Гостиварска сланина светски шампион

5357
Дамјан Гавриловски

Пасијата кон подготвувањето на храна од месо на традиционален начин на гостиварецот Дамјан Гавриловски му го донесе едно од најспрестижните признанија. Тој годинава, на последното 30-то издание на „Сланинијада 2017“ во Качарево (Панчево, Република Србија) ја освои специјалната награда за најдобра тадиционална сланина. Титула на кој се надевале производители на над 240 примероци од 16 земји. Успехот, според Дамјан, е фантастичен со оглед дека конкуренцијата е силна, а вкусот на оценувачите и нивното знаење имаат високи критериуми.

Патот до ласкавата титула бил кус, но зад успехот има деценија ипол љубов и подготвување на храна и многу експерименти. Парчето сланина кое било оценувано го испратил по пријател, кој тие денови престојувал во Македонија. Бидејќи сé било на брзина, така и парчето кое се нашло пред жирито е првото кое му паднало до рака обесено на гредичките во сушницата.

– Искрено и без некоја лажна скромност, знам дека имам квалитетен производ, но не очекував таков резултат. Желбата ми беше да добијам мислење, некаква оценка за тоа што го работам. Фестивалот на сланината (сланинијада) е единствен во Светот и има долга традиција, а учесниците серизоно се подготвуваат за тој натпревар. Јас, дента на прогласувањето не бев таму. Отидов утредента, откако организаторите ми се јавија за исходот и да ја подигнам наградата, вака Дамјан го опишува патот до пехарот и дипломата.

По враќањето во родниот Гостивар и откако спласнало воодушевувањето, Дамјан решил да го унапреди и стави во ред тоа што претходно било производство за лични потреби и за пријателите. Со поддршка на семејството, преуредува дел од куќата и почнува со производство за продажба. Набавил опрема која ги исполнува стандардите. Регистрирал фирма под име „Гаврилоски“ и во меѓувреме ги обезбеди сите услови и сертификати за безбедно производство на храна. Вели, тоа му е на прво место и сака да работи според сите норми и законски обврски.

– Кога е во прашање подготовка на храна никогаш не сум правел компромиси. Условите, хигиената и суровините мора да се највиско можно ниво. Профитот е во втор план. Сега правам напори да го испланирам производството и нарачките на заинтересираните. Засега одам пополека, но задоволен сум од интересот. Очигледно е дека луѓето го препознаваат квалитет. Мојот производ е деликатес и количините кои ги произведувам се ограничени.

Засега сланината, печеницата и колбасите од работилницита на Дамјан можат да се набават со нарачка. Некои ресторани и маркети пројавиле интерес да ги имаат производите на „Гаврилоски“. Тоа го планира за понатаму кога ќе го развие бизнисот, но како што вели тоа ќе оди пополека, оти не верува во брз успех. Планира да прави и буѓола (сушен врат), телешко филе и дебел чаен колбас, каков што нема на пазарот.

Тајната е љубов, трпение, сол и месо

Дамјан, пасијата кон гастрономијата го зафатила пред повеќе од десет години, кога почнува да подготвува месни преработки за домашна употреба. Црпел искуства од традицијата, но и се надградувал. Сушењето на месо му било предизвик. Годиниве наназад тој направил многу смеси за колбаси додека не го постигнал последниот рецепт. За него вели дека нема да го менува. Паралелно со таа работа, сушел и сланина и печеница.

За сланината која освои престижно признание, нема големи тајни или посебен рецепт. Дамјан вели дека тајните состојки се љубовта кон подготвувањето и трпението и додава, останатото е сол и месо, без никакви други додатоци. Во технологијата на подготовка, тоа се нарекува „суво солење“. Сланината ја добива свежа од македонски производител на свинско месо и потоа ја обработува во работилница по определен ред. Најнапред, стои во солило 21 ден, во пушница на чад од суво буково дрво се чади 15 денови, а за да биде подготвена за на трпеза и’ требаат уште 20 денови во сушара, каде се суши по природен пат на провев.

За конзумирање на деликатесите од работилницата „Гаврилоски“, Дамјан ги како идеална комбинација препорачува македонските вина.

– Додека престојував во Србија, пробав да комбинирам со вина и ракија на моите колеги. Пробавме повеќе комбинации, но сите се согласни, дека вината и ракијата од Македонија се врвни и сето тоа заедно прави неповторливо доживување за непцето. Иако, Шпанците и Италијанците се неприкосновени за суво месо, сметам дека и ние постигнуваме добри резултати. Тоа ни го овозможува и природата, само сето тоа треба грижливо да се искомбинира, подвлекува Дамјан.

На наредниот натпревар на сланинијадата во Качарево, повторно ќе се пријави за да го потврди квалитетот и овој пат се надева на високи оценки.

За МИА, Зоран Г. Маџоски

mia.mк

loading...