Демиркаписки пипер | Црвеното злато што ги буди сетилата

410

Изобилство од црвено злато, напластено како песочна дина, вака ни заличи црвениот пипер распослан околу мини семејниот млин на семејството Милошевиќ во демиркапиското село Корешница. Мелат пипер за сопствени потреби и за своите најблиски роднини и пријатели. 

Еколошко производство без пестициди

Деновиве поминавме прекрасни мигови со луѓето кои храната што ја конзумираат, во најголем дел самите ја произведуваат, на што можат да им позавидат многумина како во градовите, така и во селата. Брачниот пар Гордана и Десимир заедно со двата сина, една снаа и тројца внуци, сложно одгледуваат педесетина декари најразлични земјоделски култури. Годинава нанижале црвени пиперки за пипер од посадени четири декари површина, но имало години кога површините за производство на овој зачин без кој не можат да се замислат многу манџи, биле поголеми и за три пати.

loading...

Во селото од левата страна на реката Вардар дознавме дека во некои од годините селаните наместо со лозје, одлучуваат да се занимаваат со одгледување пиперки. Образложението е дека виновите лози можат да измрзнат во текот на зимата, па мразот да остави последици и во наредните години. За разлика од лозовите насади, пиперките се едногодишни култури и штетата кај нив може да биде пократкорочна. Се случувало понекогаш со чушки, како што велат овде, да бидат посадени безброј ниви, една до друга.

Но, поради зголемената цена на дрвата за огрев кои се неопходни за огнот во сушарата во која подоцна се печат пиперките нанижани во низи, како и поради не секогаш обезбедниот пласман и негарантирани цени, се случува земјоделците да кренат раце од црвениот прав кој делува на сетилата, особено на тие за мирис и вкус.

– Вообичаено, во овој период од годината, финишира старата и се подготвуваме за новата производствена сезона. Се подготвуваат нивите со длабоко есенско орање. Практикуваме секогаш да користиме различни површини, за да не ја испостуваме почвата со континуирано садење на една иста земјоделска култура на одредена нива. Околу средината на март, се сее пиперот во леи. Не купуваме семе, традиционално користиме стара сорта пипер. Можеме да се пофалиме со нејзината отпорност кон болести и еколошкото производство во кое третирањето со пестициди е исклучено, ни појасни постариот син Петар, кој во селото кое ги има сите инфраструктурни услови за живот, држи колонијална продавница.

Неговата сопруга Ратка не би го менувала селото за град, па во нивниот случај, онаа народната би гласела „фали град, но живеј во село“.

Треба да се учи, но и да се работи

За копањето кое се врши во три фази и наводнувањето се задолжени главно машките членови во семејството, а берењето и нижењето почесто го вршат припадничките на понежниот пол, помалите деца носат вода за освежување. Се работи во слога, со смеа и позитивна енергија, на кои можат многумина да им позавидат.

– Децата треба да учат за да станат луѓе во вистинската смисла на зборот со сите вредности што го красат еден човек. Но не треба целото слободно време да го минуваат крај компјутерот, како што тоа некои го прават. Многу е важно да се научат и да работат и да го ценат трудот во животот. Земјоделството е благородна работа која никогаш никого нема да остави гладен, нагласи помладиот син Светомир кој иако работи како ветеринарен инспектор во Неготино, многу пати и самиот работи по нивите.

Тој им е најубавиот пример на неговите внуци од кои две се крстени по баба и дедо, а третото е Тамара, дека во животот е подеднакво важно да се учи, но и да се засукаат ракавите и да се работи. А тие не можеа да му се изнарадуваат додека бевме таму, постојано се врткаа околу него. Се бараше совет за домашната по англиски јазик или математика, но и за решавање на дилемата дали одреден храна е здрава за јадење или не. Штом се завршат домашните обврски, има време и за игра со домашните миленичиња.

А ги имаат многу. Нема што нема во големиот селски двор од семејната куќа на баба и дедо. Крава, прасиња, кокошки, пилиња и што ли уште не. Да се нахранат, да се соберат јајца.

Бевме сведоци како Гордана облече постара наметка за да не си ги валка алиштата и со сета своја радост, уживаше во друштво на живоинскиот свет што ја опкружуваше, хранејќи ги животните и птиците со многу љубов и посветеност. Ја фотографиравме заедно со омиленото петле од кокошарникот.

Милошевиќ не е единственото семејство во мултиетничното Корешница до Вардар кај Демир Капија, кое произведува црвено злато. Во селото со околу 800 луѓе и околу 1.500 крави. Килограм од црвениот зачин може да се купи по цена до 250 денари, зависно од годината и пласманот, но и од тоа дали е првосомелениот пипер или оној од крајот на сезоната. Производството се пласира кој како ќе се снајде, а најчесто го купуваат скопјани на големо, за подоцна да го продаваат на мало. Овде братски живеат Македонци, Срби, Турци, Роми, Торбеши и Јуруци, неколку снаи од Албанија. Дел од жителите, се контраат само пред избори.

За МИА Светлана Дарудова

loading...