Зошто е добро на децата да им се читаат класични приказни (дури и кога тие се страшни и сурови)?

3878

Класичните бајки се прекрасни. Класичните бајки се брутални. Кога би ги читале во оригинал, без да бидат прераскажани и моделирани, би откриле прилично суров свет.

Првите бајки ги напишал италијанскиот писател Џамбатиста Базил во почетокот на 17 век. Тоа биле оригинални верзии на приказните кои денес ги знаеме како Црвенкапа и Пепелашка. Тие, исто така, биле поагресивни и сексуално поексплицитни од поновите верзии кои ги напишале браќата Грим и Шарл Перо. Овие последниве приказни ги направиле подостоинствени, а Дизни потоа ги “испеглал” и ја нагласил убавината, бајката, правдата, љубовта, и “живееја среќно.”

Многу родители се прашуваат дали треба на децата да им ги читаат тие застарени, понекогаш застрашувачки приказни кои на прв поглед немаат никаква врска со модерниот живот и иднина.

loading...

Психолозите ќе кажат – да, се разбира. Денес, можеби повеќе од кога и да е, би требало тие приказни одново да се повторуваат.

Важноста на запознавање и признавање на архетипови

Принцези и принцови, кралици и кралеви, вештерки, ловци, херои, витези, старици, итреци, дворските шутови … сите се архетипови кои постојат во речиси сите култури и антички, митолошки приказни кои се пренесувале усно со генерации. Според дефиницијата архетиповите се вродени модели на мислења, чувства и дејствија кои настанале како резултат на наталоженото вековно искуство од многуте генерации на предците. Архетипот е основна структурна и динамична единица на колективното несвесно, а неговата функција е на индивидуата да му олесни справување со животно важни, кризни ситуации. Со други зборови, архетиповите во нашата потсвест вршат моќно влијание врз нас и претставуваат конкретни програми со кои се соочува секој човек, сакал или не, веќе од моментот на раѓањето.

Децата потсвесно ги прифаќаат архетиповите од бајките и сакаат за нив да слушнат и сакаат да ги запознаат, бидејќи токму ликовите од бајките ги отелотворуваат архетипските фигури. Покрај нив, исто така, тоа го прават разни митолошки фигури, богови, херои, поп/рок ѕвезди, популарни актери и други уметници, духовни, политички и религиозни лидери, филмска, модна, музичка, рекламна индустрија и маркетинг.

Учење за доброто и злото и емоционалното празнење

Насилството во бајките секогаш е содржано во задоволителна структура со пресврт на страната на доброто и потребниот среќен крај. Во бајките, доброто и злото се секогаш строго и целосно одвоени. Во бајка нема сиви области, нема релативизација на злото. Изгледот на негативецот му овозможува на детето слободно да ги проектира своите агресивни чувства врз овие зли ликови. Детето не е во можност да го изрази својот гнев или незадоволство директно кон возрасните од кои зависи, па бајките му обезбедуваат можност да ги насочи негативните чувства на персонифицираниот негативец – вештерка, волк или маќеа.

Исто така, со оглед на тоа дека доброто и злото се толку строго одвоени, детето може да се идентификува со добриот јунак или хероина, но, исто така, и со угнетуваните, малите и слабите. Со обесправените и неправедно угнетените ликови детето учи емпатија, но, исто така, многу важен момент – дека е можно да ги надмине сите пречки и покрај малите шанси да се победи самиот себе и сите неволји, со цел да успее во нешто. На кратко, бајките овозможуваат и изразување на вродена агресивност и негативност, а во исто време го чуваат важниот дел од животот, без кој детето не може да напредува: надеж.

Можеби најважниот дел од бајките за секое дете е пресвртот во кој доброто триумфира над злото. Малото дете кое е беспомошно во светот и целосно зависно од негата и грижата на возрасните чувствува крајно задоволство кога ликот од бајката кој, исто така, се чини малечок, беспомошен и зависен, успева да победи во суровиот свет многу посилен противник.

Градење на доверба и чувство на сигурност преку читање бајки

Самиот факт дека возрасна личност на децата им чита бајка, која детето истовремено ја сака, но и се плаши затоа што возрасната личност е авторитет, му помага на детето да ги смири тие две чувства и да здобие чувство на смиреност и безбедност. Бајките се читаат во безбедноста на родителскиот дом, родителскиот глас делува смирувачки, а текстот кој детето го слуша е полн со повторување и познати контексти, кои, исто така, на детето делуваат утешно, му ги минимизира стравовите и ја развива отпорноста преку имагинацијата.

Развојот на имагинацијата и критичкото размислување

На сите им е добро познато дека бајките и приказните ја развиваат детската фантазија, но ретко се зборува зошто е тоа важно. Тоа е важно, бидејќи развојот на имагинацијата, способноста на визуелизацијата и креативноста можат да го утврдат видот на образованието, кариерата и квалитетот на животот кои детето еден ден ќе ги има. Преку бајките децата учат голем број нови ситуации и емоции – среќа и тага, примање и давање, правда и неправда, надеж и очај, тешкотии и леснотии на животот, проблеми и начини за нивно решавање. Често на детето токму бајките ќе му помогнат да го развијат своето критичко размислување. Тие ќе поставуваат многу прашања и ќе се интересираат зошто некој лик не постапил спротивно, ќе ја преиспитуваат одлуката на својата омилена принцеза, ќе се обидуваат да пронајдат различни решенија за одредени настани во приказната. Децата учат дека многу одлуки во животот имаат сериозни и штетни последици, па развиваат и чувство на одговорност, учат да размислуваат и да развиваат интуиција.

Сето горенаведено сигурно се добра причина да го седнете вашето дете во скут, да ги земете Снежана, Малата сирена или Марица и Ивица и заедно преку читање да учите за светот и за себе.

Алберт Ајнштајн бил во право: “Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки”.

Подготви педагог Виолета Крстевска Васиќ

loading...