Ирена Мишева | Претседател на Советот на Град Скопје

981

Г-ѓо Мишева, колку од планираните проекти Градот Скопје успеа да ги реализира во 2016 година и ако може накратко да ни кажете кои?

– Како претседател на Советот на Град Скопје, морам прво да го изразам своето задоволство од досегашната работа на Советот на Град Скопје, за што говорат 75-те одржани редовни и двете вонредни седници за периодот од локалните избори во 2013 година, до денеска.

Во периодот од конституирањето на Советот на Град Скопје по локалните избори во 2013 година, сите негови членови работеа напорно со единствена цел, застапување на интересите на граѓаните на Скопје. Нашата работа во овој период беше во насока на подобрување на работата на Град Скопје, неговите јавни претпријатија, културните институции и средните училишта, како и подобрување на квалитетот на услугите кои тие ги нудат на граѓаните. Во овој период беа донесени многу одлуки, програми, стратегии и акциски планови кои имаат суштинско значење за граѓаните на Скопје.

loading...

Така, Советот на Град Скопје во текот на 2016 година даде поддршка за реализација на многубројни важни проекти, особено од областа на уредувањето на просторот, а потоа и за збогатување на зеленилото, за заштита на средината, за развојот на туризмот, културата и спортот и за сите други области во кои Градот Скопје има надлежност.

Сакам да ја истакнам и одличната соработка со администрацијата на Град Скопје и со градоначалникот Коце Трајановски. И јас, како и градоначалникот Трајановски, сум особено горда на успешната реализација на проектите на Град Скопје кои се реализираа во 2016 година, а кои се особено значајни за граѓаните. Накратко ќе ги споменам следните проекти: изградивме нов водоснабдителен систем во општината Шуто Оризари, го изградивме најголемиот кружен тек во Скопје, меѓу улиците „16. Македонска бригада“ и „Коце Металец“, во Автокоманда, ја проширивме улицата „Маџари“, на потегот од крстосницата со улицата „Јужноморавски бригади“ до улицата „Палмиро Тољати“, булеварот „Партизански одреди“ го пробивме до црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, ги изградивме велосипедските патеки од Рутата 1 од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ што ја поврзаа Гази Баба преку центарот на градот со Карпош, за потребите на администрацијата набавивме електроавтомобил, електроскутери и електровелосипеди и ја потврдивме заложбата на Градот Скопје за одржлив транспорт и движење со нула емисии на штетни гасови, во Аеродром уредивме нов парк на површина од 100.000 метри квадратни, а на јавните зелени површини, во парковите и во дрворедите засадивме над милион дрвја.

Кои ќе ви бидат приоритетите во наредниве месеци?

– Советот на Град Скопје ја продолжува својата редовна работа, а приоритет на седниците ќе биде донесувањето на програмите за работа на секторите на Град Скопје и на јавните градски претпријатија.

Како и досега, Советот на Град Скопје ќе ја дава својата поддршка за дореализација на проектите што се во тек во градот Скопје, како и на новите проекти што се планирани за во 2017 година. Во годинава што е пред нас ќе се довршат голем број проекти што се во тек: проширувањето на вториот дел од булеварот „Трета македонска бригада“, изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Бутел, проширувањето на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во делот на Чаир, првата фаза од проектот за проширување и реконструкција на булеварот „АСНОМ“, проширувањето на булеварот „Србија“ кон Кисела Вода, проширувањето на третиот дел од булеварот „Борис Трајковски“, изградбата на велосипедските патеки од Рутата 2 од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ и многу други проекти што ќе го збогатат урбаното живеење.

За многу други проекти во текот на оваа година ќе се изработува потребната проектна документација, а некои ќе почнат да се градат на терен.

Колку Градот Скопје вложува за побезбедно одвивање на сообраќајот во градот и за подобрување на сообраќајните текови?

– Во текот на изминативе години Градот Скопје вложи многу труд и понуди квалитетни решенија за побезбедно одвивање на сообраќајните текови. Тоа е јасно видливо преку изградбата, проширувањето и обновата на градските сообраќајници, изградбата на кружни текови, обновата на мостовите, градењето натпатници и велосипедски патеки, обновата на тротоарите и пешачките патеки. Градот Скопје поеднакво вложи во зголемувањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а според плановите што се содржат во Буџетот за 2017 година во истата насока Градот Скопје ќе продолжи и натаму.

Факт е дека Скопје забрзано расте и се развива, а бројот на жители и на посетители секојдневно се менува. Токму поради тоа, сметам дека од голема помош е воведувањето на адаптивната контрола на сообраќајот. Градот Скопје е еден од првите градови во Југоисточна Европа кој има вакво, централно регулирање на сообраќајот. Овој систем почна да работи во 2013 година, кога беше отворен Центарот за управување и контрола на сообраќајот. Неговата цел е прибирање податоци за сообраќајот во реално време, управување со семафорскиот систем, визуелно набљудување на сообраќајот, давање приоритет на возилата од јавниот градски превоз и информирање на возачите. Со реализацијата на овој проект се намали времето на патување и времето на чекање на крстосниците, се намали загадувањето на животната средина и потрошувачката на гориво, а се зголеми комерцијалната брзина во јавниот транспорт.

За побезбедно одвивање на сообраќајот значајно е да се спомене формирањето нови и обновата на постојните семафоризирани крстосници, како и поставувањето сообраќајни знаци на градските улици и булевари.

Што презема Градот Скопје за да се намали загадувањето на воздухот?

– Знаете, проблемот со загадувањето на воздухот е проблем кој не засега сите и треба сите поеднакво да се вклучиме во справувањето со овој предизвик. Во моментов само Градот Скопје е ангажиран за намалување на загадувањето на воздухот, а мора да се знае дека сите општини во Република Македонија имаат исти ингеренции во оваа област. Според тоа, обврската за преземање мерки за заштита на воздухот од загадување не е само на Град Скопје, туку на сите 17 општини од Скопје и од скопскиот регион.

Во справувањето со овој проблем треба да се вклучат сите општини од Скопскиот плански регион, како и сите надлежни државни институции. Само на тој начин може да очекуваме позитивни резултати.

Пред крајот на 2016 година пред граѓаните го претставивме Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопскиот регион и Краткорочниот план за квалитет на воздухот во Скопскиот регион што ги изработија Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање. Според овие планови, во Скопје и скопскиот регион најголемото загадување со ПМ10 честички во воздухот потекнува од загревањето на домаќинствата, и тоа со 32 отсто. Потоа следуваат, сообраќајот со 20 отсто, прашината создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности – 19 отсто, индустријата – 18 отсто, сулфатните соли – 7 отсто, нитратните соли – 2 отсто и прекуграничниот пренос на загадувачки супстанции – 2 отсто.

Овие сознанија јасно предочија од каде потекнува најголемото загадување со ПМ честички во воздухот и ќе помогнат стручните служби во Градот Скопје да ги насочат активностите и вложувањата во најпроблематичните области. И советниците во Советот на Град Скопје се особено заинтересирани за прашањата поврзани со заштитата на животната средина и ги поддржуваат понудените квалитетни решенија.
Сакам да нагласам и дека Градот Скопје континуирано презема мерки за намалување на загадувањето на воздухот. На граѓаните им се познати овие мерки, некои од нив имаат краткорочни ефекти, а некои долгорочни.

На пример, градските улици се прскаат со калциум магнезиум ацетат, еколошкото средство за контрола и намалување на ситната прашина, воведен е посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила, воведен е бесплатен автобуски превоз за повозрасните граѓани, за средношколците и за други граѓани, тече постапката за издавање Б – интегрирани еколошки дозволи и Елаборати за заштита на животната средина, градските инспекциски органи вршат редовни контроли на инсталациите, на граѓаните им доделивме 196 субвенции за купување печки на пелети и многу други мерки на кои работат стручните служби на Град Скопје.

Во Буџетот за 2017 година предвидени се околу 5,5 милиони евра за конкретни мерки и активности кои ќе придонесат за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух во Скопје. Како најважни активности кои Градот Скопје ќе ги реализира во текот на оваа година ќе ги издвојам: подигнување нови зелени површини и засадување нови дрвја; изработка и реализација на програми, планови и стратегии; доделување субвенции на граѓаните за набавка на печки на пелети; извршување разни мерења и изработка на Б-интегрирани дозволи; поддршка за одредени категории на граѓани за почесто користење на сите форми јавен и организиран превоз; изработка на проекти, изградба, одржување и реконструкција на велосипедски патеки; субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди и многу други конкретни мерки.

Ова јасно укажува на посветеноста на Градот Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето.

Какви активности презема Градот Скопје за збогатување на туристичката понуда на градот?

– Културно-историските споменици од различни временски периоди и неповторливата природа што го опкружува градот во текот на целата година го привлекуваат вниманието на се поголем број домашни и странски туристи. Статистиките покажуваат дека Скопје е најпосетен град од туристите во нашава земја, а нашата намера е тој тренд да се задржи.

Поради тоа, Градот Скопје преку Програмата за култура и за локален економски развој коишто ги усвојува Советот на Град Скопје, секоја година нуди разновидни манифестации што го задржуваат вниманието на скопјани, но и на посетителите. Не можам да не ги споменам традиционалните манифестации чиј покровител е Градот Скопје, како Скопско лето, Млад отворен театар, „Баскерфест“, „Гурманскиот викенд во Скопје – Пиво-ленд“, Фестивалот на виното – „Виноскоп“; Интернационалната тортијада; Пролетниот базар на ракотворби и многу други.

За Градот Скопје е особено значајна ревитализацијата на Старата скопска чаршија и зачувувањето на старите занаети, како и уредувањето на кањонот Матка, Парк-шумата „Водно“ и Паркот на природата „Гази Баба“, како природни реткости и вистинско богатство во чии дарови уживаме сите и кои вреди да се посетат.

Кои зелени површини уредивте досега и дали планирате некои нови активности во раззеленување и разубавување на градот?

– Раззеленувањето на градот и засадувањето дрвја на јавните зелени површини се меѓу приоритетите на Градот Скопје. Нашите екипи спроведуваат редовни акции за засадување садници, а се вклучуваме и во акцијата „Ден на дрвото“. Само за илустрација, во последниве 4 години во градското зеленило, во парковите и во дрворедите екипите на Град Скопје засадија над милион садници.

Особено сум горда на новиот парк со површина од околу 100.000 квадратни метри што во јули 2016 година беше уреден во општината Аеродром, покрај булеварот „Февруарски поход“. Во овој парк, околу 90.000 квадратни метри се зелени површини, со што ова е вториот најголем парк во Скопје, по Градскиот парк.

Уреден е и вториот дел од паркот „Македонија“, што се протега по должината на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, со зелена површина од околу 32.000 квадратни метри.

Во тек е уредувањето и на третиот дел од паркот „Македонија“ што се наоѓа покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и е со површина од 10.000 квадратни метри.

Новоподигнатите парковски површини се одличен показател за грижата на Град Скопје за поздрава и почиста животна средина.

До каде е проектот гасификација на училиштата?

– Водејќи се од концептот за енергетски ефикасен град, Градот Скопје го почна проектот за гасификација на средните училишта. Во 2013 година средните училишта „Георги Димитров“ и „Здравко Цветковски“ почнаа да се греат на гас, а две години подоцна на гас почнаа да се греат и средните училишта на Град Скопје „Арсени Јовков“ и „Зеф Љуш Марку“.

Гасификацијата на средните училишта е проект со HYPERLINK со чија реализација Градот Скопје директно придонесува за почиста животна средина, зашто се заменува користењето на течното гориво со природен гас, се елиминира емисијата на сулфурдиоксид и саѓи, има големо намалување на азотните оксиди и значително намалување на јаглероддиоксидот.

Со воведувањето на гасификацијата се очекува заштеда за греење од 45 до 50 отсто и поврат на инвестицијата за две до три години.

Кои активности ги преземавте на полето на енергетската ефикасност?

– Енергетската ефикасност на еден град се огледа во многу сфери. Освен проектите за гасификација на средните училишта, Градот Скопје е посветен на голем број проекти што произлегуваат од грижата за средината, предизвиците што се отвораат пред нас како последица од климатските промени, важноста на сигурното снабдување со енергија, како и растечките трошоци за енергија.

Значајно е да се спомене дека во последниве години како резултат на заложбите на Градот Скопје објектите на средните училишта, на културните институции и бараките на Град Скопје што се приклучени на централниот систем на загревање имаат систем на второстепена регулација, односно економично регулирање на топлинските станици. Тоа значи дека со престанокот на употребата на просториите во сите објекти се врши затворање на системот за загревање. Со тоа е намалена потрошувачката на топлина во објектите, па имаме помали износи на сметките за загревање и заштеда на средства.

Досега над 95 проценти од уличното осветлување со живини светилки е заменето со натриумови енергетски ефикасни светилки. Оваа активност резултира со намалување од 35 до 50 проценти на потрошувачката на електрична енергија.

Во овој сегмент е значајна набавката на електричниот автомобил за потребите на јавната администрација, како и набавката на електроскутерите и електровелосипедите. Со овој чекор, Градот Скопје стана пример за локална самоуправа која е цврсто решена за иднина со чист транспорт.

Што уште планирате за да се подобри јавниот превоз и кои мерки досега ги преземавте во таа насока?

-Градот Скопје со помош на Владата на Република Македонија на почетокот на 2013 година набави и стави во употреба 300 нови автобуси за ЈСП, со што целосно го обнови возниот парк на јавното сообраќајно претпријатие. Новите автобуси се изработени според сите водечки технологии и ги исполнуваат сите потребни стандарди, опремени се со еколошки мотори, целосно се климатизирани и многу поудобни од автобусите кои претходно се користеа во јавниот превоз.

Градот Скопје ги продолжи активностите за подобрување на јавниот превоз преку воведување електронска наплата на билетите и автоматската локација на возилата, со цел да се зголеми квалитетот на превозните услуги, како и бројот на патници во автобусите. Така, почнувајќи од 01.01.2017 година стартуваше и Системот за електронска наплата на билетите во возилата на ЈСП и во возилата на приватните превозници. Граѓаните ги заменија старите хартиени билети и слободните автобуски карти со нови електронски картички. Новиот систем ќе овозможи голем број комбинации за граѓаните при купувањето билет и ќе го олесни користењето на јавниот превоз.

Паралелно со воведувањето на системот за електронска наплата, во автобусите на јавниот превоз се воведува и системот за автоматска локација на возилата. Тој овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, како и можност за навремени корекции, намалување на времето на чекање во согласност со моменталните случувања во сообраќајот на градските улици и добивање реална слика за бројот на превезените патници по категории.

Градот Скопје спроведува и кампањи за подигање на јавната свет за користењето на јавниот превоз, особено во зимските месеци, кога бележиме загадување на воздухот. На повозрасните граѓани, на други категории граѓани и на средношколците, пак, им овозможуваме бесплатен превоз.

Од средбите со граѓаните дали може да ни кажете за што најмногу ве фалат, а за што ве критикуваат и дали ги слушате нивните совети?

– Во рамките на циклусот посети на општините во Скопје претставниците на урбаните и месните заедници од сите скопски општини имаат можност да се сретнат со градоначалникот Коце Трајановски, со претставници на градската администрација и со директорите на јавните градски претпријатија и да поразговараат за проектите на Градот Скопје и за нивните потреби од областа на урбаното живеење.

Граѓаните покажаа голем интерес за овие средби, разговараме за прашања кои се во надлежност на Градот Скопје и јавните претпријатија, како што се сообраќајот, јавниот превоз, комуналната хигиена, одржувањето на зеленилото, водоснабдувањето и за многу други прашања. Како резултат на барањата на граѓаните ги подобривме услугите на јавните претпријатија, воведовме нови автобуски линии и ги подобривме капиталните проекти.

Мислењето на граѓаните е од исклучително значење за нашата работа, зашто ние работиме за нивно добро.

За МИА, Ирена Радовановиќ

loading...