Новица Трајковски, уметник

514

Новица Трајковски завршил Факултет за ликовна уметност во Скопје отсек сликарство во класата на проф.Родољуб Анастасов. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија-ДЛУМ. Живее и работи во Скопје. Автор е на над 30 самостојни изложби во Македонија и странство, учествувал во бројни групни изложби.

Последната негова изложба насловена „Од очите на ангелот“ беше отворена на 26 јули во Центарот за култура во општина Илинден. Неговите дела ќе бидат претставени пред љубителите на уметноста во неколку македонски градови.

На 25 јули беше отворена вашата изложба „Од очите на ангелот“ во Центарот за култура во општина Илинден. До кога ќе биде отворена изложбата и дали делата ќе бидат изложени и на друго место?

loading...

– Изложбата „Од очите на ангелот“ се отвара на 25 јули по повод денот на општина Илинден, 2 Август и ќе биде отворена до 4 февруари 2017 година. Ова е шесто претставување на изложбата. Почна од Куманово во Домот на култура „Трајко Прокопиев“ па потоа Пробиштип, Струмица, Радовиш, Неготино и Илинден. Од овде ќе оди во Кавадарци на 5 август во Домот на културата, па потоа најверојатно во Демир Капија и ќе го живее својот пат понатака.

Зошто ја насловивте „Од очите на ангелот“?

– „Од очите на ангелот“ затоа што ве гледаат „очи“ полни со божествена љубов и почит кон вас како творештво од Бога и налик на Бога – спротивно на очите од овој материјален свет: полни со злоба, љубомора, завист и најлошото – празни без Бога во нив ами со материјалност од овој гнил свет.

На отворањето на изложбата рековте дека долго време сте го мислеле проектот и дека ви требало да соберете храброст за да го реализирате. Тешко ли е да се насликаат мотиви од Светото писмо?

– Навистина ми требаше долго време и храброст да ја реализирам оваа изложба. Требаше да созрее и дојде вистинското време. Го почувствував моментот и ја насликав во еден здив кој траеше малку повеќе од година, но тоа време помина како сон. Убав сон полн со љубов и стравопочит кон нашиот пастир „Исус Христос“ и неговите следбеници.

„Тајна вечера“ ја претставивте со ликот на Господ Исус Христос, а апостолите само со боја. Можете ли да ни појасните зошто така ги претставивте апостолите?

– Јас сум сликар и светот го гледам преку бојата. „Тајната вечера“ Исус Христос со апостолите се насликани како виножито – виножитото е составено од основните бои на спектарот и симболично го претставуваа божествениот мост од овој свет кон небесниот, додека апостолите се мостот од материјалниот/земниот кон духовниот.

Новица Трајковски4

На неколку слики се забележува виножито. Што за вас значи виножитото?

– Небесниот- ангелскиот свет.

На сликите на светците има силен контраст. Зошто?

– За да се истакне божественоста, светоста и одвоеноста од материјалниот свет.

Дел од циклусот слики е и сликата со богомилот. Ликот потсетува на вас. Дали сте вие богомилот и зошто токму богомил?

– Поп Богомил – мил на Бога а, заборавен од неговите – Македонците. Толку многу споменици се направија а, на  еден од најзначајните и историски личности од средниот век кој толку силно влијаеше на европската и светската историја – ништо. Сличноста со мене е случајна. Секој автор кога слика портрет или историска личност потсвесно става дел и од себе. Не мора да значи, но во случајов е забележливо. Бидејќи тој е дел од нашата историја сите ние на некој начин сме Богомили – мили на Бога.

Новица Трајковски3

Кажете ни кои материјали и техники користевте?

– Во моето сликарство користам повеќе материјали и техники. Поточно, сето она што ми оди во прилог за  реализација на идејата. Користам акрил, масло, акварел, молив, дрвени боични, платно, хартија, дрво, медијапан и друго.

Во Културниот центар во општина Илинден изложивте и слики од следната изложба. Кажете ни накратко за неа и за кога ја планирате?

– Некако повеќето идеи што сум ги носел со години – во овие времиња си ги наоѓаат своите место и време за реализација. Така и изложбата што ја најавувам како проект ќе го носи насловот „Убавините на Македонија“. Во било која тема што ја работам ја сликам и нагласувам „Божествената љубов“. Така е насловено и целокупното мое творештво.

За МИА Ирена Радовановиќ

loading...