Конгресменот Рохрабакер се извини за неодамнешната изјава за Македонија

807

Републиканскиот конгресмен на Калифорнија и претседавач на поткомитетот за Европа, Евроазија и опасности во пораст Дана Рохрабакер се извинил за неговата неодамнешна контраверзна изјава за Македонија. Во изјава вчера тој кажал дека направил многубројни неформални искази за Република Македонија и согледал дека некои од тие искази погрешно ја пренеле неговата намера.

– Оваа изјава ја појаснува мојата позиција. Македонија е легитимна држава со право на самоопределување и почитување на границите. Мојот коментар алудираше, можеби погрешно, на мојата загриженост кон предизвиците во внатрешното владеење со кои Македонија се соочува во врска со етничките малцинства. Јас во никој случај не сакав да кажам дека некој друг, освен Македонците треба да го утврди суверенитетот или границите на Македонија. Ако моите зборови беа сфатени на друг начин, јас длабоко се извинувам, изјавил Рохрабакер.

Како што информира за неговата изјава Обединетата македонска дијаспора (ОМД) од Вашингтон, Рохрабакер рекол дека сака да оддаде почит и да аплаудира за позитивниот однос кој САД го има со Македонија.

loading...

– Македонија е вистински пријател на САД. Ова е особено видливо во значајната поддршката што македонската армија ја дава во текот на изминатите 20 години на САД, на НАТО, како и на придружните мултилатералните организации за одбрана, на мировните операции и операциите поврзани со бегалците во Авганистан, Ирак, Босна и Косово. Имав можност да сретнам многу Американци (и Македонци) кои споделија со мене многу корисни историски факти и информации за Македонија и регионот, како и за сегашната динамика на истиот. Со нетрпение очекувам заедничка соработка во иднина и што е најважно, заедно, континуирано, да даваме се од себе за да помогнеме во формирањето на надворешната политика на САД, така што тоа ќе резултира со мирен, просперитетен и слободен Балкан, изјавил конгресменот.

На 7 февруари тој во интервју за албански печат изјави: „Македонија не е држава. Жал ми е, тоа не е држава. Косовците и Албанците во Македонија треба да бидат дел од Косово. Другиот дел на Македонија треба да биде дел од Бугарија, или на било која земја на која тие тврдат дека и припаѓаат. Идејата дека ние треба да ја одржуваме Македонија како држава, бидејќи некој пред 30 години одлучил дека тоа е најдобрата реконфигурација која треба да излезе при распадот на Југославија, не не доведува до разумно оправдување дека оваа идеја треба да истрае“.

Обединета македонска дијаспора веднаш се огласила со изјава на осудување на конгресменот и побара негова оставка од поткомитетот за Европа. Завчера, 16 февруари 2017 година, претседателот на ОМД Методија А. Колоски и член на Советодавниот совет на ОМД, Крис Антониу, оствариле едночасовна работна средба со конгресменот Рохрабакер во однос на ова прашање и ја нагласиле позицијата на ОМД за никаква промена на границите на Македонија. Тие му подариле неколку книги како и едукативен пакет со информации за човековите права на македонското национално малцинство во Грција.

За време на средбата конгресменот се извинил за неговите непромислени коментари и по завчерашната средба со претставниците на ОМД, вчера се огласил со изјава и извинување.

– ОМД се заблагодари за времето кое конгресмен Рохрабахер го издвои за да се сретне со раководството на ОМД и за корекцијата на неговата изјава за поддршка на легитимните права на Република Македонија и се надеваме дека тој ќе остане посветен на стабилна и унитарна Македонија, наведува ОМД во соопштението во кое интегрално ја пренесува и новата изјава на американскиот конгресмен.

loading...