Во црквата „Св.Димитрија“ откриен е живописот на „Страшниот суд“ од Библијата | Фото

313

Во манастирската црква „Св. Димитрија“ во близина на Велес, екипа на Националниот конзерваторски центар, која неделава интензивно работи на конзервација во внатрешноста во нартексот на црквата на живописот од крајот на 13 и почетокот на 14 век, неделава разоткри значајно откритие дека на него е претставен „Страшниот суд“ од Библијата, единствен со вакво претставување не само во црквите во Македонија туку и во поширокиот регион.

Како што изјави Владо Муковски, конзерватор од Конзерваторскиот центар значајно е што на живописот е откриена претстава на „Страшниот суд“ од Библијата.

– Ова е големо откритие, зошто ваков стар живопис од пред седум столетија со прекрасни совршени цртежи на морскиот свет-риби, октопод, ракчиња и змија досега не е откриен во црквите во Македонија и поширокиот регион. Исто така при истражувањето од пред две и пол години во овој дел од црквата откривме и фреска на „Св Димитрија“ што потврдува дека и првично манастирот бил посветен на „Св Димитрија“,а не на Пресвета Богородица како што тврдеа некои историчари. Да потсетам тогаш првично откривме дел од фреската со ктиторот на манастирот насликан во прекрасна најубава одежда, а кој во рацете држи минијатура на манастирската црква, рече Мукоски.

Според него, значајно е што тука е насликана и камбанаријата на црквата што потврдува дека таа била изградена на почетокот кога била градена црквата, а не била доградувана потоа како што тврдеа некои истражувачи.

– Новина од овие истражувања сега е што ние ги откривме и буквите на Ктиторскиот натпис кои се напишани во пет шест реда, но има две – три букви па нема три – четири. За жал натписот е многу оштетен и затоа засега не успеавме да го откриеме името на ктиторот на манастирот, но се надевам дека наскоро со понатамошните истражувања и тоа ќе го разоткриеме, најави Мукоски.

Истражувањата се финансиски поддржани од Министерството за култура, а во соработка со Народниот музеј од Велес.

– Но добро би било кога оваа финансиска подршка би била поголема, а за да можеме целосно да го разотриеме живописот и натписот, а не работите да го одолговлекуваме во етапи и по неколку години,затоа шро станува збор за значајни откритија, потенцира Мукоски.

Тој појаснува дека станува збор за Византиски симбол – двоглав орел, а кој потоа го преземале останатите народи и само го претставиле на различна позадина, некои на црвена, некои на сина, а некои на бела позадина.

Интересно е што Манастирот „Св Димитрија“ кој е оддалечен на само два километри од Велес, за време на владеењето на Османлиското царство, бил затрупан со земја цели пет века, за да повторно биде откопан во 1855 година.

Манастирот „Св.Димитрија“ е масовно посетен од велешани секој прв петок по Велигден на празникот Источен петок – Балаклија посветен на Пресвета Богородица.

миа.мк

loading...