Млади македонски дизајнери на „Скопје креатива“

886

Неколку млади македонски дизајнери со своите предмети (облека, релјефи, лампи…) е ќе се претстават на годинашното шесто издание на фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива“, што ќе се одржи од 4-6 мај во Младинскиот културен центар, во организација на Конгресен центар Александар Македонски и Град Скопје.

„Мулти-фан-акција“ е насловот на проектот на Нела Тодоровска, а претставува мултифункционални прототипи на облека и акцесоари.

Мултифункционализмот е во идејата за инвестиција во едно парче облека што може да се носи на повеќе начини. Имајќи во предвид дека светот е во брзање, сите некаде трчаат, облеката треба да стане мултифункционална. Оваа облека може да ви овозмножи повеќе, со многу помалку. Кога патуваме секогаш ни треба повеќе простор, па после ни наплатуваат повеќе за багаж. Или пак сме на работа, факлтет и после тоа сакаме да одиме на коктел, на роденден со децата, на театар, но никогаш немаме време за пресоблекување. Со оваа облека за неколку секунди добиваме нов аутфит. Ново парче облека во зависност од потребата. Со вртење или пак одвојување на парчето добиваме нов изглед во целосен различен ансамбл. Суштината на сево ова е дека во ниеден случај не може да се претпостави дека се работи за истото парче облека– вели авторката на колекцијата под назив „Mariguccha.“

Предности на мултифункционалната облека се што заштедува место во гардаробер и во багаж, се штеди време и пари, а покрај тоа колекција е еко-пријателска. Ќе бидат изложени: наметка на која може да се отстранат ракавите и да се добие елек, кој воедно може да се носи и како фустан преку ден, туника што има ракави, а ракавите се врзуваат околу половина и се добива нов фустан со различни асиметрични линии, мантил што би се носел од двете страни и со отстранувње на крагњата се добива фустан со долг ракав, чанта што ќе се носи како ранец, бубреже или пак како елегантно плико.

Делото „Светлосна врска“ на Елена Диновска Зарапчиев, графичка дизајнерка, се состои од изработка на лампи. Инспирацијата лежи во геометријата и најсовршените елементарни геометриски фигури, во овој случај триаголник.

– Со мултиплицирање на триаголниците се добиваат многу нови форми, кои се користат како абажури и се изработени од високо квалитетен медијапан. Во најновата колекција има повеќе модели и тоа столни лампи на ногарки и висечки лустери. Лампите имаат минималистички дизајн и создаваат aтипичен амбиент бидејќи креираат бесконечна игра на сенки и придонесуваат за дополнителна топлина во просторот – вели Диновска Зарапчиев.

„Imperfections“ е насловено делото на Драган Христов, моден дизајнер. „Несовршености“ или „грешки“ е насловот на најновата колекција на македонската модна етикета „Лудус“.

– Таа ја разработува темата на најразлични нивоа, идејни и формални, применувајќи техники прибрани од различните сфери на модата, кондензирајќи ги во совремемен унисекс продукт – вели Христов.

Сара Реџиќ

Сара Реџиќ се претставува со женска облека, со уникатни и необични креации, изработени од природни материјали. Секое парче представува посебна приказна. Наменети се за ведри и смели девојки што имаат изграден стил.

Свое претставување ќе има и „Макондино дооел“, кој прави спој на современа технологија и ракотворење. Ова креативно производствено друштво, основано во 2015 година во Скопје, ќе изложи декоративни часовници, рамки за слики, магнети, табли, модни додатоци, промотивни производи, кои се само дел од палетата.

– Со помош на ласерската технологија секој производ се расекува во вид на сложувалка, и понатаму рачно се обојува, декорира и се составува до краен производ. Изработката е од дрво, шпер плоча, МДФ, филц и други природни материјали, а за боење се користат исклучиво еколошки производи – вели Моника Станојковска од „Макондино“.

На „Скопје креатива“ ќе има и т.н. „поп-ап продавница“ на „Артист3ДХ ДООЕЛ“, производствено друштво за применета уметност, основаново во 2017 г. Изработуваат декоративни рељефи за ѕид, иконостаси, рекламен материјал (промотивни производи), макети, уникатни предмети што имаат примена во ентериерот, скулптури од железо, дрво, гипс, полиестер и др.

На фестивалот ќе изложиме декоративни рељефи за ентериер, рачно изработени, моделирани и лиени. Рељефите ќе бидат со флорални мотиви и мотиви од секојдневниот живот – вели Андреј Миневски од „Артист3ДХ ДООЕЛ“.

loading...