Затворска корупција – Мобилен со интернет за 600, без интернет до 200 евра

1698
dav
Booking.com INT

Мобилен телефон со интернет, стар неколку години чини 600-700 евра, мобилен без интернет само за да се јавиш, чини околу 200 евра, телевизор 32 инчи 500-600 евра, душек половен 1.000 денари, мал замрзнувач 200 евра… ова се дел од цените во затворот Идризово за забранетите работи до кои доаѓаат затворениците.

Bitcoin Exchange CEX.IO

Недоволната кадровска екипираност на затворските службеници, нивната необученост и лошиот материјално-финансиски статус, непрофесионалноста изразена преку прекумерна употреба на сила и појавите на корупција се дел од причините за нехуман и несоодветен третман на осудени лица, според Извештајот во сенка за Поглавје 23 за периодот мај 2016 јануари 2018, изработен од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и Институтот за европска политика.

И Стејт департментот во својот извештајот за човековите права за земјава меѓу другото како најкритично го нотираше прашањето за тортура од затворските чувари.

Експертите велат во македонските затвори не владејат законите на Македонија, туку затворски закони, а корупцијата која не само што е незаконска, туку ги повредува и човековите права на затворениците во казнено поправните домови во земјава.

Во обид да дознаеме повеќе зошто постои корупцијата во затворите, новинарска екипа на МИА во втората сторија посветена на условите во кои функцонираат македонските затвори разговараше со затворската полиција и затворениците во Идризово и Шутка,при што добивме реиси идентични искази.

Од она што можевеме да забележиме е дека нискиот економски стандард, старите и дотраени униформи, недостигот на кадар, невреднувањето на ризикот со кој се соочуваат полицајците во затворот, се дел од причините за коруптивниот систем кој владее во казнено-поправните установи. Секако тука се испреплетува и криминогената структура на самите осуденици, за чие менување најважен е апскетот на нивната ресоцијализација.

Бизнисот со мобилни најисплатлив во КПД Идризово

Мобилни телефони, посета на затворскиот лекар и заболекар, фрижидер се некои од услугите кои затворениците од Шутка и Идризово ни кажаа дека можат да ги добијат во затворот по одредени цени.

Во разговорот за МИА велат дека корупцијата изминатите месеци е намалена, но не целосно искоренета. Сепак се уште некои поволности можат да ги добијат за одредена цена од вработените во затворот.

Ситуацијата со коруцијата во минатото била многу полоша, оценуваат тие. Сега состојбата некако е повеќе ставена под контрола, но сепак во затворот може да се купат одредени работи, од кои некои затвореник не смее да ги поседува.

Еден од затворениците со кои екипата на МИА разговараше во Идризово, таму е четири месеци. Три месеци минал во притвор. Отслужува казна за финансиски измами и тешка кражби.

Тврди вршел „услуги“ за вработени во МВР, од кои некои биле на високи функции за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Отворал фиктивни фирми, на кои се водел како директор и само го ставал својот потпис за активностите на фирмите, кои биле легално отворани, ама начинот на кој работеле излегувал од рамките на законот.

Осуден е на 15 години затвор во отсуство за финансиски измани и на пет и пол години за тешка кражба. Заедно со притворот веќе седум месеци е зад решетки. Сега за сите дела треба да одлежи вкупно седум години. Казната му истекува во 2025 година.

Сместен е во приемното одделение на затворот, за кое вели дека во моментот е најдоброто.

– Луѓето тука најмалку посегнуваат по неубави работи, прават најмалку сплетки, имаш повеќе можности да се ресоцијализираш и да најдеш работа кога ќе излезеш, вели нашиот соговорник.

Во приемното одделение во Идризово моментално има 68 осуденици, кои чекаат на третмат и сместување во некои од затворските крила.

Вели дека доброто поведение не се цени вистински. Повисоките кадри на затворот, вели ценат, но затворските стражари не.

– Нема да ти го земат мобилниот телефон, но за тоа си им должен појадок, ручек, вечера, кафе, сок. Не дај боже да ти се случи да ти побара лимон, банана, киви, а да немаш, нагласува нашиот соговорник.

Затвореникот за да добие третман, мора да мине 30 дена во приемно одделение. Среќа е да останеш во приемно и да добиеш некој ангажман. – Во затворениот дел е многу тешко. На некои од затворениците не им е дозволена посета додека не почастат некој од вработените во затворската служба. Станува збор за сума од 500, илјада денари, појаснува тој.

Претходно МИА во разговор со лица кои веќе отслужиле затворска казна дозна дека за каква било услуга во затворот затворски полицајци се удирале со раката по градите и велеле „Пестотини пати ти кажав дека…“ или „Илјада пати ти кажав дека…“.
Нашиот соговорник од Идризовово вели дека сега тоа повеќе не се случува.

-Тој човек двесте пати, петстони пати….сум ти кажал повеќе го нема. Префрлен е во арестанско одделени, додава тој и нагласува дека сегашните заповедници се многу почесни од претходнте.

-Тие што бараа огромни суми повеќе не се тука, не дека сега нема такви кои бараат, ама не се како претходните, да те стават во најлоши услови за да те натера да ги поткупиш, додава тој.

Вели во затвореното одделение ако те боли заб мораш да го почастиш командир за да те однесе на заболекар. Цената е петстотини до илјада денари да те однесе од врата до врата.

На затворениците пари им праќаат домашните. Нашиот соговорник вели дека може месечно да добиеш два пати по пет илјади денари и тие се чуваат во благајната на затворот.

Голем бизнис во затворот се мобилните телефони. Затвореник не смее да поседува мобилен, но повеќето имаат. – Тоа е нешто што не може да се крие, ако сака затворската управа веднаш ќе те фати. Сигурно имаат човек кој профитира од тоа. Обичен телефон кој може да послужи исклучиво за телефонски разговор чини најмалку осум илјади денари, вели тој и додава дека цената може да достигне и до 200 евра.

Кога ќе стигнат телефоните тие се делат, потоа може да бидат конфискувани од затворските служби, кои потоа повторно ги препродаваат, раскажува тој.

Клучот за капење го има еднаш еднаш неделно , како и другите затвореници. Вели ако имаш врски клучот можеш да го добиваш и почесто.

Два пати во месецот домашните му праќаат пакети со храна. Самиот си готви, бидејќи како што вели не е задоволен од затворската храна. На менито имаат риба, пире, грав, ориз, храна, која се јаде и надвор, ама вели дека проблемот е доставата.

-Храната се остава на улица, од кујната додека да се разнесе до одделенијата, се остава во картонски кутии на земја и треба некој да ја преземе. Додека да ги најдат тие што ја носат храната може да поминат 20 минути, ама во затворот има голем број мачки и некогаш се случува тие да ја пробаат храната пред затворениците. Можеби храната не е толку лоша, колку што е лоша испораката и нехигиенските услови, раскажува тој.

Поради тоа тој самиот си готви. Има решо и фрижидер. Фрижидерот го платил десет илјади денари. Вели дека тој ист фирижидер може да му го земат и потоа да го продадат во друго затворско крило.

Затворските служби не ја негираат корупцијата, но преземаат се за да ја искоренат

Заменик заповедникот во Идризово Алук Сали, кој е вработен во затворот околу 11 години вели дека таму коруптивни полицајци имало и дека тие случаи се решени со затвор.

Има колеги, рече тој, што лежат затвор, колеги кои се под истрага и за кои постои сомневање дека прават кримнал.

– Има случаи на корупција, но тие случаи се решаваат. Има колеги кои лежат затвор поради такви случаи, колеги кои се под истрага, за кои постои сомневање дека прават кримнал. Ситуацијата ја следиме и ако дознаеме и ако ни ги посочуваат со сигурност реагираме, вели тој.

Нагласува дека сепак корупцијата не е на нивото на кое тоа се пласира во јавноста. –Но дека има многу, тоа е само изговор од осудени лица кои не се задоволни од некои услови во затворот, рече Сали.

Вели дека имало случаи кога на два ката работел со околу 400 осуденици. – Сам не можете да му побарате пари на осуденик, бидејќи знаете дека сте во затворен простор, тука еден збор сите се ќе го дознаат во кус временски рок. Не велам дека сто проценти нема корупција, но работиме на тоа, доколку се согледа таков случај веднаш да изреагираме, нагласува Сали.

Иако затворениците имаат забрана да користат мобилни телефони, затворските власти не негираат тие псоедуваат мобилни.

-Затворениците имаат мобилни телефони, ги кријат, ако ги фатат не кажуваат дека се нивни. Секојдневно правиме претреси и секој ден наоѓаме по некој мобилен, имаме осуденици, кои соработуваат со нас, додава тој.

Над десет чувари се избркани од работа поради корупција, нагласи во разговорот за МИА заменик-директорот на Идризово Феми Јонузи.

Појасни дека лани 12 вработени од затворската полиција по разни основи ја напуштиле установата, а оваа година треба да ја напуштат уште 12 до 13 лица, а некои од нив се се поврзани со случаи на корупција. Некои од нив се избркани поради тоа што се фатени како сакаат да внесат мобилни телефони во затворот.

Четири до пет од нив издржуваат казна затвор за корупција, а еден, како што дозна МИА за време на посетата на затворот Шутка, казната ја отслужува во таа казнено-поправна установа.

Негираат дека дилањето дрога оди преку вработени во затворот и велат дека тоа се случува преку пакетите, кои им се праќат на затворениците, понекогаш дрогата се фрла и преку затворскиот ѕид.

Имало случај кога било фатено лице како преку ѕид во затворот фрла одредени работи, меѓу кои мобилни телефони, кои потоа се препродаваат во затворот. Истрагата сега за таквите случаи ја води МВР, додаваат од затворот.

Затворската управа на Шутка вели дека успешно се справува со корупцијата меѓу затворските службеници, велат навремено реагираат на секој сомнителен случај. Имало наоди за одредени случаи на корупција, но како што појаснија има насоки, како да се преземаат мерки со цел оваа појава да се сведе на минимум.

Можноста затворениците да ги поткупуваат вработени во затворот Шутка за да добијат одредени погодности, според затворската управа е сведена на минимум, бидејќи како што појаснуват храната е на високо ниво, просториите кога е студено соодветно се затоплуваат, се почитуваат стандардите за седум часа слободно движење за време на викенд, годишниот одмор.

Според, Управата на затворот Шутка, имало еден случај на корумпиран припадник на затворската полиција. Тој бил ставен во притвор и добил ослободителна пресуда.

Во затворот има 103 униформирани полицајци кои се грижат за безбедноста.

Условите на затворските полицајци, причина плус за корупција во затворите

Не може да се гарантира дека нема коруптивни полицајци, вели Сали во разговор за МИА, но ги потенцира и лошите услови во кои работат затворските чувари.

Во затворот има вработено 254 лица, а 184 се униформирани полицајци. Тоа е еден полицаец на 200 затвореници, а најмала бројка според законот е еден затворски полицаец на осум затвореници.

До 31 јануари 2018 година во КПД Идризово, најголемиот затвор во земјава, биле сместени 1.786 осудени лица, а по амнестијата бројката се намалила на 1.357, заклучно со 11 април, од кои 102 се во бегство.

Во разговор со полицајците дознавме дека просечната плата е околу 13.500 денари и дека со прекувремените часови доаѓаат до сума од 18.000 до 22.000 илјади денари во зависност и од стажот.

Тие се жалат дека не се третирани како сите полицајци во МВР, иако ги имаат истите овластувања и многу поризична работа. Мора да обезбедуваат околу 40 лица со доживотни казни и осуденици за секакви други дела.

Велат еден полицаец надвор со осуденик работи два до три часа, од суд во притвор, тој потоа доаѓа во затвор.

– Ние сме 12 часа околу нив. Јас не ги осудувам затворениците, нив ги осудува судот, но сепак станува збор за лица, чие однесување е поинакво од однесувањето на еден стабилен човек, кој не направил криминал. Првиот ден кога дојдов мислев дека повеќе нема да работат тука, дека нема да се вратам, но останав, вели Сали, кој е дипломиран детектив.

Поради оваа алармантна состојба со чуварската служба од Идризово бараат да се вработат најмалку 35 нови полицајци, за што како што ни кажа заменик-директорот Јонузи веќе испратиле барање до Министерството за финансии.

Тој додаде дека се поднесени се тужби за неисплатени прекувремени работни часови на затворските полицајци. На суд добиле околу 25 милиони денари, а има и втора група која тужи и тие, како што рече Јонузи ќе добијат околу 25 милиони денари.

Одговорноста за условите во кои работи затворската полиција ја препишуваат на претходното раководство, а се надеваат дека доколку се одобрат новите вработувања ќе можат поефикансно да се посветат на обезбедувањето на осудените лица и спречувањето на корупцијата во затворот.

Скопје, 1 мај 2018 (МИА) – Борис Куноски, Ана Цветковска

Booking.com INT Bitcoin Exchange CEX.IO
loading...