Дванаесет претстави во трка за награди на МТФ „Војдан Чернодрински“ од 9-ти до 16 јуни

442

Во конкуренција за награди на годинашното 52-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп од 9-ти до 16 јуни ќе бидат 12 претстави, соопшти денеска на прес-конференција во Велес Петар Темелковски,  уметнички директор и селектор на фестивалот.

Тоа се претставите „Тартиф“ од Молиер во режија на Галин Стоев во изведба на Македонскиот народен театар, „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир во режија на Наташа Поплавска на Драмскиот театар-Скопје,„Трудна приказна“ на Благица Секуловска во режија на Лидија Дедовиќ на Театар Комедија од Скопје.

Во трка за награди се и претставите: „Ана Комнена“ во режија на Ненад Витанов во изведба на Велешкиот театар, „Вечера на ронките“ во режија на Кендрим Ријани од Албанскиот театар-Скопје, „Отело“ на Шекспир во режија на Деан Пројковски на Турскиот театар-Скопје,„Лазаревото писмо“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски  на Народниот театар од Штип, „Злосторство и казна“ од Достоевски во режија  на Диего де Бреа на Народниот театар од Битола, „Џон Габриел Боркман“ во режија на Горан Тренчовски на Народниот театар од Струмица, „Хај Фај“ на Горан Стефановски во режија на Јани Бојаџи во изведба на Народниот театар од Куманово, „Аналфабет“ во режија на Горан Ризевски на Народниот театар од Охрид и „Љубовни пози на историјата“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска во изведба на Народниот театар од Прилеп.

loading...

Сите овие претстави ќе бидат во конкуренција за шесте главни награди на фестивалот: за најдобра машка и женска улога, за најдобар млад актер и актерка, режија како и највисоката гран-при награда на фестивалот – „Војдан Чернодрински“. За носител на наградата за животно дело е избран академик Митко Маџунков.

Селекторот Петар Темелковски одговарајќи на новинарски прашања рече дека жирито на фестивалот  се уште не е формирано и ќе биде соопштено дополнително. Додаде дека секоја година има по три врвни претстави на фестивалот и жири комисијата заседава и по неколку часа за да го соопшти победникот на фестивалот.

– И годинава ќе има некои новини на фестивалот, но тоа сега не го соопштуваме, рече Темелковски и најави дека некои од претставите на фестивалот како и минатата година, и годинава ќе гостуваат во други театари во земјава.

– Годинава планираме да гоствуваме во Струмичкиот театар, а со нас ќе носиме со автобуси и прилепска публика. целта е да ги иницираме надлежните дека и на Прилеп му треба нова театарска зграда, бидејќи сегашната е многу руинирана, потенцира Темелковски.

И годинава фестивалот МТФ „Војдан Чернодрински“ го финансира Министерството за култура и Општина Прилеп.

loading...