Во падот на рускиот авион загинале 65 патници и 6 членови на екипажот | Видео

980

Тасс пренесе дека нема преживеани, а на таа вест се повикуваат и меѓународните медиуми. Остатоците од авионот биле пронајдени 40 километри од аеродромот во Москва.

Сите 65 патници и 6 членови на екипажот загинале денеска при падот на авионот Антонов во близина на Москва, објавиле руските новински агенции, кои се повикуваат на службите за вонредни состојби.

Погледнете го видеото:

Трагата од авионот на радарот беше изгубена кратко време по полетувањето од аеродромот Домодедово во Москва, а остатоците биле пронајдени 40 километри подалеку.

Рускиот министер за транспорт, Максим Соколов, се упатил кон местото на несреќата, а полицијата отворила истрага.

Досега, само се шпекулира за можните причини за несреќата, земајќи ги предвид временските услови и грешката на пилотот. Авионот бил стар седум години.

“Добивме информации дека патничкиот авион Ан-148 на летот Москва – Орск исчезнал од радарот. Спасувачките екипи се упатиле на можната локација, каде што паднал авионот, во регионот на Москва – изјави за агенцијата ТАСС претставник на Министерството за вонредни ситуации, веднаш по веста за падот.

Изворот за Интерфакс вели дека “патниците немале шанса” и дека од авионот ” останале само остатоци”.

Денеска во 11.22 часот по локално време, авионот полетал за Орск, град во близина на границата со Казахстан, а само две минути подоцна исчезнал од радарот.

Путин најавил истрага

Рускиот претседател Владимир Путин изразил сочувство за семејствата на жртвите и најавил истрага за причините за несреќата.

Фотографиите од локацијата покажуваат остатоци од авионот на ливада покриена со снег. Новинската агенција ТАСС пренесува дека во близина биле пронајдени телата на жртвите.

Интернет порталот Flightradar24 која со со помош на радар ги следи летовите на својот Twitter профил објави дека Ан-148 паѓал илјада метри во минута околу пет минути по полетувањето.

Седиштето на компанијата Saratov Airlines е во истиот град, околу 840 километри југоисточно од Москва, а во 2015 година ѝ биле забранети меѓународни летови, кога инспекторите во пилотската кабина затекнале неовластено лице.

Авиокомпанијата се жалела на забраната и ги променила внатрешните правила пред 2016 година да почне да лета во странство. Најчесто лета меѓу руските градови, но, исто така, и на дестинациите во Ерменија и Грузија, се наведува во извештајот на ББС.

Руските авиопревозници регистрирале две големи несреќи во текот на изминатите години. На крајот на 2016 година, воениот авион Ту-154 се урнал во Црното Море, при што загинале сите 92 патници, а причината е грешка на пилотот.

Русккиот Airbus A321 во октомври 2015 година, паднал на египетски Синај, при што загинале 224 лица, а одговорноста ја презема Исламската држава, која во авионот поставила бомба.
Од друга страна, изминатата година останала забележана како најбезбедна година за патниците на авиони во историјата, објави ДПА.

Минатата година била најбезбедна за лет во историјата

Aviation Safety Network, групацијата со седиште во Холандија, минатата година забалежала девет фатални авионски несреќи, во кои загинале 67 лица – 32 патници и 35 лица на теренот.
Во споредба со минатата, во 2016 година се регистрирани 16 несреќи со 103 смртни случаи.

– Од 1997 година, просечниот број на воздухопловни несреќи бележи стабилен и постојан пад, што се должи воглавно на безбедносната работа на меѓународните воздухопловни агенции како што се ICAO, ИАТА, Фондацијата за безбедноста на летови и авионската индустрија – истакна претседателот Harro Ranter.

Несреќите во 2017 година вклучуваат пет товарни и четири патнички авиони.

“Ако го земеме предвид светскиот воздухопловен сообраќај од околу 36,8 милиони летови, соодносот е еден смртен случај на 9,2 милиони летови”, заклучи Ranter.

loading...