„Одливот на мозоци“ од Македонија најмногу во ЕУ, САД и Австралија

123

Дури 68 отсто од анкетираните високообразовани кадри во Македонија би ја напуштиле државата доколку им биде понудена работа во странство, а 20 отсто веќе имаат преземено конкретни активности за тоа. „Одливот на мозоци“ не е исклучиво фокусиран во медицината, техничките науки, ИКТ секторот…,се јавува нов потенцијал за „одлив на мозоци“ во областа на општествените науки.

Ова го покажува анкетата на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ, Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје и Швајцарскиот центар за експертиза во општествените науки од Лозана. Анкетата минатата недела ја претстави универзитетскиот професор Мишо Докмановиќ од Правниот факултет во Скопје кој нагласи дека таа има за цел да се види потенцијалот за „одливот на мозоци“ од кадрите што се создаваат во општествените науки во државата.

Анкетирани биле највисоко образованите, универзитетски професори, истражувачи, асистенти, во најголем дел од 45 до 60 и од 31 до 45 години. Вклучени биле правни, политички, економски науки, психологија, а анкетата била испратена на државните и приватните универзитети, во реномирани истражувачки институти или здруженија на граѓани кои се занимаваат со истражување во општествени науки.

Фактори кои влијаат високообразованите да заминат во странство

loading...

Докмановиќ вели дека фактори кои влијаат високообразованите кадри да заминат во странство се отсуство на средства за финансирање на истражување, поголемиот број можности во странство, подобриот животен стил…

Повеќе од 70 отсто од испитаниците би заминале во земјите на ЕУ, САД и Австралија.

На прашањето дали би заминале во странство и би прифатиле работа која не одговара на вашите квалификации, потврдно одговориле дури 60 отсто од анкетираните. Според Докмановиќ, тоа зборува за социјалниот статус на оваа категорија.

– Во јавноста често пати се создава перцепција дека универзитетските професори кој знае колку се платени и оти имаат привилегии. Нашата анкета покажува дека доминантно најголемиот дел од нив има нето месечни приходи од 500 до 700 евра, а притоа по законите треба да објавуваат трудови во меѓународни списанија, да објавуваат книги итн. И во тој дел постои голема дискрапанца меѓу просечните плати. Тоа не беше предмет на наше истражување, но претходно сме го работеле, за просечните плати во високото образование во регионот и во ЕУ, рече Докмановиќ.

Тој укажа дека мора да се подобрат условите за научно-истражувачка работа на универзитетите.

– Тоа опфаќа пристап до дата бази, дополнителни ресурси и очигледно просечната плата во овој сектор е проблематична, според анкетата и тоа е причина во голем дел за заминување, појасни Докмановиќ.

Неопходни се подобри услови за високообразованите да останат во Македонија

Социологот д-р Мајкл Окснер, виш истражувач на Швајцарскиот центар за експертиза во општествените науки од Лозана минатата недела го претстави своето истражување на тркалезната маса на тема „Квалитет во истражувањата во општествените науки и спречувањето на „одливот на мозоци“ од Република Македонија: научени лекции и идни предизвици“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“- Скопје.

Окснер нагласи дека истражувањето покажало оти постои сериозен проблем со финансирање на истражувањата во општествените науки во Македонија. Тоа, како што рече, меѓу другото влијае истражувачите да немаат средства да ги спроведат своите истражувања, ниту пак да имаат средства да воспостават меѓународна размена во сферата во која работат.

– Како резултат на тоа доаѓа до висок одлив на високообразовани кадри од Македонија во странство. Причините за тоа се пристап до финансиски средства за спроведување на истражувања и во Македонија нема доволно пристап до истражувачки журнали. Пристапот до нив е платен, тоа е скапа работа и без соодветни инвестиции од државата истражувачите не можат самите да ги покријат таквите трошоци затоа барат можности во странство, рече Окснер.

Главните препораки се дека потребно е да се обезбеди соодветен пристап за македонските истражувачи до стручна литература, до научни журнали во нивната сфера на истражување, да се обезбедат средства за да се озвоможи меѓународна размена…

– Да имаат можност да одат во странство, да можат да применат дел од своето знаење таму и да дојдат тука на размена истражувачи од странство и со нив да ги споделат своите техники и сознанија и да се подобри начинот како се валоризира нивниот труд. Тука истражувалчите се многу оптоварени на факултетите, на високо-образовните институции имаат огромен обем на настава која треба да ја одрабоатат и им останува малку време за да се посветат на истражување, рече Окснер.

Статусот и состојбата на научно-истражувачките кадри во Македонија

Специјалниот советник во Министерството за образование и наука Љубица Караманди нагласи дека новиот министер за образование и наука затекнал прилично лоша состојба во однос на статусот на научно-истражувачки кадри во Македонија и нивното поддржување.

– Детектиран проблем е фактот дека нема конзистентни научни предизвици кај повеќето професори, односно стратешки пристап во искористување на истражувањата кои се вршат, посебно преку магистерски и докторски трудови. Во пракса тоа е многу стихијно, поединечно, се се сведува на залагањата на професорите, менторите. Нема стратешки пристап да се искористат оние созанинија до кои се дошло во научните истражувања, рече Караманди.

Според светските показатели за постигнувања во научните истражувања Македонија е многу лошо позиционирана. На пр. World development indicators за 2012 година ја позиционира Македонија на трето најниско место во регионот, со меѓународни објавени научни трудови по однос на 1.000 жители. Во регионот води Словенија, а зад нас се само Албанија и Босна. SCImago Journal не позиционира на 19 место од 23 во Источна Европа во истражувањата во општествените науки. Таа потенцира дека тие се меѓународни показатели, а дискутабилно е колку се точни и од каде им е изворот на податоци.

– Буџетот за наука во Македонија е на многу ниско ниво, 0,2 отсто од БДП. Во однос на барањата за пристапување на ЕУ треба да биде од 2 до 3 отсто од БДП. Проблемот не е само висината на средства кои се издвојуваат за научнии истражувања туку и целите за кои се наменети, односно каде се даваат тие пари, рече Караманди.

Таа информира дека од 2011 година во МОН не бил објавен ниту еден конкурс за поддршка на истражувачки трудови. Од тогаш наваму не се давани стипендии за постдипломски и докторски студии во државата што, како што рече, е многу лош показател. За сметка на тоа, се доделуваат многу високи средства за стипендии надвор. На пример за доделување стипендии за најдобрите 100 универзитети во светот, според ранг листата на шангајскиот Џио Тонг Универзитет, во буџетот за 2017 година се даваат околу 3 милиони евра.

– Со нив може да се поддржат многу студенти на постдипломски и докторски студии во Македонија, кои многу поверојатно ќе останат во државата, отколку луѓето кои ќе завршат на Харвард, Беркли и Браун. Иако во договорите има некои обврски тие да работат и да ги вратат парите, реално доколку ние не ги вработиме тие се ослободени од обврската да платат. Така што доколку дел од тие средства се пренасочат и одат за македонските факултети, научно-истражувачки институти, центри верувам дека многу ќе се подобри состојбата кај нас со кадрите и општо условите за работа, рече Караманди.

Според неа, „одливот на мозоци“ е страшен проблем. Нагласи дека Македонија има Национална стратегија за борба против „одлив на мозоци“, која е донесена во 2013 година.

– Иако личи повеќе на извештај, добро ги детектира условите и слабостите кои ги имаме. Факт е дека условите за работа, професиоаналните предизвици, професионалната сатисфакција или несатисфакција е една од причините за „одлив на мозоци“. Светска банка дава податок дека 29,1 отсто од високообразованите кадри во Македонија се во странство, што е многу поразителна бројка, потенцира Караманди.

Меѓу причините за „одлив на мозоци“ е професионалната средина која ја имаме и оддалеченоста од важни истражувачки центри.

– Во денешно време ние имаме услови за конференции, тркалезни маси, учество итн. но од друга страна пристапот до тие библиотеки, размена на информации, сепак не е на задоволително ниво. Факт е дека научните инстититути генерално се затворени во однос на прифаќање нови луѓе, нови методи, нов пристап на работа. Се вработуваат некомпетенти луѓе, не се отвораат институтите веројатно за нови луѓе заради страв од конкуренција. Тоа е и мој личен впечаток, потенцира Караманди.

Забележано е дека образовани кадри кои се враќаат од странство во Македонија се вработуваат на места каде се преквалификувани или на места кои се различни од нивните квалификации, па тие едноставно не можат да дојдат до израз и да го дадат својот придонес.

– Ова е сериозен проблем кој бара долгорочни и сеопафтни мерки од страна на општеството. Би било нереално да очекуваме дека можеме да го застанеме тој процес на „одлив на мозоци“ заради современите трендови на миграција и на движење на професионалците. Верувам дека може да се намали таа динамика на отселување, секако мора да има финансиски стимулации пред се во однос на плати, позиција во општеството, вработување на кадрите на повисоки општествени функциии, посочи Караманди.

За МИА Магдалена Ристоманов

loading...