Македонија дел од тв-циклусот на светски познатиот полски новинар и кулинар Роберт Макловиц

2119

Убавините на Македонија и нејзината специфична, традиционална храна се најдоа и во серијалот емисии на светски познатиот полски новинар, историчар и кулинар Роберт Макловиц.

Преку четири епизоди, патувајќи од Скопје до Охрид, Макловиц зборува за најзначајните карактеристики на земјава од различни аспекти, географски, историски, културен,…, и истовремено ги претставува локалните јадења. Готви на отворено, во Старата скопска чаршија, покрај Охридско езеро, над Стоби,…

Рецептите на специјалитетите што ги подготвува може да се прочитаат на неговата веб страница каде што се поставени и линковите од целиот серијал.

Циклусот почнува со епизодата „Патување по Балканот“ во која авторот преку Хрватска (Далмација), Црна Гора (Бока Которска) и Албанија, доаѓа во Македонија.

Најпрво, на доживувањето низ земјава кое го нарекува „пат од соништата“, Макловиц вкусува македонски мед. Го меша со кисело млеко и веднаш прави, како што вели, ретка, превкусна,  закуска.

Следуваат емисиите „Во главниот град“, „Старо вино“ и „Охридско езеро“ во кои гледачите имаат можност да слушнат за византискиот период, писменоста, православието, земјотресот од 1963, винарството,…, но и за актуелните состојби, се тоа проследено со шетање по локалните зелени пазари, продавнички, месарници и со осврт и презентација на неизбежните тавче-гравче, полнети пиперки, печен модар патлиџан, пинџур, турли тава, таратор, баклава, кебапчиња, јагнешко месо,…

– Патувањето низ Македонија беше фантастично

– Главниот град на Македонија, Скопје, пред околу 50 години лежел во урнатините на земјотресот, а денес, вратен на тронот благодарение на меѓународната помош, е веројатно еден од најновите градови на Европа, вели Макловиц.

Немањето пристап до море, додава во една од епизодите, Македонците го компензираат со преубавото, чисто Охридското Езеро.

– Нејзиниот најпознат и вкусен жител, охридската пастрмка, е привремено заштитен. Секој патник и особено гурман, треба да проба пастрмка во сос од Шардоне. Но, Охрид е преполн и со древни манастири, вели, меѓу другото познатиот полски новинар и готвач.

Макловиц преку храната, всушност ја претставува културата во земјите каде што престојува. ТВ-циклусот во рамки на кој пропатувал низ Украина, Австрија, Словачка, Ирска, Германија, Шпанија, Куба, Канада, Малезија, Малта, Норвешка, Грција, Занзибар, Романија, Ерменија, Исланд, Португалија, Тунис, Еквадор, Израел,…, се емитува на Полската телевизија од 2008 година. Преземен е и од други тв-куќи, а неодамна беше емитуван и на третиот канал на Хрватската телевизија.

Освен од рецептите, на неговата веб страница има галерии со фотографии и од местата што ги посетува. Поставени се и линковите од секоја емисија одделно.

Роберт Макловиц е роден во Краков. Студирал историја, но, фасциниран од европската кујна, од 1993 година почнува да работи како кулинарски критичар. По објавувањето на низата есеи и дескрипции на рестораните во Краков, станува соработник во повеќе полски дневни весници и неделници. Во 1996 година прави посебен краток дел од утринската програма на националната телевизија. Иако далеку од ударниот термин, стекнува голема популарност поради што од август 1998 година почнува да прави свое неделно шоу „Кулинарските патувања на Роберт Макловиц“. Секое шоу е снимано во различен регион од светот и ја прикажува локалната кујна подготвена од него или од домицилното население и тамошните шефови на кујни.

Макловиц е автор и на неколку книги за кулинарската традиција на, како што вели, неговата Галиција, област околу границата меѓу Полска и Украина.

Мирјана Чакарова