Мартин Безак, амбасадор на Словачка во Република Македонија

111

Словачка од 1. јули го презеде претседавањето со ЕУ. Кои се приоритетите на ова прво словачко претседателство и како ќе влијаат резултатите од Брегзит?

– Да, Словачка од 1 јули, откако влезе во Европска унија, по 13 години од нашето членство, го презеде првпат претседателството со Советот на Европската унија што е една од трите клучни институции во ЕУ. На овој начин го заокруживме нашето членство во ЕУ, бидејќи претходно бевме дел од шенгенот и еврозоната. Со ова се заокружува европската приказна и можам да кажам дека потполно сме интегрирани во ЕУ. Се разбира, секое претседателство работи и ги дефинира своите  приоритети во некој поширок контекст, бидејќи објективно за дефинирање на сопствените приоритети и нема баш толку простор, бидејќи поголемиот дел од приоритите или ги наследувате од претходното претседателство или припаѓа во доменот на приоритетите на Европската комисија.

Значи, на некој начин е ограничен просторот за дефинирање на своите приоритети. Кога зборувам во овој контекст, дефинитивно резултатот од референдумот со Обединетото Кралство  Велика Британија и Северна Ирска ќе има најголемо влијание на работата на словачкото претседателство, бидејќи се наоѓаме во безпрецедентна ситуација – 60 години Европската унија се проширувала и сега одеднаш една држава членка се реши да го напушти семејството. Се разбира, ние оваа одлука ја почитуваме бидејќи е донесена на демократски начин, а од друга страна изразуваме жалење што дојде до ова. Во секој случај, имаме нова политичка реалност која треба да се доведе во согласност со правната конструкција, со првните акти во ЕУ. Тоа ќе биде една од улогите на словачкото претседателство и затоа ќе мора да покренеме дискусија за тоа што ќе биде понатаму.  На 16 септември во Братислава ќе организираме неформален Европски самит – ЕУ 27, значи без Велика Британија, да дискутираме на темата што понатаму. Второ, очекуваме од нашите партнери во Лондон во догледно време да го активираат член 50 од Лисабонскиот договор за да започне формалниот процес на Брегзит кој ќе трае можеби две или три години. Потребно е да се покрене ова бидејќи е потребно да се врати сигурноста на граѓаните во државите членки, но и на претприемачите за да се знае што понатаму. Во контекст на Брегзитот може да се примени и словачкото искуство  од поделбата на Чехословачка.

Инаку, словачкото претседателство има четири приоритети. Првите два се ориентирани внатре во Унијата во секторските политики кои не се толку релевантни за државите кандидати, како што е вашата. Значи, првиот приоритет е „Економски силна Европа“ и вториот е „Модерен заеднички пазар“. Третиот приоритет, кој е многу релевантен за балканскиот регион, и за вашата држава, е “Oдржливата миграциска и азилантска политика“. Намерно кажувам одржлива бидејќи имаме некоја политика која досега и не може да биде вака квалифицирана. Четвртиот приоритет е „Глобално ангажирана Европа”, во чии рамки спаѓа и  обновување на кредибилноста на политиката  на проширувањето.

ЕУ е ангажирана во решавањето на политичката криза. Ќе се вклучи ли Словачка поактивно во тој процес  како претседавач на Унијата?

– По усогласувањата со Лисабонскиот договор и креирањето на Европската служба за надворешна акција, се создаде нова правна рамка. Имаме делегации на ЕУ кои се во трети земји, исто така и во Скопје. Ја имаме и високата претставничка за европска надворешна и безбедносна политика г-ѓа Могерини. Значи, главната улога во сегментот на надворешната и безбедносната политика на Европската унија ја исполнува оваа служба и нејзината делегација. Претседателството во Советот на ЕУ вака ја исполнува функцијата на поддршка. Во оваа смисла ние и ќе дејствуваме во текот на нашето претседателство. Значи, ќе ги поддржуваме напорите и активностите на Делегацијата на ЕУ во контекст на решавање на политичката криза во вашата држава.

Македонија е земја со кандидатски статус веќе седум години. Што би биле последиците од евентуалното пролонгирање на кризата?

– Кризата трае премногу долго. Се согласувам со тезата на, дека се работи за спиралата на  кризите и секоја следна е уште подлабока од претходната . На ова треба да се стави крај бидејќи има негативни последици за државата и за животот на граѓаните, како и за процесот на интеграција на вашата земја во ЕУ. Политичарите доаѓаат и заминуваат, но државата и граѓаните остануваат. Некои негативни последици веќе се видливи и присутни. Прв сигнал беше дека за вашата земја се дискутираше на Советот на ЕУ за надворешна политика и тоа е веќе сигнал бидејќи темата за проширување на ЕУ по правило се дискутира на Советот на ЕУ за општи работи, додека на Советот на ЕУ за надворешна политика се дебатира за теми како конфликтот на Блискиот Исток, иранската атомска програма, субсахарска Африка… Значи, и ова е веќе прв сигнал. Вториот сигнал скоро дојде, а тоа е суспензијата на дел од финансиските средства од фондот за претпристапна помош т.н. ИПА фонд. Без оглед дали тоа го нарекуваме суспензија или кратење или санкција, суштината е дека тоа е негативен сигнал. Сигурно, тоа не е награда. Јас сега не би сакал да шпекулирам што ќе биде понатаму, кои рестриктивни мерки би можеле евентуално да бидат применети, во секој случај треба да се тргне од оваа мртва точка и да се разреши оваа криза бидејќи, ќе повторам, има негативно влијание врз граѓаните и на државата во нејзината европска перспектива.

Македонија и покрај седум препораки  и натаму е блокирана од една земја членка поради спорот за името. Можен ли е поголем ангажман на ЕУ и на меѓународната заедница за решавање на тоа прашање?

– Ова прашање е отворено веќе 25 години и ја оптоварува веќе и втората генерација на политичари и граѓани и наскоро ќе ја оптоварува  третата. Вашата земја со својот јужен сосед ја има склучено Времената спогодба од 1995 година со која е дефинирана рамката во која ќе се преговара, тоа се Обединетите нации каде има и медијатор и тој процес е процес кој трае. За жал, тој процес не носи посакувани резултати. Оваа пат ситуација или статус кво трае премногу долго. И повторно, ЕУ може да помогне и помага, меѓутоа разрешницата не е во Брисел или во Братислава во ова полугодие, разрешницата е во Скопје и во Атина. И овде мора да дојде до некој компромис, а компромис значи состојба кога ниту една страна во спорот не е задоволна во целост. Компромисот не бара само политичка волја, кога не секој политичар е и државник. Значи, пристапот мора да биде навистина државнички. Личните и партиските интереси се на страна, а интересите на државата и на граѓаните се главни бидејќи граѓаните заслужуваат подобра иднина.

Словачка е членка на ЕУ од 2004 година. Кои се бенефитите за земјата од станувањето дел на Унијата?

– Бенефитите се огромни и во психолошка и во материјална смисла. Психолошката димензија е следна, едноставно по 11 години од прогласувањето на независна Словачка станавме во 2004 година полноправен дел на едно европско семејство кое претставува систем на вредности и принципи и завршивме една етапа од развојот на државата. Исполнивме една клучна стратешка цел. Денес еден словачки граѓанин се чувствува прилилно исто како граѓанинот на Германија или  Франција.

Во економска или финансиска смисла успеваме да се зачлениме во еврозоната, значи сме дел од најтесното јадро на интеграција. Благодарение на членството во  Европската унија можевме и ги користиме и ден денес огромни финансиски средства. На пример, во првиот финансиски период од нашето членство во ЕУ, од 2007 до 2013 година од европскиот буџет сме добиле скоро 13 милијарди евра (12,8) преку ЕУ-фондовите кои ги инвестиравме  за модернизација на нашата држава. Тоа се огромни средства ако земете предвид дека годишниот БДП на вашата земја  е нешто под 9 милијарди евра.  Кога ќе го споредиме перформансот на нашето стопанство во моментот кога сме влегле во ЕУ, значи во 2004 година според паритетот на куповната моќ бевме на 57 отсто од просекот на ЕУ, значи 10 години подоцна бевме на 75 отсто.

Благодарение на членството во ЕУ и во еврозаната Словачка привлече и огромни инвестиции. Денес благодарение на инвестициите во автомобилската индустрија сме први во светот во бројот на произведени автомобили пер капита. Произведуваме еден милон автомобили годишно. Сега добивме уште една инвестиција од британска односно индиска фирма Јагуар, Лендровер, значи производството ќе порасне уште повеќе. Деведесет отсто од директните странски инвестиции во Словачка доаѓаат од останатите држави членки на ЕУ.

Но, има и други бенефити. На пример, со заедничката земјоделска политика и субвенциите нашите земјоделци добија преку директни трансфери во првите 10 години од членството 2,6 милијарди евра помош. Исто така, од 2011 година нашите граѓани можат слободно да се вработуваат на целата територија на ЕУ и благодарение на ова 140.000 Словаци работат во други држави  и не се ни најмалку дискриминирани во однос на тамошното население.

Во првите 10 години од нашето членство во ЕУ и благодарение на европските фондови изградивме 103 километри нови автопатишта и 170 километри нови брзи (експресни) патишта, скоро една милијарда евра од еврофондовите влегоа во овој сегмент. И на крајот, од 2004 година преку Еразмус програмата скоро 18.000 словачки студенти беа вклучени во академска размена во други држави членки. Или, ако сакате, преку 6.000 универзитетски професори.

Пристапните преговори се оценува дека Словачка ги завршила во рекорден период од три години. Кои словачки искуства може да бидат применливи за македонската евроинтеграција?

– Јас ова искуство би го окарактеризирал како успешна приказна. Имаше период во нашата не многу далечна историја, а тоа е од прилика од 1992 до 1998 година кога Словачка имаше сериозни внатрешни проблеми со владеењето на правото, со независноста на медиумите, со почитување на автономијата на универзитетите, имаше општо проблем со начинот на кој владееше тогашната егзекутива. Добро, кај нас немаше оспорување на резултати од изборите, немаше ниту бојкот на Парламентот, но од друга страна тајната служба на пример го киднапираше синот на тогашниот претседател кој беше политички опонент на тогашната влада. (го киднапираа човекот, го однесоа во Австрија и го оставиле пред полициска станица). Словачка имаше сериозни внатрешни проблеми, на некој начин беше меѓународно изолирана, добивавме демарш од Брисел и од Вашингтон  и нашиот интеграциски процес за ЕУ и НАТО беше блокиран. Беше тоа некоја пат-ситуација. Затоа не влеговме во НАТО во бранот од 1999 година кога влегоа нашите (вишеградски) соседи Чеси, Полјаци и Унгарци и впрочем затоа во 1997 година на Советот на ЕУ не добивме зелено светло за отворање на пристапните преговори за разлика од нашите соседи. Изборите во 1998 година беа политичката промена и новата владина гарнитура со своите потези ги деблокира евроинтеграциските процеси на Словачка. Тогаш во декември 1999 година на Самитот на ЕУ во Хелсинки го добивме зеленото светло за отворање на преговорите кои ги завршивме во екстра краток рок од три години.

Значи успешна приказна. Би ја искористил квалификацијата од поранешната министерка за надворешни работи на САД Медлин Олбрајт која во тој критичен период ја етикетираше мојата држава како последна „црна дупка“ на политичката мапа на Европа, значи од таа последна „црна дупка“ преку доследни себерефлексии и огромни политички напори, обединувања и инклузивност на сите прогресивни сили успеавме да тргнеме од мртва точка, да ги завршиме пристапните преговори, влеземе во ЕУ и да се интегрираме во тоа најголемо јадро – шенген, еврозоната, еве сега и прво претседателство со Советот во ЕУ. Значи, тоа е нашето искуство кое би можело вашиот политичкиот естаблишмент да го проучи и да извлече од него и некои поуки.

Постои ли некој словачки проект кој би бил применлив во Македонија во однос на интегративниот процес?

– Национална конвенција за ЕУ Тоа е еден проект – најширока можна платформа, која го надминува и вашиот Национален совет за евроинтеграции, бидејќи таму е вклучена академската заедница,  верски заедници, граѓанскиот сектор, буквално сите слоеви на општеството придонесуваат не само во дискусија за Европските прашања но и во креирањетио на националните политики и одлуки. Ние проектот за Национална конвенција го имплементиравме неколку години пред нашето влегување во ЕУ, продолживме во овој формат и како држава членка бидејќи се покажа дека има навистина постојана додадена вредност и до ден денес. . Исто така, овој проект успешно го имплементиравме и во другите западнобалкански држави, освен вовашата земја каде не беше до сега за него политичка побарувача . Имплементиран е во Црна Гора, во Србија, во БиХ, во Албанија, потоа во Молдавија, во Украина, сега почнуваме со Грузија. Тоа функционира секаде и тоа е практично наш автентичен know how. Можеби сега е моментот да се ревитализира оваа идеја и во вашата земја. Јас начелно веќе разговарав со со вицепремиеро за Европски прашања г-дин Адеми. Ако има интерес од ваша страна тогаш ова би можеле да го имплементираме и кај вас.

За МИА Виолета Геров