Како да се доведе бесно и разгалено дете во ред | 5 златни совети на реномиран педијатар!

11366

Дете кое вреска во продавницата, урла покрај тобоганот или не сака да стане од подот во автобусот … Повеќето родители го искусиле ова.

И оние кои помислиле дека станува збор за невоспитани деца брзо се корегирале кога и самите ја доживеале првата лутина. Појавата на гнев е вообичаена кај малите деца, па дури и важен дел од емоционалното и менталното здравје на детето. Малите деца не знаат како да се справат со своите емоции, па тоа обично завршува во тесна битка со родителите со 15-ина килограми чист гнев во рацете.

Инстинктивна реакција на секој родител е да го замолчи детето и така да го прекине истурањето на лутината, но експертите велат дека е потребно да се прави токму спротивното.

Секако е подобро за детето да ги исфрли негативните емоции отколку да ги држи во себе. Иако за родителите тоа не е лесно да се разбере, ниту да се толерира, детето треба да ги исфрли своите чувства со цел да се намали стресот, негативните емоции, а потоа да се продолжи со нормалните активности.

“Нападите на гнев кај малите деца можат да се случат поради различни причини: ако не може да ги состави коцките како што си замислило, или мајка му инсистира на тоа да ја изеде токму таа каша, да ги нареди играчките или да облече сина маица”, објаснува педијатар д-р Џована Армано.

Но, како што посочува лекарот, ослободување од стресот преку плачење е сосема во ред. Солзите содржат кортизол, хормон на стресот, и кога детето плаче, буквално го исфрла стресот од организмот. По плачењето следи и тешење од страна на најблиските, што е многу важно за детето, а по изливот на гневот дететое обично е со многу подобро расположение.

“Изливи на гнев и плачењето некои психолози го сметаат и како форма на учење, затоа што детето учи ограничувања до кои може да оди, што му е дозволено, а што не е. Тоа е многу важно за развојот”, објаснува д-р Армано.

Следниот бенефит на детскиот гнев е подобар ноќен сон. Имено, експертите сметаат дека детето ќе спие подобро, ако стресот не се акумулира во текот на денот, туку се исфрла. Ако детето не го изразило, може да ги доживува акумулираните негативни емоции во текот на ноќта, па сонот му е испрекинат, а може да има и ноќни кошмари.

Детето има напад на лутина кога слуша “не”? Тоа е добро! Секој пат кога ќе му кажете “не” на детето, поставувате јасни граници за тоа што е прифатливо,а што е неприфатливо однесување. Логично е дека детето ќе се обиде со плачење и изливи на гнев да го добие она што го сака, но родителот мора да е одлучен и, што е уште поважно, доследен. Со други зборови – во секоја ситуација, исто да реагира.

“Не е добро на истиот испад родителот понекогаш да не реагира, а понекогаш да казнува, во зависност од расположението. Детето така нема да научи што е добро, а што не е”, вели д-р Армано.

Со текот на времето, со помош на родителите, ќе научат да ги контролираат емоциите. Додека тоа не се случи, родителот мора да се обиде да го смири детето со добри зборови или прегратка, но не насилно, бидејќи бесот би можел да се продлабочи. Детето ќе се чувствува безбедно бидејќи, може да изрази чувства и да добие утеха.

Златните правила за детските испади

Почитуваниот педијатар објаснува што родителите не смеат да направат за време на гневот на детето. Како што забележува, на детето мора да му се дозволи да изрази лутина, но мораме да поставиме граници.

1. Не викајте на детето – нема ефект

2. Не им се смејте – ги омаловажувате нивните чувства

3. Не ги имитирајте и не им се потсмевајте – така успеваат да го прифатат моделот на потсмев на другите деца

4. Не казнувајте ги – тие можат да ги потиснат чувствата подоцна во животот

5. Не им давајте награда да престанат – така учат како да манипулираат со другите

 

loading...