Магдалена Алексовска | Ќе запеам во Карнеги Хол мјузикл!

667

Неодамна одекна веста дека Магдалена Алексовска ќе има големата можност да запее мјузикл, ни повеќе ни помалку во најпрестижниот Карнеги Хол, во Њујорк. Како почна да се остварува оваа шанса?

– Оваа шанса почна да се остварува кога го пронајдовме натпреварот We Sing Pop. А на овој натпревар годишно има околу 15.000 учесници, од сите возрасти и од целиот свет. За аплицирање учесниците снимаат 3 аудиции (снимки), истите се испраќаат. Песните кои што ги изведуваат учесниците се класифицираат според жанр. Јас ја одбрав категоријата мјузикл и моите аудиции беа со песнитте Don’t rain on my parade од мјузиклот Funny girl, Worse things I could do од Grease (Брилијантин) и Part of your world од Ariel. Откако ги испратив снимките, по истекување на рокот за аплицирање, ми пристигна известување дека сум Прво место во категорија мјузикл и дека ќе бидам на големиот Гала Концерт во престижниот Карнеги Хол. Еден месец по првото известување, стигна и второто известување, дека имам освоено 3 место на целиот натпревар и дека наградата ќе ми биде доделена на Гала концертот.

Што вклучуваат подготовките за настапот? Ќе биде ли помогнато патувањето од релевантни фактори, ќе застанат ли институциите зад остварување на овoј план?

– Сега засега единствен кој ме поддржа се општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Наумовски.

Паралелно со обврските на училиште, каде сте и стипендистка како голем талент, се подготвувате и за пролетен хуманитарен концерти. За што станува збор?

– Хуманитарниот концерт ќе се одржи пред моето заминување во Америка во соработка со општина Ѓорче Петров. Во разговор со градоначалникот Александар Наумовски произлезе идејата за реализирање на еден ваков хуманитарен концерт. Но, за тоа не можам да Ви кажам ништо повеќе бидејќи се уште сме на планирање и организација на концертот.

Маги, на свои 16 години, иако музичката приказна допрва почнува, досега имате доста награди и победи на фестивали. Да се потсетиме каде се го слушнаа овој убав вокал?

– Првиот натпревар на кој што учествував беше интернационалниот детски фестивал „Славјански Базар“ 2013 во Белорусија и воглавно тоа беше мојот прв настап во живо. Од таму почна се. Следниот натпревар беше натпреварот „Езерски Бисери“ во Струга на кој сега засега имам учествувано четири пати. Следна дестинација ми беше натпреварот „Ѕвездички“ во Прилеп каде што во 2016 година освоив Гран при и учество на интернационалниот фестивал “Riga symphony” во Рига, Летонија каде освоив Прво и Трето место. Исто така имам патувано во Варна, Бугарија за натпреварот „Art Stars“ каде освоив Прво место. Најзначаен натпревар до сега е “Детската Евровизија 2015” кој се одржуваше во Софија, Бугарија.

Сцената ја освоивте од детските години, со настап на „Златно славејче“ и настап во Белорусија на „Славјански базар“. Во рамките на тоа спаѓа и Детската Евровизија во 2015, каде „Плетенка“ ја испеавте заедно со Ивана. Какво доживување беше таа сцена на 13 годишната Маги?

– Тоа доживување нема никогаш да го заборавам. Сцената беше прекрасна и незаборавна, а друштвото уште повеќе. Се уште има некои деца со кои контактирам и има фанови кои се уште ми пишуваат.

„Плетенка“ е ваше авторско дело, а и дел од другите песни. Колку се досега на број, ќе може да очекуваме наскоро и албум?

– Јас воглавно се уште немам целосно моја песна но сепак имам неколку текстови и компонирања. Текстот на мојата песна “Прва Љубов” и јас сум ко-автор на песната “Молитва” и како што кажавте, музиката на “Плетенка”.

Во изработка на текстовите Ви помага и вашата мајка, а во менаџерскиот дел вашиот татко, кои ја дава потребната логистика. Ќе патуваат со Вас во Њујорк?

– Се уште тоа не е прецизирано, се зависи од буџетот.

Бидејќи сега сме ера на Интернет, каде секое музичко дело се оценува со коментари од луѓе чии очи не ги гледате, но нивното мислење има свое влијание, а колку песната и пејачката се попознати толку повеќе коментари, се навикнувате ли на тоа дека оваа професија носи и добри и лоши страни?

– Со тоа доста се запознав преку „Детската Евровизија“ бидејќи имавме доста позитивни коментари, но секогаш има и луѓе кои различно мислат. На почеток доста ми влијаеа тие коментари, но со тек на време сфаќам дека секој има свое мислење и дека некои критики се добри, бидејќи истите се и совети на што треба да се внимава понатаму.

Пеете, земате часови по пеење, свирите на неколку инструменти, компонирате. Музиката е целото ваше секојдневие. Останува време за слободни излегувања, младешки дружења, кафулиња?

– Некогаш останува, некогаш не. Претежно секој петок и сабота јас излегувам со пријатели.

Кои се плановите за во иднина? Ве предизвикува ли Големата Ервовизија да ја осетите и таа магија еден ден?

– Би сакала да бидам дел од Големата Евровизија, тоа ми е сон од мали нозе, но се надевам дека некои работи ќе се променат. Сега засега јас сум дел од Големата Евровизија, но како Еуропанел дискутант за квалитетот на песните и нивно првично оценување, а исто така и оваа година сум повикана да бидам дел од првичната анализа, критика и оценка на евровизиските песни. А исто така за време на престојот во Америка имам план да учествувам на повеќе аудиции од Бродвеј и Дизни. Размислувам за студирање во Америка, но за тоа има време.

Валентина Ѓоргиевска Парго

(Стилист Драгана Кежаровска, шминка и фризура Лина Богдановска фото Виолета Вики Постоловска Focus photography)

Магдалена Алексовска: Ќе запеам во Карнеги Хол мјузикл!

loading...