Заврши кампањата, почна молкот пред неделните избори

1211

На полноќ заврши дваесетдневната изборна кампања и почна молкот пред неделните предвремени парламентарни избори во Република Македонија.

Денеска, ден пред изборите, ќе гласа дијаспората, пријавените болни и изнемоштени лица, затворениците и лицата во притвор.

Избирачките места се отвораат во 7:00 часот, а гласањето завршува во 19:00 часот. Во дијаспората тоа ќе се спроведува по локално време.

loading...

На изборите учествуваат 11 политички субјекти: шест политички партии и пет коалиции со 58 листи со 1092 кандидати.

Пријавени за гласање во странство се 20.573 граѓани, додека  на посебниот Избирачки список се запишани 230.122 лица кои согласно евиденцијата на надлежен орган се смета дека се на привремена работа во странство.

Своето право на глас во странство државјаните на Република Македонија ќе можат да го остварат во 41 дипломатско-конзуларно претставништво и конзуларни канцеларии. Најмногу пријавени за гласање има во Берн 4.256, во Венеција 2724, во Детроит 1.170, Њујорк 1.168, Мелбурн 1.112 … За овие избори за гласањето во Берн отворени се три дополнителни избирачки места, додека во Венеција две.

Најмалку пријавени има Мадрид – 10, во Пекинг 13 и во Варшава 14 гласачи. 

Гласање денеска се спроведува и за 2.015 затвореници и лица во притвор. Дома или на адреса каде што се пријавени денеска гласаат и болните и немоќните. Гласаат и 13 внатрешно раселени лица. 

За утрешните деветти парламентарни избори, четврти предвремени во од 2008 година наваму, во Избирачкиот список запишани за гласање се 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија. Во Македонија ќе гласаат 1.531.368 граѓани. Изборите ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во шест изборни единици во Македонија и во 46 во седмата изборна единица што ја опфаќа дијаспората.

loading...