Маџунот | Вкусот на Тиквешијата

670

Странците го обожуваат традиционалниот тиквешки производ од грозје, маџунот. Го сакаат како во тегла за јадење, или во шише, така и на слика, за да можат да уживаат во магијата на начинот на неговото приготвување.

Жално е што години наназад македонските граѓани па дури и тиквешани подзаборавија на вредноста на оваа божествена течност и на прсти се броеја оние кои ја имаа меѓу зимницата во домашните визби.

Радува фактот што во последно време се повеќе расте интересот за здравата храна, а полека но сигурно маџунот повторно го зазема главното место на трпезата како некогаш.

Со овие зборови не пречека неодамна 59 годишната Лилјана Паризова од Кавадарци во нејзиното родно село Дреново, кавадаречко. Отидовме таму да ја фотографираме како приготвува маџун и да поразговараме со неа околу мајсторијата која е потребна за од квалитетно црно грозје од сортата „вранец”, да се добие темнокафеава течност за која се верува дека има лековити својства. Веќе беше завршил уште еден гроздобер во Тиквешко, а воздухот мирисаше на маџун во најголемиот лозарски регион во Македонија. Беше тоа прекрасна селска идила, а златната есен можевме да ја доживееме и почувствуваме со сите сетила.

– Маџунот се добива со изварување на гроздовиот сок, односно ширата, исцеден од претходно измеленото грозје. Во моето семејство отсекогаш се произведувал од најзастапената црна сорта на грозје. Тајните за тоа како тој да има врвен квалитет, ги научив од мојата мајка од која го печев занаетот. Уште како дете ме учеа дека е здраво да го јадам, па тој беше постојано присутен во нашата исхрана. Низ годините постојано слушав за неговите лековити својства и верувањата дека може да делува превентивно кога е здравјето во прашање, но и да помага при лекување на многу болести, започна да ни раскажува жената која е архитектонски техничар по професија, но компанијата во која работела заминала во стечај.

Ништо не е тешко, кога се работи со љубов

Рецептот за неговото приготвување се пренесувал од колено на колено како семеен аманет.

– Освен за вино, грозјето во најголемиот лозарски регион се повеќе се користи за произодство на маџун, кој традиционално се користи како лек за жолтица, а се бара и како природна напивка за јакнење на имунитетот. Секојдневно се употребува во исхраната. Со пишии, во познатата тиквешка раванија или во палачинки, насабајле по едно лажиче за здравје, растворено со вода како сок, објасни пријатната и смирена жена.

Додека ја гледавме што се мора да сработи за да ги наполни теглите со вкусен маџун, коментиравме дека е тоа навистина мачна работа и затоа многумина не би се согласиле да ја работат.

– Точно е дека е ова тешка и напорна, макотрпна работа која бара трпение, посветеност и внимание, но јас имам помош од моето семејство. Ништо не е тешко кога се работи со љубов и кога се посветува неопходното внимание. Задоволството е големо ако се знае дека цела година ќе има доволно маџун со кој ќе ја подобриме нашата здравствена состојба. Ние веруваме дека е ова вистински лек од природата. Се насладуваме со неговиот извонреден вкус по неколку пати во денот. Иако постарите велат дека е доволно да се испие една лажичка дневно и да се знае дека со тоа се заштитуваме од нападите на најразлични болести, зборуваше жената сеќавајќи се како порано мажите редовно јаделе пишии со маџун пред да заминат во шумата да берат дрва, за да имаат енергија во текот на денот додека работат.

Тоа беше повод да се насмееме малку сите околу тоа дека во Тиквешијата како регион во кој се произведува многу вино и жта и многу се пие, луѓето се шегуваат оти по другарувањето со алкохолот е добро да се дегустира и малку маџун, за да не настрада црниот дроб. Неизбeжно беше да се спомене и тоа дека има и такви кои маџунот го милуваат оти слушнале дека има својства на афродизијак.

Во добро расположение крај огнот врз кој во голема шерпа се крчкаше богатството кое се раѓа од тиквешкото сонце, нашата домаќинка ни раскажа и за тоа дека во околината на Дреново се произведува многу квалитетно грозје од кое подоцна се добиваат најразлични производи и се спремаат специјалитети.

– Овде можете да слушнете дека во нивите околу селото никогаш не паѓаат врнежи од град па родот е заштитен и секогаш е извонреден. Се верува дека е тоа така поради испочитуваниот адет во минатото. Имено, пред да се формира самото село, оваа област овде била изорана одоколу со близнаци волови. Демек реткост биле волови близнаци па затоа дреновчани се фалат како насекаде подалеку може да удрат градобијни зрна, само околу нивното село не, кажа нашата соговорничка.

Веруваат дека е лек од природата

И додека некои други тиквешани во последно време маџунот го приготвуваат на плин оти велат дека така им било полесно, Паризови сеуште тоа го прават традиционален начин, со дрва. И тоа со посебни дрва.

– Во огнот не ставаме какви било туку специјални дрва кои не чадат, за да биде крајниот производ што поубав. Оти ако чадат дрвата, маџунот ќе поприми од чадот и од неговиот мирис. Користиме дрва од црничка, даб и брест, ни откри Лиле, чие хоби во слободното време е и цртaњето со масло на платно и на стакло.

– Правењето маџун е исто така своевидна уметност, како и цртањето слики. Од искуство знам дека странците се воодушевени како од нашите традиционални производи за кои навистина е потребен марифет, така и од сликите на кои се претставени нашите обичаи. Сум насликала повеќе ликовни дела на кои се претставени џаламарите кои со посебни маски бркаат лоши духови, коледарските адети, винарите белограѓани кои со карвани носат вино од Тиквешко и многу други кои сега красат простории на најразлични страни на светот. Со нашите традиционални производи и нашите ликовни дела на кои е претставена нашата култура, ние му ја раскажуваме нашата македонска приказна на светот, додаде Паризова додека крај огнот го пробуваме маџунот во кој го почувствувавме вкусот на Тиквешијата.

Дека маџунот има лековити својства, потврди и доктор Снежана Јованова, лекар од Кавадарци. Кажа дека во него има големо присуство на железо, па е добар за зајакнување на крвта, а дејствува и како антиоксиданс.

– Им го препорачуваме на пациенти, покрај редовната терапија, кои имаат проблеми со жолтица, црниот дроб и цироза, а се употребува и како превенција и за зајакнување на имунитетот бидејќи има и други лековити својства, вели Јованова.

За МИА Светлана Дарудова

loading...