Интервју | М-р Ели Маказлиева, автор, поет и писател за деца

2052

СЕ СЕЌАВАТЕ ЛИ НА ВАШАТА ОМИЛЕНА КНИГА ОД ДЕТСТВОТО?

По повод Светскиот ден на литературата за деца – 2 април, Кукурику.мк разговара со м-р Ели Маказлиева, писател, чиј најголем дел од творештвото е посветено на децата.
Маказлиева е долгогодишен уредник на изданија за деца, a пред неколку години ja oснова издавачката куќа ЕДУКА МАК, која е специјализирана токму за литература за деца.

Маказлиева е авторка на 40 стручни трудови, 13 учебници, 7 поетски книги, 27 поетски сликовници, едукативни прирачници и други книги.

loading...

За специфичноста да се пишува за децата, за состојбата на литературата за деца кај нас, за издавачката дејност и за престојниот Меѓународен саем на книгата, проговоривме во ова наше интервју.

Светот на различни начини го прославува и одбележува Светскиот ден на литературата за деца. Имаме ли во Македонија, некаков позначаен централен настан за одбележување на овој важен ден за децата, за литературата и за оние кои ја создаваат?

Колку што сум информирана овој ден во Македонија го одбележуваат библиотеките, основните училишта и некои издавачки куќи. Но заради празничниот и неработен ден (недела) некои книжарници беа спречени да организираат настани за одбележување и покрај големата желба да се организираат средби на писатели за деца со децата-учениците. Денес слават и авторите и илустраторите на книгите за деца
Денес, секој може да се потсети на некоја книга од своето детство или на книга која била прочитана од страна на мајката, таткото, учителката, бабата, дедото….на мигот кога малите прстиња ја прелистувале омилената сликовница со илустрации, или на мигот кога го слушал мекиот кадифен глас лежејќи во родителската прегратка, пред заспивање.

Денес, спомнете си за книгата, сите кои ги сакате децата, и кои ја сакате книгата, и сите кои сакате да ја пренесете таа вдахновена љубов кон пишаниот збор на идните генерации.

Како автор, би ве запрашале зошто е специфично да се пишува за деца и што е најважно во создавањето на таквиот специфичен жанр?

За да се пишува за децата најбитно е да се познава детето, неговите потреби и желби, неговите карактеристики и особини, неговата психа….

Специфичноста се одразува во тоа што писателот треба да се врати назад во своето детство или пак да научи сѐ за детето, што не е толку лесна и едноставна работа.

Како дознавате за одредено дело, дали добило барем преодна оценка од страна на најстрогите и најискрените критичари-децата?

На децата им е важно она што го читаат да биде разбирливо за нив. Ако писателот го изгуби тоа од предвид, може да се случи да не биде читан односно да не биде прифатен од детето. Треба мислата да тече низ стиховите. Писателот мора да има во обѕир дека секој стих подучува, но ако поуката се нагласува, децата нема тоа да го прифатат. Ако поуката природно извира од зборовите и е ненаметлива, тогаш сме ја постигнале целта.

Од аспект на педагог, кажете ни кои услови треба да ги исполни една песна и како сите тие да се задоволат за на детето да му понудиме квалитетен книжевен продукт?
Поезијата за деца понекогаш се третира дека е многу лесна, едноставна, со детски јазик напишана…А всушност пишувањето за деца е чиста дарба и пред се творечки чин, понекогаш е и патување низ невозможното или надреалното, утопиското.

Модерната поезија за деца изобилува со имагинација, доста хумор, но и со нагласена сентименталност. Таа бара поетот да не се одвои ни миг од светот на децата. Песната е патување на духот.

Песната треба да е слободна, нејзиниот извор е играта, со силен интензитет на визијата, изворноста и обликувањето на стихот. Со бојата на тонот, ритамот и римата, музикалноста на зборовите кои раскажуваат на начин како што раскажува и разбира детето-слободно, својствено на возраста.

Како авторот оценува за која возрасна група ќе биде одредена содржина имајќи предвид дека деца со иста возраст, различно се развиваат?

Светот на детето е толку едноставен, исто колку што е и сложен. Кај децата од предучилишна возраст, стихот е краток, најчесто римуван заради полесно запомнување, певлив, зборовите се кратки, јасни. Интерпретацијата на зборовите содржи хумор и така се создава еден вид игра.

Но различни се децата. Некои деца понекогаш не сакаат само игра, туку бараат сознавање, нови откритија, текстот да му нуди и целосна слика, претстава и визија за светот. Тогаш авторот создава еден волшебен сплет на музика, ритам и рима низ стихови, сјајна комбинаторика со вградена силна хумористична структура.

Леснотијата со која се создава песната за децата од страна на поетот, кој знае да ја напише, всушност е – со малку зборови да се каже многу…

Кое е значењето на илустративниот приказ во книжевноста за деца?

Секоја книга за децата препорачливо е да содржи илустрации. Затоа што децата читаат од илустрацијата. Оној мисловен процес кој кај возрасните се создава читајќи од текст, кај децата се создава читајки од илустрација. Токму затоа илустрацијата игра огромна улога во создавањето на една книга за деца. Но, не секоја илустрација која понекогаш е само декор, туку онаа добра илустрација која е во функција на текстот, која зборува наместо текстот, која соодветствува на возраста на детето, со живи бои и приказ на дејство, динамичност, а не статичност.

Каква е состојбата на литературата за деца во Македонија од Ваш агол?

Денес често се зборува за недостаток на писатели во македонската литература за деца, надарени, вистински писатели за деца, чии дела претставуваат уметност, а се блиски до децата… Но таа состојба чинам се подобрува во последно време, иако се чувствува од време на време како да стои на стаклени нозе, но јас сум оптимист и мислам дека одиме во подобра насока од овој аспект.

Интересот за пишување кај младите автори ми го свртува сѐ повеќе вниманието кон песните и расказите за деца и мислам ако се профилираат добро, во Македонија може да се создадат многу добри писатели за деца. Бидејќи го уредувам месечното списание за деца „Супер Смешка“, често добивам стиховни и прозни сочиненија од многу млади и потенцијални автори и тоа дава надеж дека можеме да очекуваме нови и многу повеќе писателски имиња кои творат за децата.

Утре свечено ќе биде отворен 29 Меѓународен саем на книгата во Скопје. Што ќе понуди ЕДУКА МАК за читателите наредниве седум дена?

Одговор: Издавачката куќа ЕДУКА МАК како специјализирана за издавање литература за деца (бидејќи и не објавува друго освен литература за деца) ќе понуди наслови со намалени цени, но и сосема нови, ексклузивни изданија, кои деновиве излегоа од печат и за кои се закажани промоции во Промотивниот центар во хала 2. Освен секојдневните промоции оваа година за прв пат децата ќе можат на забавен начин да го поминат времето во ДЕТСКОТО КАТЧЕ, каде што ќе се одржуваат интерактивни активности, креативни работилници, натпревари и многу други изненадувања за децата во организација на ЕДУКА МАК.

На работилниците се предвидуваат различни активности (играње, пеење, свирење на инструменти, цртање, боење, читање, слушање и раскажување). Најдобрите ќе добијат диплома за постигнатите резултати. За децата ќе има едукација, многу награди, дружба, смеа и забава.

Кои се вашите очекувања од годинешниот саем, како автор?

Како и секој автор кој со нетрпение го очекува саемот на книгата, така и јас се радувам на овој најголем празник на книгите. Две мои нови книги ќе бидат промовирани и очекувам многу посетители и се разбира голем интерес од посетителите. Инаку да се биде на саемот на книгата значи да се нахрани душата, да се проба радоста во тивката прошетка со нескротлив поглед кон изворот од кој сакаме да се напиеме и да ја изгаснеме жедта……Таа голтка нѐ освежува и развеселува, нѐ опаметува и храбри, спознава и запознава, не` богати и бодри, нѐ исполнува. Благодарение на таа голтка создаваме сопствен универзум, сопствен број, сопствено „јас“ во длабочината на душата.

loading...