На 23 октомври е основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО)

516
Иван Хаџи Николов

BMOPO – Внатрешна Македонско-Одринска Револуционерна Организација

Македонската Револуционерна Организација ја започнала македонската националноослободителната борба и го предводела населението во Македонија, без разлика на неговата вера и народност, во борбата против Отоманската империја. Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија.

Причини за појава на организацијата

loading...

Турската власт и разгранетите пропаганди во Македонија, неизбежно воделе кон појава на македонското револуционерно и националноослободително движење. Од една страна била Отоманската империја која со својот управувачки систем посегала по животот, честа и имотот на секој македонец. Од другата страна, биле странските пропаганди, првенстевено бугарската, грчката и српската пропаганда кои со своите црковно-преосветни дејности го делеле народот во Македонија и го загрозувале неговиот национален индивидуалитет.

Пропагандниот натпревар требало да обезбеди повеќе грчки, бугарски и српски национални приврзаници во Македонија. Тие во погоден момент требало да послужат како ванатрешни нацинални сојузници и оправдувачки фактор за нивните територијални претензии во Македонија

Затоа не треба да изненадува писмото на Митрополитот Теодосиј Гологанов од 22.06.1891 година, испратено до проигуменот Дионисиј, во кое пишува:

“Ние Македонците немаме толку мака од Турцитте да ни е жив падишахот, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат”.

Писмот на Митрополитот Т. Гологанов само потврдува дека пропагандите станале: “кохезионен фактор кој ги збил редовите на македонската младина, граѓанските, првенствено егзархиските средини и интелигенција”.

Во почетокот на 90-години на 19 век во Македонија се појавило едно силно антиегзархиско движење и во контекст на ова движење Ѓорче Петров истакнува дека се јавило едно настроение на: младите против владиците, општините, егзархиските учители и службеници, и една струја против посегањата на Егзархијата бесконтролно да господарува во црковните и училишните работи во земјата. Еснафите, што во македонските градови сочинуваа моќен сталеж, скоро минаа во оваа борба на страна на младите… Ова движење се паѓа паралелно со појавата на таканаречениот македонски сепаратизам, изразен преку списанието Лоза, во Софија, раководено од Арсов, Баласчев, Хаџи Николов и други… Во Солун се пројави меѓу учителите во гиманазијата исто ова сепаратистичко движење. Реченото раздвижување … го сметам како прв чекор на самодејност во земјата… Тоа неосетно се прероди во револуционерно движење.

Обиди за формирање на револуционерна организација

Првите обиди за формирање на организацијата датираат кон крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години на 19 век, некаде околу 1889 година Пере Тошев му пишал писмо на Ѓорче Петров да формираат:

“организација за ослободување”.

Во летото 1891 година во Битола, Дамјан Груев направил обид за формирање на една организација, имено тој го формирал Учителскиот сојуз со чисто револуционерни цели, но неговата дејност била попречена од Архимандритот Козма Пречистански.

Иван Хаџи Николов

Во 1892 година кај Иван Хаџи Николов созреала идејата дека само една организација може да го пресечи патот на пропагандите. Почнал да бара лица кој би можеле да му помогнат во оформувањето на таквата организација, и такви луѓе, во тој момент видел во Димитар Цонев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и Христо Батанџиев.

Оформувањето на организацијата било одложено, бидејќи биле малкумина, но идејата не ја напуштиле. Во јули 1893 година И. Х. Николов во Софија имал средба со Гоце Делчев и притоа ги преставил начелата врз кои требало да со основа организацијата.

1. Организацијата да се основа во Македонија, а не во Софија, бидејќи основана во Софија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарското правителство, ќе основаат и тие организации и од нашата организација нема да биде ништо. Поради тоа треба да биде тајна.

2. Основачите да се Македонци, чесни, да се ползуваат со добро име и да живеаат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија, да бидат изложени и тие на истата опасност, на каква што ќе бидат изложени и нивните последувачи, преку кои полесно ќе ја спечалат довербата на населението.

3. Лозинката треба да биде Автономија на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз член 23 од Берлинскиот конгрес за да се надеваме на успех. Да се постигне Автономија на Македонија, значи да ја откинеме не само од Турција туку и од Бугарите,Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на Автономана Македонија, Бугарите, Србите и Греците веќе не ќе можат да бараат делови од неа, кога, ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија , Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Наша задача треба да биде да ја споиме Македонија цела, а тоа може да биде преку една Автономна Македонија.

4. Организацијат треба да биде самостојна и независна. Да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.

5. Од Македонците во Бугарија и од бугрскиот народ ќе бараме морална… и материјална подршка без притоа да ни се мешаат во работата.

Гоце Делчев го прифатил формирањето на организацијата, но неговото учество во неа, го условил со завршување на военото училиште во Софија.

Основање на организацијата

Солун како културен, економски и политички центар на Македонија, во последната деценија на 19 век привлекол голем дел од македонската револуционерно настроена интелигенција. Во 1892 година во Солун се нашол Иван Х. Николов и на 11.09.1892 година (по стар календар) ја отворил својата книжарница. Есента 1892 година Христо Татарчев се вработил како лекар во Солуската егзархиска гимназија. Во јули 1893 година Дамјан Груев се вработил во печатницата на Коне Самарџиев како коректор. Во есента 1893 година Петар Поп Арсов се вработил како професор во машката егзархиска гиманазија. Д. Груев и П. П. Арсов се познавале уште од училишните денови, од друга страна Иван Х. Николов со Арсов се знаеле преку Младата Македонска Книжевна Друшжина, и затоа Арсов бил во комбинациите на Хаџи Николов за организација во 1892 година. Блиски до идеите на Хаџи Николов биле и Татарчев, Христо Батанџиев и Антон Димитров, а во учебната 1893-94 година, Димитар Цонев не бил во Солун. Д. Груев преку П. П. Арсов се запознал со политичките стремежи, цели и нереализирани планови на И. Х. Николов. Во август 1893 година Д. Груев се запознал и со Татарчев, барајќи од него лекарска помош.

На третата средба тие двајца отворено разговарале за положбата на населението во Македонија. Од друга страна Д. Груев се запозанл и со Антон Димитров. На 21.10/2.11. 1893 година покрај солунскиот брег се сретнале Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Антон (Андон) Димитров, притоа тие разговарале за ослободување на Македонија. Паднал предлогот тие тројца да формираат револуционерна организација. И. Х. Николов понудил во основањето да учествуваат и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев. Се договорил за два дена да имаат нова средба. Всушност била договорена средбата на која била формирана МРО (Македонска револуционерна организација). Состанокот се одржал во сабота навечер на 23.10/4.11.1893 година, во станот на Христо Батанџиев. На овој состанок присуствувале Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и секако домаќинот Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско. На оваа средба била разгледана општата состојба во Македонија, и дошле до заклучок дека положбата на населението е неподнослива, за да се подобри потребна е една: планомерна и сериозна акција, и тоа колку побрзо, толку поголем изглед за успех ќе има.

Основачите на МРО

Исто така била разгледана и опцијата самата османска власт да ја подобри положбата на христијаните преку реформи, но се согласиле дека е невозможно тоа додека не дојде до суштинска промена во душите и традицијата на муслиманите. Oткако ја отфрлиле оваа опција едногласно се согласиле да се формира револуционерна организација.

Според И. Х. Николов тогаш биле прифатени следните начела:

1. Организацијата да е тајна и револуционерна

2. Нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се нарекува Внатрешна.

3. Во неа ќе членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност.

4. Политичкото верују на организираните Македонци е автономија на Македонија.

5. Да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави.

Врз овие начела групата се конституирала како друштво без писмен протокол и без да избераат раководители како претседател и слично. На таа средба не се утврдени никакви формалности, клетва или нешто слично, за да се сметаат членовите за лично обврзани за да делуваат за делото.

Основоположниците се разделиле со мислата дека им престои тешка и сериозна акција, секој од нив требало да размисли за лозунгот, формата и дејноста на организацијата. По неколку дена имале уште една средба, но конкретни предлози за организацијата немало. Татарчев истакнал дека на следната средба треба да се донесат конкретни решенија.

Денот на основањето на Организацијата, 23 октомври, од 2007 година се слави како државен празник на Република Македонија под името Ден на Македонската револуционерна борба.

makedonijaese.com

loading...