Богатството од Малешевијата спакувано во тегли

564

Традицијата и богатството што несебично го нуди Малешевијата со векови создава услови за уникатни творби и производи, што во последно време се препознааваат од туристите и му даваат печат на регионот.

Во Малешевијата нема куќа каде не се подготвуваат уникатни производи од шумско овошје, познатите специјалитети од вкусната малешевска кујна, но и нема куќа, каде што нема разбој или умешност на вредна домаќинка, која знае да го изненади своето семејство со некоја ракотворба.

Малкумина од нив, сепак, се одлучуваат тоа да го промовираат и да го користат аманетот на занаетот, како дополнителен приход во семејството. Иле Христов, со богатата палета производи од шумско овошје и најразлични плодови собрани од Малешевијата, и стариот Јован Кажлевски, кој во брендот малешевски модри сливи бара лабораториски и научни докази, за да докаже колкава е здравствената вредност на овој плод, постојано се присутни на традиционалните саеми низ Малешевијата и пречекуваат со своите производи изложени на тезгите. Вредната Милка, пак, и нејзините ракотворби ги откривме случајно во нејзиниот дом, чиј прв кат е претворен во изложбен салон на најразлични малешевски рачни изработки.

loading...

Богатството од Малешевијата спакувано во тегли

Богатството од Малешевијата спакувано во тегли е одлична формула за успешен бизнис. Ова добро го сфатил дипломираниот инженер по заштита при работа, Илчо Христов од Берово, кој нема ниту ден искуство во професијата, но 24 години живее од шумското богатство подготвувано по рецептите на мајка му, која , пак , ги научила од баба му. Сега, неговите производи со знакот за квалитет и под превезот на традиционални малешевски производи, ги откупуваат сите хотели и ресторани во Малешевијата.

-Прво почнав со малку, со два три производи и последните 10 години работам турбо, бидејќи работам за хотелите и рестораните, Моите производи тие ги нудат на шведски маси и можам да Ви кажам дека се многу барани. Од струката немам искуство, а од ова може да се живее, ако човек се снајде има пласман, се вади добра пара. Ниту сум сиромав, ниту сум богат Задоволен сум, Работам четири месеци, а потоа останатите осум одморам, вели Христов.

Годишно Илчо произведува по три илјади парчиња овошни сокови и најразлични видови слатка. Вели дека рецептите на мајка му ги усовршил и на производите им дава сопствен белег, па добил шест сертификати за квалитет на своите производи.
Сите плодови ги берам сам, вели Илчо, и додава дека тој ги знае добро местата каде растат убави шумски јаготки или, пак, капини и малини. Но, бидејќи произведува големи количества понекогаш и ги купува од други луѓе кои собираат плодови во шумата.

– Најмногу се бара сок од боровинка, со шеќер и без шеќер, сокови од аронија, но и слатко од шумска јаготка, а една шумска јаготка вреди колку четири домашни јаготки, според калории и енеретската вредност. Јас подготвувам сокови, слатко од сите шумски плодови, малина, капина, аронија шумска јаготка, сливи, се што го бараат и сакаат луѓето. Сите производи се или со шеќер или без шеќер, а во последно време многу се барани производите без шеќер. Овие производи се здрави, од природата, не се прскани…Овошјето е природно, вели Христов

Малешевските екопроизводи се барана храна од сите туристи и добронамерници, а формулата на Христов за егзистенција од природата ја следат уште неколку беровски семејства кои со популаризацијата на Малешевијата како посакувана туристичка дестинација, последниве години успешно го надополнуваат домашниот буџет.

Маслото од семки од модри сливи содржи Б 17

На саемите за здрава храна редовно го среќаваме и 81-годишниот Јован Кажлевски. Скромен старец со богат дух и голема желба научно да го докажува тоа што го произведува, неуморно трагајќи по докази за квалитетот на модрата слива и за производите добиени од неа. Неговите производи се разликуваат по многу нешта. Сите се спакувани во мали шишенца и го носат печатот „Кажлевски“. Јован Кажлевски, кој е магистер по полимерно инженерство, повикувајќи се на фармацевските истражувања, тврди дека маслото од семки од модри сливи соддржи витамин Б17, што последните години претставува вистинска револуција во борбата и превентивата на канцерогените заболувања.

– Докажано е дека покрај она што го има во семките од горчливата кајсија, го има и во семките на нашата модра слива, нормално во помали количества од Индија и Пакистан, но сосема доволо да се користи како превенција од рак, вели Кажлевски.
Кажлевски последните 20 години се занимава со производството на уникатни производи од слива. Неговата професија и научната потврда врзана за лабораториските истражувања му даваат за право да тврди дека во Малешевијата се користи само 10 отсто од она што, навистина, го има во себе модрата слива која Американците ја нарекуваат уникатно овошје во светот.

– Прво, во модрата сушена слива има овошни влакна во сооднос од речиси 8 отсто, има јаболчна киселина, потоа има значајно количество на минералот калиум и тоа 0,2 отсто, а калиумот е неопходен за ќелијата на човечкиот организам, каде се врши размена на енергијата и материјата. Овде сакам да потенцирам дека во производите од модра слива, како што е оцетот од модра слива, има значајно коичество на селен. Според моите анализи, селенот во модрата слива во Малешевијата стигнал од земјата, па стеблото го добива селенот од земјата, бидејчи овде, поточно кај Пехчево, некогаш имало активен вулкан, рече Кажлевски.

За Кажлевски, овие научни докажани специфики на сливата, можат да донесат револуција и во медицинска и во економска смисла во Малешевијата.

– Во разговор со агрономи и по одредени анализи, утврдивме дека во Малешевијата може да се посадат два милиона стебла со сливи и тоа ќе биде едно национално богатство што ќе создаде услови да се отвори индустриски капацитет каде ќе се вработат 100 работници од кои 30 со високо образование. Ова, за мене, е иднината на Малешевијата , рече Кажлевски

Дали оваа идеја на Кажлевски ќе доживее своја реализација во Малешевијата, регион каде модрата слива е бренд, зависи од многу фактори, но сепак, засега е непобитен фактот дека производите од Кажлевски ,се барани на пазарот за здрава храна, а преку „Виталија“ тие се извезуваат и во странство.

Пасијата на беровката Милка го чува од заборав симболот на Малешевијата

Традиционалната изработка на малешевски ракотворби од волна или волница, ткаени или плетени, за Милка Биковска од Берово е страст и мерак, а сè што сработила е изложено во нејзиниот дом, чиј прв кат е претворен во изложбен салон на домашните ракотворби.

-Изработувам блузи, калци, шалови, черги, чанти, поентес милиња, плетени чаршави на една игла, прекривачи за троседи. Имам и разбој, ткаам и на него, сновам, навивам. Тоа ми е желба, го работам за своја душа, за своите деца, па некогаш тоа може и да се исплати, вели Биковска.

Умешноста на изработка на овие ракотворби, таа ја научила од нејзината мајка, баба и сега додека ја чека пензијата, таа се посветува максимално креирајќи нови модели, адаптирајќи го старото со модерните трендови. Но, исклучително за неа е што низ сите фази на нивната изработка, не ја мотивира толку продажбата, колку љубовта кон ракотворбите.

– Овие производи се уникатни, но многу слабо се купуваат. Порано изложував одев по саеми, но искрено, само време се губи. Секако е убаво ако продадете нешто, но тоа мене не ме мотивира. Ако се продаде арно, ако не пак арно, за мене секој производ е богатство, вели Биковска.

Импровизираниот салон на Милка, сепак, странците лесно го наоѓаат, затоа што се „гладни“ за ваквите ракотворби.

– Имаше едни странци во хотел „Манастир“ и сакаа да ги научам да плетат, па ги донесов овде и верувајте сè изнакупија. Летово ми дојдоа туристки од Америка и Англија. Тие беа воодушевени и ми рекоа дека кај нив ја нема традицијата која се изгубила по патот на новата технологија, рече Биковска.

Малешевијата е позната по многу уникатни нешта, меѓу нив се и малешевските традиционални ракотворби, што често пати се изложуваат по саеми или на локални штандови.Како Милка има уште неколку жени кои ја чуваат од заборав оваа традиција, иако претходниот период имаше многу обуки, рабтилници, формирање здруженија кои ќе го подигнат ова производство на повисоко ниво, сепак, денес, сето тоа како да е минато, па животот на малешевските ракотворби е оставен само вештите раце на уникатните малешевски жени.

За МИА Даниела Такева

loading...