Лазар и Поле огништето, Кокале темелите

1126
Booking.com INT

Веднаш под месноста Мечкино, под карпата Соколица, на падините високо на Бистра, одамна некогаш постоела населба викана Главино Село. Се прикажува, во тоа време на терор, турските азбии пустош оставале по мијачките населби. Аберот за аскерот што и кон нив наближувал бргу се пронел низ селото.

Bitcoin Exchange CEX.IO

Збегот мажи, жени и деца исплашено, со крупни чекори, се упатил кон единственото сигурно засолниште – една огромна и широка долга пештера чиј отвор само тие го знаеле. Османлиите, како и многупати дотогаш, со сета жестина навалиле да пљачкосуваат и уништуваат сѐ пред себе. Но, овој пат далеку побесни што во селото не нашле ни жива душа.

Дивееле што дивееле и тргнале да си одат. Како за беља патот ги водел покрај пештерата во која во темнината и тишината, иако и здивот од стравот им бил сопрен, се чинело дека како ехо одѕвонува треперењето на нивните души. Калина мома била првата што со песна го најавила спасението: „Сите Турци заминаа, Калина девојка не видоа“.

Но, наместо очекуваното олеснување, стигнало погубување. Некои војници што подзаостанале, приказната вели, одвај дочекале „јунаци“ да станат. Свикале по останатите и набргу пештерата ја зафатил страотен пламен. Многумина биле убиени, а другите се задушиле од чадот. Тамам се мислело дека сојот од Главино Село засекогаш е сотрен, по кусо време, од другиот излез на пештерата, од другата страна на Бистра, на една висорамнина за здив, трчајќи „излетале“ само двајца браќа – Лазар и Поле.

Нема лазоровец, стар или млад, кој не ја знае и кој со должно почитување и гордост нема да ви ја раскаже оваа легенда за постанокот и опстанокот на Лазарополе. Ќе чуете: „Калина пештера, ете ја горе, на час пешачење од тука. Таму уште се наоѓаат и можат да се видат темелите на старите главешки огништа и некогашни имоти“.

А за очебијната асоцијација на името со пределот, некој ќе додаде, „верно е, самата местоположба – поле со висорамнина, опкружено со планинските масиви на надморска височина од 1350 метри – да го определила името“. Но, сепак, нема да заборави да ја напомене присутноста на двајцата мудри, вешти и снаодливи мијачки браќа без кои Лазарополе веројатно не би постоело.

Како што не би постоеле и не би се одржале Мијаците на овие простори до денешни дни, ако не се родел и не бил она што бил лазоровецот Ѓурчин Кокале (Кокалески). Легенда и историја на Лазарополе, чиј лик, значење и дело се прераскажува на секоја нова генерација лазоровци што се раѓа без разлика каде и колку далеку од родниот крај да се наоѓа.

Мудриот Кокале

Се прикажува, Ѓурчин Кокале бил ќаја (управник, надзорник на имот). Почитуван , чесен и правичен, голем газда, од чиј збор и османлиите стравувале. Тој бил влезен дури и во турскиот ќумат (тогашната власт). Султанот многу го ценел и за многу совети го барал и го слушал неговото мислење. Го викале дури и како миротворец при соседските кавги. Сите знаеле дека Каколе не грешел во пресудата и затоа неговиот збор бил последен.

Токму неговиот авторитет го има зачувано Лазарополе низ вековите од ништење, со најмување со оки злато сајбии или чувари на селото кои не давале “ни птица да прелета“. А, го спречил и потурчувањето на мијачкото население што живеело и во околината. Така низ историјата останал податокот дека Ѓурчин Кокале со својата мудрост, тактичност и дипломатичност успеал дури и Турците од соседен Галичник да ги преиначи во Мијаци.

Вистинитиот настан вели, загрижените први главешини на Лазарополе и Галичник, Ѓурчин Кокале и Тодор Томовски, се нашле пред тогашниот султан и му рекле дека имаат една бавча и два-три корени трње. „Што да правиме со нив?“, го прашале, асоцирајќи на неколкуте муслимански семејства кои веќе фатиле корени во крајот.

Султанот им рекол: „откорнете ги“. Ова било повеќе од доволно. На враќање кон дома двајцата се договориле да ги надитрат. Газда Тодор си ја благословил сопствената ќерка за еден од синовите турски. Така постапиле и некои други и наместо македонците да ја примат верата, Турците станале Македонци – Мијаци. Така била зачувана мијачијата.

Мудрост и интроштина Кокале покажал и со градењето на црквата Свети Ѓорѓи на ридот, така речи среде село, нечепната со векови.

Како на ктитор, во 1832 година, кога цркви можеле да се градат ама невпечатливи и вкопани в земи, султанот го условил Кокале: “Можеш да градиш црква по сите христијански канони, ама ако се забелеет две џамии“. Набргу, во прилепско некаде, се слушнал гласот на оџите, а во Лазарополе одекнал џагорот и радоста на жителите-почнал да се гради храм со три кубиња, на истото место на кое што веќе постоело мало црквиче за верниците, сочуван до денес.

Тука, во кругот на црквата биле и првите селски гробишта, а подоцна и лазоровското основно училиште. Традиција била на една од неделните богослужби и за празници најдобрите ученици пред насобраното село да ги читаат и да ги пеат апостолите.

Како се ширело со жители Лазарополе, така и црквата се зголемувала во обем. До 1839 година била ѕидана и доѕидувана, а до 1841 година комплетно изградена и осветена. Мајсторите биле онаа иста тајфа Мијаци кои го граделе Свети Јован Бигорски, копаничари и зографи, Петре Филиповиќ – Гарката, Дичо Зограф, Наум Пељакот.

Кога Ѓурчин Кокале починал во 1862 година во длабока старост, од почитание, слава и благодарност за се’ што сторил, лазоровци го погребале до „неговиот“ Свети Ѓорѓија. Две години подоцна синот негов  ја подигнал и денешната црковна камбанарија. Тука до него е и гробот на архимандритот Анатолиј Зографски, автор на првата книшка што е отпечатена во 1838 година во Солун, во печатницата на Теодосиј Синаитски. Ѓурчин Кокале е пак првиот пишувач на „Автобиографија на македонската национална историја“.

Животот пулсира

Носталгијата по старите времиња кога полето во Лазарополе се белеело со неброено стада овци, а џаготот од деца ечел низ селските сокаци, е дел од животот на лазоровци. Постарите и сега се сеќаваат дека на Илинден, на денот на селската слава, се венчавало и по два дена зошто и по 40 свадби имало. Ечело од зурлите и тапаните на прочуените Мајовци. На ред се чекало и за крштевање. Секое семејство имало  најмалку по пет деца. Во златните времиња селото броело 500 куќи со некаде 3.000 жители.

Лазоровци горделиво прикажуваат дека во сѐ биле први. Во одгледување на овци и правење на првокласен кашкавал и сирење во мандрите. Во 1945 година тука е формирана првата земјоделска задруга во Македонија. Тука е изграден првиот културен дом во земјава со кино сала.

Постоела театарска група, културно-уметничко друштво кое го има формирано прочуениот „Танец“. Во Лазарополе беше поставена првата метеоролошка европски призната станица чии временски и други податоци и денес директно се евидентираат во Париз. Во Лазарополе беа изградени и првите викенд-вили за планински одмор. Било живо, динамично и мошне интересно.

Во основното училиште учеле 480 деца кои заради бројноста морале да учат во две смени, а имало и посебен интернат за деца кои тука доаѓале да учат од околните села.

Ни живеачката не била лоша. Куќите се големи и пространи со водовод изграден уште 1936 година.

Повеќето од половината од селото работале во задугата, другите на печалба во Романија, Бугарија и во Белград. Најчесто биле млекари, слаткари или угостители. Лазарополе имала и прочуена килимара. Во неа се правеле ќебиња и килими, се од волната што се  добивала од стадата овци. Имало дури и кожарски погон за ветровки и кожни мантили.

Да имало во Лазарополе средно, било какво училиште, веројатно немало ни да се помисли на селидби наваму-натаму, толку масовно шеесеттите години од минатиот век кога настапил процесот на миграција. Семејствата чувствувале родителска грижа да им пружат подобро образование на своите деца.

Но, ниеден овдешен Мијак го нема заборавено своето огниште. Носталгијата е едно, а се радуваат дека нивните деца сѐ уште позагреани за корените, за обичаите и традициите. Тука се секое слободно време од годината. И навистина, Лазарополе изгледа како да го живее некогашниот живот. Речиси и да нема необновена куќа а изградени се и многу нови викенд куќи. На сред село е хотелот Калин. Лазарополе е килим од разнобојни цвеќиња, недогледиви ливади, пријатна свежина, лек за душата и празник за очите.

За МИА Кети Мицковска

Booking.com INT Bitcoin Exchange CEX.IO
loading...