Како да се постави граница за себе, но и за другите

12396

Ме инспирира една приказна која се случила, ете така би кажале, сосема случајно, но како што научивме дека ништо во животот не се случува случајно, и дека за сè има причина и дека понекогаш не е потребно време, за да разбереме за што се работи и зошто некои работи нѝ се случуваат, туку е доволно да погледнеме каде се нашите граници преку кои не сакаме или не смееме да одиме.

Понекогаш и од љубов и од почит кон некои луѓе во нашите животи ги поместуваме границите, без оглед на тоа дали се работи за нашиот приватен или професионален живот. Често нашето однесување им покажува на луѓето околу нас дека можеме да преминуваме преку голем број на работи и дека сме многу податливи кога се грижиме, и дека на крајот тоа може да го искористат.

И тие точно знаат кога доаѓа таа нова можност да поместат уште една наша граница, а и зошто? Затоа што тоа го можат! – Ние така ги научивме. И сето тоа од страв дека нема да добиеме љубов или дека некој ќе нѐ отфрли. Но, природно е и учтиво да се каже “не” кога така се чувствуваме и тоа е патот кон самодоверба и кон добри односи.

loading...

И сето тоа започнува од кога сме родени и кога добиваме максимално внимание и љубов од сите околу нас и сите наши и најмали потреби потоа се задоволени. Тогаш не гледаме каде се границите, каде тие почнуваат, а каде завршуваат, каде сме ние, а каде е светот околу нас. Единствениот услов е дека сме родени во семејство кое се грижи за нас, а нивното задоволување на нашите потреби станува и мерка, со која, на некој начин, ние проценуваме колку сме сакани и прифатени.

Преку растењето и созревањето почнуваме да сфаќаме дека освен нас има и други луѓе и дека и нивните потреби се важни, а понекогаш се и поважни од нашите сопствени. И тогаш почнуваме да чувствуваме дека ние сме едно, а светот околу нас друго, односно сѐ појасна е границата меѓу нас и светот. Тука почнува да се појавува стравот од одбивање, страв поради кој почнуваме да се бориме за своето место, за љубов и за прифаќање, како и стравот дека другите ќе нѐ сметаат себични или дека би можеле некој да повредиме, ако не ги исполниме нивните очекувања. И токму од овие стравови, сакаме љубов до таа мерка што ни е незамисливо било кој да одбиеме.

Решението во такви ситуации е да се постават сопствени граници, како и да се почитуваат границите на другите. Бидејќи, само кога имаме јасно дефинирани граници, тогаш можеме да функционираме нормално, во согласност со сопствените потреби и со потребите на другите без каење или постојано преиспитување. И на тој начин преземаме одговорност да се чувствуваме добро во својата кожа. Клучот на поставување здрави граници, секако е, самодовербата, но и свеста за тоа дека имаме право да реагираме на барањата кои се поставени пред нас.

Дали сте поставиле јасни и цврсти граници кои другите не можат да ги преминуваат или сте еден од оние кои не можат да кажат “не”, па наместо тоа почнуваат со “не-ма проблем”? Ако сте во втората група, време е да направите чекори кои ќе ви помогнат, без лутина, гнев и непотребни расправии да живеете во мир со светот околу вас, а овие неколку едноставни чекори ќе ви помогнат во тоа.

Првиот чекор е љубов кон себеси, а тоа значи целосно да се сакате и цените себеси, и да го прифатите секој дел од себе, како една хармонична целина. Потоа да ги проверите своите верувања и модели на однесување и размислување кои се основа за непоставување на граници. Важно е да станете свесни за своите потреби, барања и чувства и на тој начин полесно ќе ги разберете туѓите. Зајакнувајте ја вашата самодоверба, така што ќе имате право да реагирате кога нешто не ви одговара, и кога не ви се допаѓа нешто, но и кога нешто не сакате. Кажете го тоа гласно на лицето на кое треба тоа да му го кажете, а не подоцна да се обвинувате себеси затоа што не сте го кажале кога требало да го кажете, или сте се скршиле на некое друго лице кое не е виновно за тоа. Секогаш постои начин како да разговарате со некого, дури и со оние кои често даваат отпор. Не грижете се како некој ќе реагира, туку покажете решителност и храброст во својата намера и вашата околина ќе ве цени.

Поставување на граници бара вежбање, како кога учите некоја нова вештина или алатка за стекнување на нови знаења, повторувајќи го својот нов образец на однесување, ќе добиете сила која ви е потребна таа нова форма да ја користите секогаш кога ќе ви затреба. И она што е најважно бидете трпеливи, бидејќи патот кон мир и љубов може да биде предизвикувачки и долг. Но, кога ќе ги прифатите околностите во кои се наоѓате, и вашето искуство како лекција, ќе имате можност да доживеете исполнување со постигнатата цел.

Всушност, важно е да се разбере како зборот “да”, кога сакате некого да одбиете, води до вашето незадоволство и во иднина некој, заради вашиот потврден одговор на нешто што всушност не го сакате, ќе доведе до фрустрација и непотребни конфликти. Иако неможноста да се стави ограничување е последица од некое “лошо” искуство, односно предизвик или лекција која сме ја поминале во нашиот живот, кога ние стануваме свесни за нашата вредност, за она што го сакаме, кои се нашите приоритети, аспирации и цели, тогаш можеме да донесеме мирно решение со кое ќе ги браниме нашите граници.

loading...