ИНТЕРВЈУ | Жил Беф, професор на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“

378

Жил Беф е француски научник кој е познат по своите истражувања на биодиверзитетот и особено животот во океаните.

Професор е на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз, каде спроведува истражувања во одделот за „Интегративна биологија на морските организми“. Секоја година одржува и по стотина јавни предавања, поради што е познат како „Господин биодиверзитет“.

Има две теми на интерес – партиципативните науки  каде граѓанинот  треба повеќе да учествува во науката и научните истражувања, и биомиметизмот или земање инспирација од живиот свет каде сите проблеми, вели, се решени веќе повеќе милијарди години.

loading...

Тој беше дел од советодавниот тим на француската министерка за животна средина Сеголен Ројал за која вели дека е најзаслужна што договорот постигнат на  21. Конференција на ОН за климатските промени во 2016 година за кусо време беше потпишан од многу земји. На светскиот самит за климата, на кој учествуваа шефови на држави и влади од околу 200 земји заедно со граѓанското општество, беше постигнат меѓународен договор кој што треба да овозможи глобалното загревање на планетата да се ограничи на помалку од 2 степени Целзиусови. Беф е и член на Меѓувладиниот панел за климатски промени GIEC – водечко меѓународно тело за проценка на климатските промени,  кое е воспоставено од програмата за животна средина на ОН  и од Светската метеoролошка организација – WMO

Со задоволство посочува дека последните два извештаја на GIEC се посветени и на биодиверзитетот. Во рамките на КОП 21 првпат повторно се проговори за океанот, тема која што, вели, во изминатите 20 години беше заборавена, а тука ја гледа и неговата улога да се проговори за океанот и животот, како и тоа што најновиот извештај на GIEC ќе биде посветен токму на океанот.

Какви се проценките за состојбите со живиот свет во океаните?

– Океанот од аспект на биодиверзитетот им дава три вида погодности на луѓето. Тоа е риболовот. Да се лови риба е добро, но не треба да се претерува до нејзино истребување. Втората погодност е аквакултурата  односно како да се култивира, да се обработува океанот. Таа беше измислена во Египет и Кина пред шест илјади години. Значи земјоделството  се појавило пред 12 илјади години, а обработката на океаните пред шест илјади години. Денес се појавува истиот проблем. Што е тоа што можеме да го култивираме, а притоа да не го уништиме океанот. Третиот дел се фармаколошките, односно медицинските молекули кои се вадат од растенијата од океанот. Во медицината и во козметиката се користат некаде околу 25 илјади видови молекули, како за борба против ракот, за подмладување, за стимулирање на имунитетот итн. Тука е тој интерес за човештвото да се сочува биодиверзитетот во океанот.

Океанот е жив организам, а климата е под силно влијание на океанот, но само доколку океанот е жив. Ако го уништиме животот во океанот тој не може веќе да ја регулира климата. Значи, ако тргнеме од 1784 година, пет години пред Француската револуција, Џејмс Ват ја има измислено парната локомотива која прво користела јаглен, а подоцна нафта. Оттогаш почнува испуштањето на стакленички гасови во атмосферата. Фактички таа топлина, таа енергија што се има ослободено 90 проценти е заробена во океаните. Значи, глобалното затоплување не се случува во атмосферта, туку во океаните. Првите три метра вода го имаат заробено најголемиот дел од таа енергија. Океаните, исто така, го фиксираат (го врзуваат во себе) 26 проценти од јаглеродниот диоксид (CO2) што човекот го ослободува во атмосферата. Заробувањето на овие 26 проценти на СО2  во океаните е добро за атмосферата, бидејќи постигнуваме да го има помалку во неа, но откако тој ќе биде заробен во океанот поради хидрофилноста во водата се создава една слаба киселина, која на некој начин доведува до нов проблем, а тоа е закиселување на океанот.  Значи, ако може да извлечеме поука, може да се каже дека ако имаме здрав океан којшто е заштитен, тогаш ќе имаме здрава клима.

Како да се заштити океанот? Кои се механизмите и препораките на науката  да се заштити живиот океан и колку КОП 21 може да помогне во тоа?

– Прва работа е да се ограничи ловењето риба онолку колку што океаните може да произведат. Како пример, 90 проценти од рибниот фонд со којшто располага Медитеранот се оди на претерано ловење риба. Ние имаме една голема програма како да се спаси медитеранското море заедно со сите земји кои се наоѓаат покрај брегот на Медитеранот. Во однос на риболовот се знае како може да се ограничи пристапот, но тоа треба да се примени. Во однос на аквакултурите, во ред е да се произведуваат алги, ракчиња, како и риби кои не се месојадни односно кои се хранат со растенија во океанот. Друг проблем е секако поморскиот сообраќај, бидејќи најевтино е трговската стока да се пренесува преку океаните. Така што 80 проценти од целиот транспорт на стока се одвива преку морињата. Во овој контекст имаме програма што ја водиме со Унијата на бродосопственици со цел бродовите коишто се користат за транспорт на стока да користат помалку нафта заради помалку емисии на стакленички гасови, но и да не се исфрла отпад во самите мориња.

Исто така, најголем проблем околу океаните е загадувањето на морињата. Се разбира тука се има предвид човечкото присуство на крајбрежјето. Шест проценти од населението во светот живее покрај морињата  и крајбрежјето се уништува. Повеќе се експлоатира затоа што факторот човек е тој којшто ги загадува морињата.

Свое влијание имаат и бродовите танкери коишто пренесуваат нафта, а уште еден аспект е подигнувањето на нивото на водата во океаните. Во последниот извештај беше наведено дека нивото на морињата до 2100 година можеби ќе се подигне за еден метар, а сега сме на два метра. Тоа е затоа што ледот што е на Арктикот побргу се топи, а сега почнува да се топи и ледот на Антарктикот. Токму од тие причини океанот има централна улога околу сите прашања кои се однесуваат на климата и биодиверзитетот.

Дали ратификацијата на договорот од КОП 21 меѓу кои се и неколку велесили како Кина и САД дава надеж дека ќе се промени нешто во однос на третманот на загадувањето и сите работи кои влијаат на животната средина?

– Да, дава надеж затоа што на пример договорот од Кјото беше потпишан за три години, а договорот од КОП 21 за десет месеци. Обама во САД и Кина доста ни помогнаа. Со Индија одеше малку потешко. Инаку африканските земји доста бргу го потпишаа. Овие земји прават мали емисии на стакленички гасови, но од друга страна трпат големи последици од глобалното затоплување затоа што во загадувањето на океаните 20 проценти доаѓа од самите бродови, но 80 проценти од  луѓето што живеат во крајбрежјето. Да го земеме примерот на Кина. До пред десет годни беше незамисливо Кина да потпише нешто такво, но денес и тие се соочуваат со проблемот на загадувањето и од тие причини му пристапија на договорот. И вие во Македонија очекуваме да го потпишете, но верувам дека се уште тоа не е сторено поради случувањата во политиката. И во случајот со Чиле се случува промена на претседател, инаку не недостасува желба тоа да се направи. Значи, секоја земја ни ги испрати своите намери на некој начин за тоа колку можат да го редуцираат користењето на јаглен и нафта. Доколку овие намери се аплицираат сето тоа нема да биде доволно бидејќи затоплувањето би било три до четири степени. Ние си поставивме таргет да има максимум до два степени загревање. Јас сметам  и кажав дека тоа не е добро бидејќи во случај на загревање од два степена тотално ќе исчезнат коралите, а тоа е една третина од биодиверзитетот во морињата. Значи би требало да биде 1,5 степени. Тоа би било најдобро и кон тоа се стремиме, но она што треба на читателите да им се објасни е дека климата на земјата од секогаш се менувала, но проблемот е што никогаш немало толку брзи промени како што е случајот сега.

Имено, кога се менува климата се создаваат нови видови, но потребно е време за да се создадат тие видови. За споредба пред 22 илјади години температурата беше за четири степени пониска, а морето беше 125 метри подоле. Ние, пак, само за период од сто години ја зголемивме температурата за 1,2 степени повеќе, а нивото на морињата е покачено како никогаш досега. Во секој случај, тоа е проблем за земји како Бангладеш, за Медитеранот исто така каде на луѓето им се вели да се повлечат од крајбрежјата. Според науката, климата на земјата се менувала на секои 50 илјади години, а тука се случуваат промени во неколку десетици години, што е доста застрашувачки. Од аспект на биодиверзитетот тука често се говори за исчезнување на одредени видови термин што мене лично не ми се допаѓа. Она што би можело да се каже е дека во еден мал временски развој половина од сите видови исчезнуваат.  Во секој случај луѓето говорат дека поради климатските промени имаме видови коишто исчезнуваат. Но, тоа не е точно. Има четири видови фактори коишто влијаат на уништувањето на природата на кои се додаваат и климатските промени.

Она што исто така треба да им се објасни на читателите е дека не станува збор за политички ставови, туку се работи за доброто на човештвото. Ми велат дека сакам да ја спасам планетата, но јас сакам да го спасам животот на човекот и неговата добробит на самата планета. Планетата ќе продолжи да постои, но човекот веќе нема да биде тука.

На што се должи вашиот оптимизам во однос на намалувањето на загадувањето на планетата имајќи предвид дека и со исполнување на поставените цели за намалување на емисијата на стакленички гасови од страна на земјите потписнички на КОП 21 сеуште не е достижна бројката од барем два степени загревање?

– Да и покрај се она што го кажувам јас сум оптимист бидејќи секој напор е во насока на намалување на загревањето.

Во рамки на КОП 21 новина е тоа што по првпат се споменуват приватни компании и нивен ангажман во намалувањето на климатските промени односно справувањето со загревањето?

– Да, компаниите сфатија дека нема да можат да водат бизнис доколку климата се влоши. Јас верувам во науката, во технологијата, но под услов да не сметаме дека таа ќе не спаси. Технологијата ако ја сочува совеста ќе не спаси. Верувам и во приватните компании, но сепак  имам малку сомнеж кон мултинационалните компании. Тука е и невладиниот сектор. Треба да се отвори дебатата кон граѓанското општество. На крајот е државата која е тука не за да ја влоши ситуацијата, туку за да ја олесни. Државите што ги контролираат мултинационалните компании всушност не е нешто што функционира.

Јас, исто така, не верувам и во раст на економијата во недоглед во еден свет кој е ограничен. Она за што се залагам е дека треба да се искорени онаа економија која е фокусирана на брза заработка на пари притоа уништувајќи ја или претерано експлоатирајќи ја природата. Од тие причини многу верувам во партиципативните науки и во биоинспирацијата.

Кои се препораките за човештвото?

– Треба да имаме скромност. Човекот е арогантен, особено машкиот дел од популацијата за разлика од жените, но  од друга страна и жените ги сакаат парите исто колку што и мажите. Значи потребно е споделување, почитување на другиот односно повторно да се пронајде хармонијата со природата. Многу верувам во тој спој на технологија, филозофија и наука. Треба повторно да се пронајде вкусот на хармонијата затоа што денес сме водени од вкусот на капитализмот, од желбата за подолг живот, но ние нема да живееме подолго. Сакам да кажам дека и ние сме дел од природата и дека треба да престанеме да ја уништуваме, оти со тоа си наштетуваме самите на себе. Тоа е мојата борба во Франција и насекаде во светот.

Кој ќе ги предводи промените со цел да се постигне таа посакувана хармонија со природата?

–  Потребна е совест за човештвото, а денес воопшто ја немаме. Потребна е планетарна совест. Ги забораваме луѓето кои се несреќни таму некаде на друго место. Затоа и доаѓаме до таков тип гласање во демократски земји кои се сосема налудничави. Забораваме на голем дел од луѓето. Затоа верувам во тој спој на сите можни дисциплини – математика, физика, биологија, екологија, социологија, антропологија, па и филозофија. Верувам многу и во образованието на децата без да ги заборавиме и девојчињата. Затоа што кога Талибанците дојдоа на власт во Авганистан нивна прва мерка беше девојчињата да не  одат во училиште. Тоа се доста суштински демографски прашања.

Виолета Геров

loading...