФ

„Театар Пи“ и дневниот центар „Порака“ ќе продолжат да работат на следен креативен процес за нова претстава, па оттука, секоја финансиска и техничка помош е добредојдена.

Голема благодарност до пријателите на „Театар Пи“, поточно до Младинскиот Културен Центар и Хотелот Порта, кои ни помогнаа во реализацијата на оваа изведба на претставата по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Ве очекуваме!

Вашето присуство и поддршка многу ќе ни значи!

 

loading...