Воспитувањето на децата – најтешка работа на модерното време

6393

Во ерата на информациски и технолошки напредок, една од најтешките задачи на модерното време е воспитувањето на децата. Иако во основа во текот на вековите особено не се променило, околностите се смениле, што во голема мерка влијаело на условите во кои се одвива воспитувањето и образованието.

“Работата” на воспитувањето на децата, особено денес, не може да им се остави само на родителите, туку и на институциите од градинкте до училиштата, па дури и на спортските клубови и игротеки за деца. Тие активно учествуваат во обликувањето на детето – новиот член на нашето општество. Воспитувањето на децата денес е поголем предизвик отколку што тоа било порано со што се согласува и доц. д-р. Бисерка Петровиќ-Сочо, професор по Методика на предучилишното образование на Учителската академија.

Во последниве децении, вели таа, не се променети само децата, туку и работните обврски на нивните родители, кои влијаеле и врз децата, но и на воспитувањето во целина.

“Во пост-модерното, сложено и несигурно време кое брзо се менува, а во кој денес живееме, се измени и социологијата на детството. Современите генерации се раѓаат во еден комплексен, технолошки високоразвиен свет. Бидејќи, тој заедно со социјалната околина го прави секојдневното опкружување на детето, а опкружувањето на рана возраст е од клучно значење за сегашното и идното учење на детето, за развојот и воспитувањето, за брзо и лесно да учи. Се разбира, под услов да расте во емоционално позитивна атмосфера, каде што се чувствува прифатено, сакано и почитувано од најраните денови”, вели професорот Петровиќ-Сочо.

Живеејќи во дадена средина, детето денес ги апсорбира сите негови влијанија, од моделот на социјалните односи преку учење за карактеристиките, намената и користењето на предметите и нивните меѓусебни односи до постепеното прифаќање и градење на култура, во која расте. Детето со сето тоа, едноставно мора рано да завладее, за да преживее, да го разбере светот околу него, да се снаоѓа и да го бара своето место во него. Според тоа, може да се заклучи дека детето учи она што доживува.

Никој не може да ги замени родителите

Денес, поради брзиот начин на живот и други околности се променија постапките на возрасните кон децата. На детето му е потребно внимание, разбирање, трпение и водење од страна на возрасните лица и нивното приспособување кон својот ритам на живеење, кој е многу побавен од современото темпо на животот на возрасните, за што на возрасните им останува сѐ помалку време. Нетрпеливост, незнаење и недостаток на разбирање на индивидуалните потреби на детето и развојните потреби со незадоволените потреби на родителите, како и сѐ подолго отсуство од семејството поради работа често се причините, истакнува професорот, за слабеење на воспитната функција на современите семејства.

Да не заборавиме, додава таа, дека семејството, поради силната емотивна врска на детето со нејзините членови има највлијателно образовно влијание на детето кое градинката и училиштето не можат да го заменат. “Тоа не значи дека тие институции не треба да бидат или дека не се комплементарни на семејното воспитување, но никој не може да го замени родителот, ниту да го ослободи од одговорноста за воспитувањето на своето дете. Тоа впрочем и покрај сите позитивни социјални настојувања докажува и згрижувањето, воспитанието и образованието на децата во детските домови за деца без родители”, вели Петровиќ-Сочо, додавајќи дека голем број институционално организирани програми (градинка, основно образование во училиште, училишта за странски јазици, игралишта и итн.), кои се појавуваат во воспитувањето на детето, ја завршуваат својата улога и исчезнуваат, а детето продолжува постојано да живее во семејството, кое е така и временски најдолготраен воспитен фактор.

“Мислам дека има многу родители во нашето општество денес, кои се изложени на многу проблеми и фрустрации, без разлика дали е тоа поради невработеност или тежината на работата, пад на животниот стандард или брачните и други емоционални незадоволства. Во такви околности, нивното незадоволство се пренесува во една средина во која што се одвива секојдневието на семејството, па самите може да го процените денешниот квалитет на животот и одгледувањето на детето во семејството. Некои родители несвесно ја занемаруваат својата едукативна улога, давајќи им предност на неоправданите изостаноци од семејниот живот, заради сопствените егоистични побуди.

Другите, пак, поради превработеност и високо позиционирање на материјалните вредности во својот систем на вредности, воспитната улога ја “компензираат” со непотребно испополнување на сите детски каприци, затрпувајќи го детето со играчки, водејќи го на “снобовски” програми, и тоа по десетчасовен престој во градинката, не осврнувајќи се на тоа колку се тие во согласност со афинитетите и интересите на детето. Но, треба да се верува дека, и покрај социјалното раслојување, сепак има повеќе свесни родители, кои се обидуваат да ги балансираат своите деловни, семејни и родителски должности и повеќе или помалку хармонично да живеат и со тоа да му обезбедат на детето емоционална сигурност, добар модел, поддршка и насоки во воспитувањето”.

Освен родителите, исклучително важна улога во воспитувањето на децата, особено во урбаните средини и во случаи кога родителите се вработени, имаат воспитно-образовните институции, особено градинките. Тоа е причината зошто е исклучително важно родителите и институциите тесно да соработуваат и меѓусебно да се надополнуваат во задоволување на потребите на децата и во остварувањето на нивните права. Сите заедно сме одговорни за формирање на новите членови на семејството и општеството, и секое префрлување на одговорноста за неуспехот во воспитувањето од родителите на воспитно-образовната институција, или обратно, од институцијата на семејството може да ги влоши, наместо да ги реши воспитните проблеми.

Подготви педагог Виолета Крстевска Васиќ

loading...