Канцероген од прва група | Алкохолот ги оштетува матичните клетки и предизвикува тумори

1503

Алкохолот ги оштетува клетките одговорни за производство на нова крв, резултати се од најновата студија која ја објаснува врската помеѓу конзумирањето алкохол и ракот.

Со внес на алкохол во организмот настанува опасна хемикалија која може да предизвика трајно оштетување на ДНК на матични клетки, со што се зголемува ризикот од рак, покажува истражувањето на британските научници.

“Некои видови на рак се развиваат поради оштетување на ДНК во матични клетки. Иако некои оштетувања се случуваат случајно, нашите наоди укажуваат на тоа дека внес на алкохол го зголемува ризикот од таков вид на оштетување”, рече професорот по молекуларна биологија Ketan Patel, еден од водечките истражувачи.

Истражувањето е спроведено на глувци, а научниците користеле анализа на хромозоми и ДНК секвенционирање во утврдувањето на штета причинета од ацеталдехидот, штетна супстанција која се формира кога телото го разградува алкохолот.

На глувците им беше даден растворен алкохол, по што беа проценувани ефектите на алкохолот во ДНК на животните. Наодите укажуваат на тоа дека ацеталдехидот може да ги прекине и оштети ДНК и во внатрешноста на матичните клетки, со што постојано се менува ДНК секвенцата во тие клетки.

Резултатите од истражувањето даваат подетален увид во тоа како алкохолот го зголемува ризикот од појава рак на дојка, дебелото црево и пет други видови на рак.

Агенцијата за истражување на ракот во рамките на Светската здравствена организација го класифицира алкохолот како канцероген од прва група, наведувајќи ги “убедливите докази” дека алкохолот предизвикува рак во човечкото тело.

loading...