Калифорниски шмек во беровско Русиново

4506

Дрвото секвоја, со сиот раскош, се надвиснало над училишната зграда во беровското село Русиново. Издигнато над зградата со големина од над 30 метри, ова дрво делува како заштитник на зградата каде учат стотина основци од беровското село.

Многумина кои поминуваат покрај училиштето, ќе забележат дека дрвото доминира со својата раскошна убавина и големина над сите други засадени дрва во училишниот двор.  Но, ретко кој би препознал дека во дворот на училиштето „Никола Петров-Русински“ се чува природното светско чудо, дрвото секвоја кое е ендемичен вид – зимзелено дрво.

Единствено, погледот може да го измами дрвената табла на која е напишано името на дрвото и годината на засадувањето.

Калифорнија и беровско Русиново ги поврзува дрвото секвоја

Трагајќи по приказната за овој природен раритет во беровско Русиново, стигнавме до пензионираниот наставник по биологија Благој Чукарски, кој ни откри дека дрвото е засадено во 1984 година. Пред 33 години за време на училишната активност по предметот земјоделство, биле засадени и други садници во училишниот двор, но никој не знаел дека станува збор за дрво кое е ендемичен вид.

– Ова дрво е засадено 1984 година, во рамките на наставата за земјоделско образование. Јас и учениците го засадивме, но не знаевме тогаш дека станува збор за секвоја. При садењето го посадивме пред  училиштето и од денешна перспектива, гледам дека таму не му е местото.  Потеклото на дрвото е од Калифорнија, каде ова дрво има висина и до 150 метри, а во просек висината му изнесува околу 100 метри. Дебелината на стеблото може да достигне и до 40 метри. Имаме сознанија дека во Калифорнија на местата каде има секвоја и каде се градат патишта, дрвата не се сечеле, туку се пробивале стеблата како тунел, вели Чучкарски.

Денес дрвото во Русиново достигнало висина над 30 метри и засега не претставува опасност по зградата на училиштето, туку симбол на ова училиште.

– Дрвото не бара посебна грижа. Ние го копаме, го чистиме, редовно го наводнуваме. Но, за жал, ова дрво не може да се размножува. Еве поминаа повеќе од три децении и во овој период никогаш немаше шишарки за да се размножува. Но, од друга страна, да знаевме дека станува збор за овој вид дрво, ќе го посадевме на друга локација, во внатрешноста на училишниот двор, каде според мене ќе пораснеше и поголемо. Вака сега е веднаш до влезот на училиштето. Јас, разговарав со стручни лица дали корените на дрвото би претставувале опасност по училишната зграда, но од нивните одговори и од денешната ситуација , убеден сум дека дрвото нема да предизвика проблеми на зградата, бидејќи корените му растат надолу во земјата, објаснува Чукарски.

Училиштето и секвојата

Дрвото секвоја претставува симбол на училиштето во Русиново. Директорката Лилјана Буровска, истакна дека училиштето е препознатливо по ова дрво, па многу едукативни содржини се насочени за учениците да се запознаат со овој прирден раритет.

– Секвојата е зимзелено дрво и е редок вид на Балканот и ова дрво е и заштитен знак на ова училиште. Внимаваме на ова дрвото, да не се оштети. Дрвото е наш симбол и предмет на интерес во едукативните содржини кога е во прашање екологијата и заштитата на бидеиверзитетот. Во рамките на еден проект, сите дрва засадени во училиштето ги обележавме со табли,  а со тоа и секвојата, вели Буровска.

Таа истакна дека многу шумарски инженери од цела Македонија се интересираат за еднемичното дрво и бараат шишарки, за да се засадат садници.

– За жал, ова дрво нема шишарки. Тоа засега е единственото од ваков вид во Малешевијата и во Македонија, затоа  ни претставува обврска,  да го чуваме, негуваме и да се грижиме за него, вели Буровска.

Секвојата- природно светско чудо

Секвојата е позната како  најголемо живо суштество на планетата и спаѓа во природните светски чуда. Фосилни остатоци од ова дрво се пронајдени во карпите, а се смета дека постоеле во периодот на Јура, пред 180 и 140 милиони години.  Преживеале само два вида од ова дрво. А, досега се откриени  11, кои се наоѓаат во Кина и Калифорнија.

Џиновската секвоја е единствениот вид од родот Секвојадендрон и е еден од трите видови на четинарски дрва познати како секвои, класифицирани во фамилијата Чемпреси.

За МИА Даниела Такева