Марија Маленкова освои прво место во латино танц на натпревар во Грција

935

Марија Маленкова освои прво место во јуниор соло категоријата во латино танц на интернационалниот танцов натпревар во Грција „Кавала опен 2017“ на кој учествуваа танчари од Балканот и од Европа. 

Покрај златниот медал во соло латино танц, младата скопјанка учествуваше и во натпревар за латино танц во двојки во големото финале Gala Evening Kavala International Open 2017 со нејзиниот танцов партнер Огнен Анѓушев, во старосна група youth (до 21 година) и освоија шесто место.

Маленкова и Анѓушев се членови и танцова двојка во Центарот за модерни и спортски танци „Прима данца Скопје“.

На 23. Државно првенство во стандардни и латиноамерикански танци што се одржа пред еден месец во конкуренција од над 700 учесници од цела Македонија, тие беа и национални шампиони во латино танци за 2017 година.

Оваа година учествуваа и на натпревари во Варна, Загреб, Солун, а нивниот нов успех е поттик за идни претставувања на меѓународни натпревари, меѓу кои и за светското првенство во латиноамерикански танци за танчари до 21 година кое во октомври треба да се одржи во Шпанија.

loading...