Ноќно мокрење кај децата

3454

Ноќното мокрење кај децата претставува нарушување по четвртата година од животот и се карактеризира со неможност да се контролира започнатиот процес на мокрење за време на спиењето.

Иако доаѓа до нарушување на мокрењето, сите органи на генитално-уринарниот систем се здрави и нормално функционираат.

Како децата реагираат на ова нарушување?

Ова нарушување предизвикува постојана фрустрација кај децата и изразено чувство на срам. Во тој момент најважно им е нивните врсници да не дознаат за овој проблем. Тие стануваат мајстори во криње на својот проблем од своите врсници, а во некои случаи и од самите родители. Помалите деца, често се обидуваат да ја скријат намокрената долна облека. Постарите дури и тајно ги перат гаќичките и пижамите. Некои деца се рамнодушни кон својата состојба, додека другите деца стануваат депресивни.

Кои деца страдаат од ова нарушување?

Околу 15 % од децата мократ во креветот на возраст од 3 години, ноќното мокрење е 1,5 до 2 пати почесто кај момчињата отколку кај девојчињата и обично се случува во семејствата во кои најмалку еден член имал исти симптоми. Повременото ноќното мокрење може да се случи, особено кога детето е болно. Исто така, и зачестеноста на мокрење во текот на една ноќ е различна. Повеќето деца мократ еднаш во текот на една ноќ, но, некои и почесто.

Кога се јавува мокрење во кревет?

Ноќното мокрење се дели на примарно и секундарно. Во примарното мокрење спаѓаат дневното и ноќното мокрење, кои не запреле од раѓањето, а секундарното (или стекнатото), кое е поретка појава, се јавува подоцна, по периодот на “чистота” или “сув” период.

Појавата на ова нарушување најчесто е поврзана со емоционални фактори и состојби во семејството, кои на еден или друг начин влијаеле врз воспоставувањето и организацијата на оваа функција.

Ноќното мокрење понекогаш може да биде поврзано со нарушување на спиењето на детето.

Зошто се случува ноќното мокрење?

Во повеќето случаи, ноќното мокрење се јавува поради послаб развој на мочниот меур на детето. Исто така, постојат многу случаи во кои доѓа до мокрење во кревет кога детето е емоционално вознемирено. На пример, кога малото дете ќе почне да мочка во кревет во текот на ноќта, иако со месеци или со години пред тоа било “суво”, најверојатно станува збор за рефлексија на дневен страв или несигурност.

Децата може да се чувствуваат несигурни или исплашени од многу причини:

  • заради преселба во нов дом
  • заради разводот на родителите
  • заради загуба на некој член на семејството или некоја драга личност
  • заради раѓањето на бато или дада …

Како да се реши проблемот на ноќното мокрење?

Родителите треба да имаат на ум дека децата многу ретко, или речиси никогаш не мократ во кревет во текот на ноќта намерно. Наместо да го критикуваат детето, или да му се закануваат со тепање, подобро е да го охрабрат, да му дадат позитивна поддршка и верба дека наскоро ќе престане тоа да го прави.

Од суштинско значење е родителите на децата кои мократ, да се придржуваат до одредени насоки односно упатства. Особено, треба да обрнат внимание на внесот на течности пред спиење, треба да го поттикнат детето да мокри пред да оди на спиење, да го пофалат детето кога ќе се разбуди наутро суво, да избегне било каков вид на казнување, да го буди детето во текот на ноќта за да мочка, да се консултира со својот лекар и, ако има потреба, да му се обезбеди на детето соодветна терапија. Некои деца не се доволно мотивирани сами да се лекуваат.

Тие наведуваат дека не им пречи влажниот кревет. Со цел да се мотивираат за соработка и самопомош, на родителите им се препорачува да го натераат секое утро само да ја промени својата постелнина. Тоа не е казна и не треба да му биде наметната на детето во форма на наредба.

Треба да го замолите само да ја направи оваа работа, а кога ќе се уморни и ќе му стане здодевно, може да се случи несвесно да престане, или поретко да го влажни креветот. Ослободувањето од оваа задача децата го доживуваат како награда, која ја зголемува мотивацијата за лекување.

Навремената посета на лекар и психолог може да придонесе за решавање на овој проблем во многу случаи.

Автор: д-р Драган Златановиќ

loading...