Нова година- прослава стара четири милениуми

592

Преминот од старата во новата календарска година, се слави  четири илјади години. Така велат антрополозите, иако  немаат цврсти докази за тоа да го докажат. Исто така, 1 јануари не секогаш бил почеток на следната година, туку во различни култури границата се одбележувала помеѓу декември и мај.

Се верува дека пред четири милениуми Новата година ја славеле Вавилонците, а најрано забележаната прослава на „најлудата ноќ” се случила во Месопотамија, пред околу две илјади години и се обележувала во средината на мај.

Нова година прославувале Египќаните, Феникијците и Персијците, античките Грци.

loading...

Влегувањето во новата година, Римјаните го одбележувале на 1 март, а нивниот тогашен календар имал само 10 месеци.
Интересно е тоа што месецот јануари не постоел сè до 700 година п.н.е., кога вториот римски крал Нума Помпилиус ги додал првите два месеци од календарската година кои постојат и денес, а првиот ден од јануари се прославува од 153 година пред Христа.

Во средновековна Европа, Нова Година не се славела, бидејќи нејзиното одбележување се сметало за пагански и антихристијански феномен. А ако се одбележувала, „најлудата ноќ” не секогаш се празнувала на првиот ден од јануари, туку на 25 декември и 25-ти март.

Први јануари и прославата на Нова година не голема врата се враќаат во 1582 година и тоа според грегоријанскиот календар, кој католичките држави го прифатиле речиси веднаш, а протестантските го правеле тоа постепено.

Интересно е тоа што Британците новиот каленадр почнале да го користат 170 години подоцна – или, поточно во 1752 година, а до тогаш Нова Година ја пречекувале во март.

Новогодишната, односно божикна елка

Традицијата на украсување на божикна елка потекнува од француската област Алзас, некаде на границата меѓу Франција и Германија. Во седумаесети век тамошните жители први започнале да го користат ова зимзелено дрво во празнувањето на Божик. Според нивното верување, ова вечнозелено, односно вечноживо дрво го симболизирало дрвото на животот, од кое Адам и Ева биле лишени после нивното изгонување на рајот.

Но, со Рождеството Христово, како што самата Црква учи, за луѓето повторно се појавила можност за заедница со вечноста, односно повторно јадење од плодовите на дрвото на животот. На почетокот, дрвото се прикачувало обратно, и тоа практично висело од таванот со врвот надолу, на тој начин симболизирајќи ја рајската лествица, односно скала. На Божик, дрвото се поставувало исправено среде собата, и се украсувало со јаболка, колачи и други слатки, за луѓето да јадат од него и повторно, за да се симболизира сладоста на рајскиот живот.

Од друга страна, пак, во Германија постои предание според кое основачот на протестантизмот, Мартин Лутер, една божикна вечер излегол на прошетка во блиската шума, и видел како некоја ѕвезда се симнала на врвот од некоја елка. Оттука, кај протестантите се појавила традиција во навечерието на Божик (Бадник), да се украсува божикна елка, а на нејзиниот врв да се постави ѕвезда.

Кога на крајот од седумнаесети век рускиот цар Петар Први ја посетил Европа, ги забележал божикните елки и многу му се допаднало како тие изгледаат. Штом се вратил во Русија, на прагот од осумаесетти век, издал указ новиот век да се пречека така што во сите руски домови ќе биде украсена една таква елка. Така и било – 1 јануари 1700 година речиси во сите руски домови била присутна и украсена по една елка. Но, ваквата традиција не наишла на прифаќање кај рускиот народ, па сѐ до средината на деветнаесетти век елките биле украсувани претежно во домовите на германската емиграција што живеела во Русија.

Веќе во 1852 година, кога за првпат била јавно поставена и украсена божикна елка во Санкт Петербург, сите руски домови биле украсени со божикни елки. Дури и дејствието на познатата „Оревокршачка“ на Чајковски е сместено покрај украсеното божикно дрво.

Во 20. век започнала забраната на обичајот на украсување божикна елка. Најпрво, во 1916 година, среде Првата светска војна, кога на елката се гледало како на германска увезена традиција, и потоа во 1918 година, кога елката била забранета како боржуаска реликвија. На комунистите им било јасно –  елката била христијански симбол, и како таква, морало да исчезне од животот на луѓето што живееле во комунистичките земји.

Сепак, пред почетокот на Втората светска војна, среде Големата економска депресија, руската пропагандна машинерија решава да ја врати божикната елка и да се врати големиот „зимски празник“, но во суштински различна форма: наместо Божик, да се празнува Нова Година, и наместо божикна, да се украсува новогодишна елка.

На тој начин, божикната елка и Витлеемската ѕвезда во вид на комунистичка петокрака се враќаат во домовите на милиони православни семејства, и таму го дочекуваат падот на комунизмот во деведесеттите години од минатиот век, кога ќе се врати вистинската смисла на украсувањето на божикната елка, но ќе се возродат и некои други, одамна заборавени традиции, како онаа на Рождественските вертепи (пештери). Но, за нив ќе пишуваме во друга прилика.

Свети Никола- Дедо Мраз

За како настанал дебелкастиот човек, насмеан, со бела брада и мустаќи, кој носи црвено палто и панталони со бели краеви, црн колан и чизми, кој го познаваме како Дедо Мраз, има разни верзии.

Меѓу различните култури, религии и народи, различни се и верзиите за него и за неговото име. Познат е како Санта Клаус, Свети Николај, Крис Клингл, Папа Ноел, Вејхито Паскуеро, Колачо, Синтерклаас, Свјати Николај, Ноел Баба, Фадр Крисмас, Пер Ноел… Сепак, се смета дека потеклото на ликот на Дедо Мраз е од старите религии на германските и словенските народи.

Поточно, со христијанизирањето на овие народи, нивните верувања се комбинирани со ликот на христијанскиот епископ Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски кој се слави низ целиот свет еднакво како од православните, така и од другите христијани, а почитуван е и од муслиманите.

Николај Чудотворец,милостив, вистинољубив и праведен, уште за време на животот луѓето го сметле за светител и го повикувале на помош во маки и неволји.Бил познат по дарежливоста, на сиромашните им носел подароци.Многу пати им помагал и на давениците, на затворениците и ги избавувал од неволји морепловците. Со своите дела се смета и за заштитник на децата.

Преданието вели дека Св. Никола воскреснал три дечиња кои локалниот месар ги заклал за време на глад, па затоа се слави и како заштитник на децата. Но, сепак, Никола е најпознат по давањето мираз на три осиромашени ќерки на некој побожен христијанин за да не станат робинки и да бидат препродавани и искористувани. Св. Никола низ пенџерето им фрлил вреќа со златници. Низ вековите приказната се менувала, така што една од верзиите свети Никола вреќата со златници ја фрлил низ оџакот, а директно паднале во чорапите кои што се сушеле врз огништето.

Според други извори, Дедо Мраз претставува личност во северноамериканската култура, од легендарен, митолошки и фолклорен карактер, кој настанал со комбинација на холандскиот Синтерклас (Sinterklaas), англискиот Татко Божик (Father Christmas) и други традиционални божикни личности кои носат подароци. Тој носи подароци во домовите на добрите деца, за време на Бадниковата ноќ, на 24 декември.

Ликот на Дедо Мраз потекнува од холандскиот лик Синтерклас, кој е дел од хагиографските приказни, во кои се раскажува за Свети Никола, историска личност која дели подароци.

Слика за Дедо Мраз станува популарна во деветнаесеттиот век, во Канада и Америка, како резултат на значајното влијание на карикатуристот Томас Наст. Развивањето на ликот на Дедо Мраз во Северна Америка во деветнаесеттиот и дваесеттиот век, влијаело на модерната перцепција во Европа за Татко Божиќ, Синтерклас и Свети Никола.

Според традицијата која датира од 1820 година, Дедо Мраз живее на Северниот Пол, со голем број на магични џуџиња и осум или девет ирваси кои летаат. Од 20-иот век, Дедо Мраз почнува да прави список на деца од целиот свет, кој го дели на две групи. Во едната се послушните деца, на кои им носи играчки и слатки, а во другата оние непослушните на кои им носи јаглен на Бадниковата ноќ. Сето ова тој го постигнува со помошта од неговите џуџиња, кои во својата работилница ги изработуваат играчките и со помош на неговите ирваси, кои ја влечат неговата санка.

Традицијата според која Дедо Мраз влегува во домовите низ оџакот, потекнува од приказната, во која што тој фрла паричка низ прозорецот и од подоцнежната верзија на приказната, според која доколку е затворен прозорецот, тој ја фрла паричката во оџакот. Во сликата „Празникот на Дедо Мраз”, на холандскиот сликар Јан Стин (Jan Steen), се претставени возрасни луѓе и дечиња кои со воодушевување гледаат во оџак, додека други дечиња си играат со своите играчки.

Ритуали кои децата ги прават неколку минути пред да одат в кревет го вклучуваат редењето на чорапи на каминот и на други места во домот, кои Дедо Мраз не може, а да не ги забележи симнувајќи се низ оџакот. Во домовите во кои што нема камин, децата ја оставаат отклучена надворешната врата, за Дедо Мраз да може без проблем да влезе внатре. Понекогаш, родителите кои ги поставуваат подароците за своите деца под новогодишната елка, им ставаат ливче на кое се потпишуваат како Дедо Мраз.

loading...