Надвор е минус, како да го облечете бебето за прошетка?

7954

За новопечените родители ниските зимски температури можат да бидат извор на големи грижи, пред се во однос на тоа дали на нивното бебе му е пријатно и топло.

Во секој случај студеното време не би требало да биде пречка барем еднаш во денот со детето да се излезе на свеж воздух.

Кога станува збор за облека, насоки нека ви бидат личното чувство на пријатност, освен ако сте од оние личности на кои секогаш им е студено или топло, тогаш потпрете се на проценката на сопругата или некои други блиски личности.

Доколку бебето е помало од шест месеци ќе му биде потребно повеќе заштита, затоа што на таа возраст бебешката телесна површина во сооднос со тежината е поголема и не може да се тресе за да создаде топлина.

Во текот на студените денови на бебето треба да му облечете неколку слоеви облека, кои помалку ќе му тежат, отколку два два тешка и дебели. Секако ќе му биде топло ако еден од тие слоеви е волнен. Практични се и топлите зимски одела полнети со пердуви.

Задолжително капа, дури и ако надвор е само студено, затоа што капата помага да ја задржи телесната топлина (речиси 25 отсто топлина телото губи преку главата). Кога температурите се под нулата, капата би требало да ги покрива и ушите на бебето.

Рацете треба да се заштитат со ракавици, стапалата со чорапи и чизми, а вратот со шал. Ако дува силен ветер или е многу студено , шалот може да се замота околу лицето, при тоа да се внимава бебето да не го покрие носот и да се отежне дишењето.

Во случај на снег или дожд на количката ставете и заштитна покривка, која ќе го штити детето од врнежи од снег, но и ќе ја задржи топлината. На крајот да се има предвид дека и добро стоплетното дете не би требало премногу долго да биде на отворено кога времето е студено.