“Европа е Буре барут, а Балканот е само фитил” | Norbert Mappes-Niediek

1412
Norbert Mappes-Niediek

Европската унија во моментов се повлекува од Балканот, а тоа би можело да има сериозни последици – за цела Европа.

Изгледите за членство во ЕУ со години го подобруваше демократскиот развој на земјите од Западен Балкан.

Без таа перспектива, последиците би биле сериозно тешки за целата Европа, се плаши Norbert Mappes-Niediek, а пишува Дојче Веле.

loading...

Во последните неколку недели и месеци на Западен Балкан, тонот помеѓу локалните земји и различните етнички групи е сѐ потежок. Се добива впечаток дека овој регион повторно станува нестабилен. Дали ЕУ повторно треба да е загрижена заради Западен Балкан?

Да, мислам дека треба да се загрижи. Реториката на локалните лидери, се разбира, во првата линија им служи пред своите гласачи да се презентираат како заштитници. Ако лошо се зборува за омразениот сосед, тогаш тоа добро се прифаќа. Ова создава чувство на опасност и во исто време им дава на луѓето впечаток дека тој лидер е оној вистинскиот кој ќе ги заштити од тие опасности. Само по себе тоа сѐ уште не е опасно, но тоа може да стане опасно ако се развива една динамика. Тоа е можно и всушност постои ризик од тоа. Колку што Европската унија е послаба и колку е послабо нејзиното влијание и нејзините средства на притисок, толку повеќе ќе дојде до таков развој. Јас не мислам дека ќе има преориентирање кон Москва или Турција, но позициите ќе се заострат.

Која улога игра Европската Унија во регионот и кои можности на влијание врз него воопшто има?

Европската Унија во текот на изминатите 20 до 25 години била единствената алтернатива за создавање на државички во кои едни на други не им посакуваат ништо добро. Перспективата “Ние сакаме во ЕУ” насекаде ја одиграла својата улога. Тоа започнало уште во 1991 година, кога Словенија прогласи независност. Тогаш словенечкиот министер за надворешни работи, Димитриј Рупел рече дека распаѓањето на Југославија и обединување на Европа се две страни на иста медаља. Без едното немало да дојде до другото. Тоа значи, бидејќи Европа се обединува, Југославија се распаѓа. Потоа се размислувало дека оние кои сакаат да се приклучат на ЕУ треба брзо да скокнат во возот и не треба да чекаат сите други да се подготвени. Словенија не сакала да биде еден осамен, изолиран остров во светскиот океан, туку таа сакала да биде дел од Европската унија.

Ова важи уште повеќе и за другите земји. Речиси и да нема концепт за тоа како една мала национална држава да преживее во еден глобализиран свет, како таков, ако не е во Европската унија. Луѓето веруваат во ЕУ, тие сакаат да бидат дел од ЕУ, меѓу другото, затоа што не им веруваат на сопствените политички елити. Но, дојде до пресвртница кога во 2014 година започна да работи новата Европска комисија. Новиот претседател на Комисијата Жан-Клод Јункер јасно стави до знаење дека во следните пет години нема да има проширување на Европската унија. Со тоа што ова е изјавено толку отворено, со што е затворена една врата.

Што мислевте кога кажавте дека луѓето од Западен Балкан ЕУ им треба како коректив за нивната политичка елита?

Тие сакаат да имаат еден вид повратно осигурување. Така луѓето во Македонија, на пример, ми кажаа дека во поранешна Југославија се одело во Белград кога се имало чувство дека сопствената влада тргнала во погрешна насока или се впуштила во активности со интересни групи. Морало да постои инстанца над тоа – со своето раководство во Скопје тешко би се справиле. Слично на тоа, слушнав во Белград: во колку нашето раководство станува авторитарно, можеме да бидеме малку сигурни дека еден ден нема да дојде до идеја сите дисиденти да ги испрати во затвор. Таа контрола и тој надзор обезбедуваат одредена сигурност.

За што се зборува кога станува збор за Европска унија, од една страна во Белград, Приштина или Сараево, а од другата страна во Берлин, Париз или Брисел? Дали на сите пред очите им е истата Унија?

Сите земји имаат различни перспективи. Тоа не се важи само меѓу Западна и Југоисточна Европа. Постојат одредени модели кои луѓето ги имаат во нивните глави. Британскиот модел беше голема слободна трговска зона, еден вид на Комонвелтот. Во Германија секогаш се замислувала една федерална сојузна држава, а Австријците ја замислувале Австро-Унгарската монархија. А во поранешна Југославија, Европската унија, се замислува како еден вид на Југославија. Паралелите се секогаш одново неверојатни. А и сега, кога ЕУ е во криза, за многу луѓе тоа е потсетник на југословенската криза. Многу убаво тоа го опиша словенечкиот економист Јоже Менцингер. Тој рече дека Европската унија страда од југословенскиот синдром. Тоа значи дека постои една економија, но различни нации, поинаков идентитет, различна економска политика. Резултатот е тоа што секој народ верува дека другиот ја експлоатира. Како што Словенците и Хрватите во поранешна Југославија стравувале дека на Косово, Македонија или БиХ уплаќаат во една вреќа без дно, така тие стравови во Европска унија ја имаат Германците кон Грција. Спротивно Косоварите, Македонците и Босанците и Херцеговци посочувале дека Словенија и Хрватска стануваат побогати, а во однос на тоа тие стануваат посиромашни. Со исто право Грците денес тоа можат да го кажат кон Германците.

Овие паралели многу луѓе во поранешна Југославија ги имаат во глава кога ќе помислат на Европска унија.

Дали на Балканот се гледа опасност од тоа дека Русија би можела таму да заземе важна улога, можеби наместо ЕУ?

Јас не верувам дека тие земји сега би можеле да се ориентираат кон Русија. Москва тука во суштина нема толку многу да понуди, освен енергија. Русија би била преоптоварена со тоа сега на Балканот да ја преземе улогата која Европската унија што досега ја имала. Сите го знаат тоа. Но, Русите можат да ја искористат можноста повремено да ги вплетат своите прсти за да ситуацијата ја направат уште потешка.

Дали Балканот е буре барут, како што често се вели?

Балканот всушност не е буре барут. Европа е буре барут. Балканот е само фитилот. Она што е опасно, тоа се конфликтите. Тие не можат да се изолираат. И токму во сегашната ситуација во која светот стана толку нестабилен и каде што не постои вистинска движечка сила, на завојуваните страни на Балканот ќе им биде многу полесно сојузниците да ги побараат меѓу поголемите сили. Оваа ситуација е како онаа од 1914 година. Од тоа, најмногу треба да се стравува.

Norbert Mappes-Niediek

Norbert Mappes-Niediek е германски новинар и публицист на теми поврзани со Југоисточна Европа. Тој пишува како слободен новинар за различни списанија на германски јазик и објавени се повеќе книги за Западен Балкан. Последната книга која тој ја објави носи наслов “Кутрите Роми, зли Цигани” (Arme Roma, böse Zigeuner).

dw.com

loading...