Македонија во портокалова фаза, препораки за заштита од топлото време

776

Македонија од денеска до сабота ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза. Температурата на одредени места се очекува да го надмине 40-тиот степен.

Според Управата за хидрометеролошки работи, денеска ќе биде сончево и многу топло. Во источните делови ќе има мала до умерена облачност и услови за краткотраен дожд. Ќе дува умерен југозападен ветер, кој повремено ќе засилува, особено на запад.

Поради високите температури, Министерството за здравство препорачува од работни обврски да се ослободат бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, а работодавачите да го реорганизираат работното време  со цел да се избегнуваат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Се препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а во детските градинки да не ги изнесуваат децата на отворено во овој временски период.

На граѓаните им се порачува да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Утринската температура ќе се движи од 14 до 21, а дневната од 33 до 40 степени. УВ-индексот ќе биде висок и ќе изнесува 9.

Со цел да се сречи труење со храна, која е честа појава во летниот период, Агенцијата за храна и ветеринарство порачува граѓаните при купување да водат сметка за изгледот и рокот на употреба на производот, да купуваат храна од проверени места, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде што се чуваат во разладни уреди. Препорака е да се избегнува и храна со оштетена амбалажа, ладните или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а месото, млекото и јајцата да не се чуваат долго време во автомобилите.

Од Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата апелираа учесниците во сообраќајот да избегнуваат патување во периодот од 12 до 16 часот.

Според најавите од Управата за хидрометеролошки работи, топлото време ќе се задржи до недела попладне кога поради брз продор на влажна и посвежа воздушна маса од север се очекуваат врнежи од дожд, грмежи, засилен северен ветер и значително опаѓање на дневните температури.

loading...