Добар старт на „Добредојде бебе“ во македонските породилиштата

716

Родителите од јули годинава не мора да одат по шалтерите во институциите за да добијат извод од матичната книга на родените за своето дете, туку при исписот од породилиште, односно во рок од два дена, можат да го добијат овој документ доколку изразат желба и ако за тоа ја имаат потребната документација. 

Ова го овозможува проектот „Добредојде бебе“ што е воведен со системот МојТермин на Министерството за здравство, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Управата за водење матични книги при Министерството за правда.

Досега, во рамки на проектот, во 17 породилишта во Македонија издадени се вкупно 582 изводи од матичната книга на родени, информираат од Управата за водење матични книги. Потенцираат дека за овие неколку месеци постојано се зголемува бројот на граѓани кои на ваков начин добиваат извод.

loading...

Според статистиката на Управата, за една недела во јули издаден е 31 извод, во август бројката се искачила на 119, во септември на 265, а за половина од октомври издадени се 167 изводи.

Најголем интерес за добивање изводи, како што велат од Управата за водење матични книги има во Специјалната болница по Гинекологија и акушерство Чаир каде досега се издадени 262 изводи. Од нив само во септември издадени се 103 изводи.

Во Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство Скопје, од каде што во јули стартуваше проектот „Добредојде бебе“, издадени се вкупно 133 изводи.

Во ЈЗУ Клиничка болница Тетово издадени се вкупно 103 изводи, во ЈЗУ Општа болница Струмица 31, во ЈЗУ Општа болница Гевгелија 28, во ЈЗУ Клиничка болница Штип 18, а во ЈЗУ Општа болница Охрид и во ЈЗУ Општа болница Кочани само по еден извод.

Во породилишта во Битола, Прилеп, Кичево, Струга, Кавадарци, Велес и Дебар , како што информираат од Управата, досега не е издаден ниту еден извод.

Според Управата, досега нема никакви проблеми за добивање извод за новороденче за оние родители кои сакаат да го добијат документот веднаш, но има и такви кои не носат документи, не знаат за името на детето и слично.

Директорот на Управата за водење матични книги Ѓоко Котевски вели дека се добро екипирани и им стојат на располагање на граѓаните како сервис. Оцени дека системот функционира беспрекорно и оти на родителите на доброволна основа им се олеснува постапката за издавање извод од матичната книга на родени.

Како да се добие извод за новороденче во болница?

По раѓањето на детето, родителите со важечки документ за лична идентификација треба да потпишат изјава за согласност за обработување на личните податоци. Двајцата родители треба да бидат присутни пред потпишување на обрасците, а претходно треба да бидат договорени личното име на детето и живеалиштето.

Родителите, велат од МојТермин, во рок од 48 часа ќе го добијат изводот, но доколку мајката замине од болница порано од предвидените 48 часа, тогаш родителите имаат можност да го подигнат изводот од родилиштето.

Пријавите од здравствените установи каде што има породилишта преку Управата за електронско здравство пристигнуваат по електронски пат до Управата за водење на матичните книги. Управата ги обработува податоците, врши упис на новороденчето во матичната книга на родените, ги праќа потребните податоци до Министерството за внатрешни работи за определување на матичен број и државјанство, и откако ќе го добие матичниот број и државјанството од МВР ги дополнува податоците во книгата на родени и го издава изводот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој заедно со министерот за здравство Арбен Таравари присуствуваше на отпочнувањето на проектот во Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство Скопје, рече дека има средства, човечки ресурси и технологија која ќе ја стават во функција за да им се олесни на родителите.

– Се надевам дека овој проект ќе биде поттик и за сите други институции во Република Македонија да направиме проекти кои ќе бидат во интерес на граѓаните и кои ќе им ги олеснат секојдневните потреби, додаде Спасовски.

Од Управата за водење матични книги информираат дека изводи можат да се вадат и понатаму во редовна постапка на шалтер, но во овој случај се чека два – три дена, а некогаш и помалку во зависност од тоа како оди динамиката за определување на матичниот број на бебето.

– Со воведувањето на двосменско работење многу граѓани оваа постапка ја искористуваат и попладне, а вработените имаат време во тој период да ги сработат изводите со определен матичен број, истакнуваат од Управата.

Проектот „Добредојде бебе“ стартуваше на 24 јули годинава. Оваа услуга првично беше достапна во породилиштата во Скопје, а од 1 септември и во сите 17 породилишта во Македонија.

Сличен проект како „Добредојде бебе“ од 2016 година се спроведува и во соседна Србија, а се применува во 76 државни породилишта.

За МИА Даниела Маркоска Алексовска

loading...