Заради учителката Весе училниците во Македонија станаа и соби за ноќевање

34415

Учителката Весе Весела Богдановиќ сериозно си ја игра улогата светски Амбасадор за образование, овој пат со својот повик за учество во проектот „Ноќ со Андерсен„ успеа да ја маѓепса цела Македонија.

Заедно со колешките Зузана Путник, Анна Хркова и Основното Училиште „Млада Поколења” од Ковачица, Србија, а со поддршка од страна на Министерствата за Култура на Чешка и Словачка, направија вистинско инспиративно движење во образованието во овој регион. Градинки, училишта, библиотеки, во текот на минатите 6 месеци се претворија во креативни центри кои живеат во светот на бајките, а илјадници ученици заедно со своите наставници и директори завршната ноќ ќе ја минат во своите училишта се до раните утрински часови.

За реализација на завршните ноќи, уредно се бара дозвола од општините, полицијата и други институции важни за безбедноста на децата, а родителите срдечно помагаат за да обезбедат душеци и легла за спиење. Иницијативата завршува следното утрото, кога секоја институција има задача да засади по едно Дрво на бајките.

„Со промоцијата на овој повик и масовната акција што ја презедовме како рагионални организатори, имавме за цел да поттикнеме развој на креативни решенија за унапредување на читачките и творечките навики кај младата популација, да инспирираме креирање на ресурси, стимулативна средина и креативни идеи за интегрирање и унапредување на наставата, со еден збор „училишта по мерка на детето„. Во услови кога недостатокот на ресурси за реализација на наставата и креирање на креативна средина е проблем на секој наставник, а решенијата зависат исклучиво од креативноста, волјата, мотивацијата и инспирацијата на едукаторите, оваа иницијатива добро дојде и за малечките и за возрасните. Дeцата 6 месеци живеат во светот на бајките, а преку нив учат математика, граматика, читање, пишување. И предметните наставници со своите ученици најдоа пат за учење преку бајки.”

Освен тоа, како подеднакво важно, нивната цел била да поттикнат размена на идеи, размена на искуства, взаемна соработка и како најважно, меѓусебна поддршка помеѓу учителите, наставниците, училиштате, градинките, директорите од целата земја.

„За таа цел воедно ја креиравме и нашата заедничка страна која верувајте од минута во минута станува побогата со нови и најубави мигови од реализацијата на активностите”. Проблемите во државата, политичката поделеност помеѓу луѓето и нивната оптеретеност со политиката, направија огромна штета токму онаму каде што се формира детската личност, во самите училишта, во училниците, во училишните ходници. Мотивацијата на учителите е на незавидно ниво и не само тоа, како последица на современото живеење луѓето сѐ помасовно усвојуваат „правило„, имаат впечаток дека за личен успех дозволено е или поточно, неопходно е да се гази врз другите само да се премине „реката„ безбедно и побрзо, победнички пред сите, со што соработката ги губи сите некогаш постигнати скалила. Токму во таква трка страдаат емоциите на ентузијастите кои несебично и без никаква нелојална поддршка работаат за доброто на сите околу себе, а со тоа страда и мотивацијата и силата да се остане истраен во најдобрата намера. Нашата цел е да укажеме на овие проблематики затоа што знаеме дека, само личноста која знае да го охрабри туѓиот труд и да се израдува како за свој, може да биде личност за пример во овој наш бајковит свет, заслужува да се нарече најдобар, како севкупна најдобра личност, а секако, и како едукатор, пример за своите ученици и за целата заедница. За да влијаеме и на овие ситуации уште во текот на минатите месеци до сите учесници беше испратен правилник кој имаше за цел да потсети колку е важно да се споделува својот труд, да се отвори ширум „вратата„ на сите вклучени училишта за да може да се ужива во магијата што се случува кај другите, но во исто време, важно е да се покаже поддршка и почит кон работата и заслугите на останатите кои ги споделуваат секојдневно своите идеи на нашата заедничка страна за промоции.“

Оригиналност на идеите, креативност, корелација и интеграција со наставните предмети, воспитни компоненти, фер поддршка и фер промоција, успешно реализирана завршна ноќ, сето тоа ќе биде земено во предвид при изборот на најдобрите.

„По завршувањето Андерсеновата Ноќ сите пријавени институции ќе имаат рок од 30 дена да ни ги испратат своите кратки документарни филмови во кои ќе ја раскажат приказната за сѐ она што се работеше во изминативе месеци. Преку прилика за заедничко дружење на сите учесници, најдобрите ќе бидат наградени на почетокот на месец Септември 2017 година, но ние ќе направиме се што е во наша моќ за да придонесеме достојно да се испочитува секоја институција вклучена на нашиот повик”.

Учителката која работи со 8 дечиња во селото Ивањевци сега е заслужна за најинтересното доживување кое илјаданици дечиња од овие простори ќе го паметат долго време. Со оглед на тоа дека од оваа иницијатива единствената заработка е радоста на дечињата и задоволството на колегите кои со толкава љубов работаат на проектот, ние ѝ честитаме од срце.

Секое вакво придвижување во нашето образование заслужува почит.

loading...