Пијанманов | На младите уметници им треба пред се внимание, малку светло насочено кон нивните дела

352

Здружението на култура „Транзен“ од Струмица спроведува активности за заживување на културата во руралните средини во општините Василево, Босилово и Ново Село.

Со неколку театарски претстави, изложби, публикации на книги на млади уметници од селата, здружението сака од една страна да го разбуди уметничкото живеење во селата, а од друга да ги поддржи младите креативци кои живеат таму. Уметничкиот организатор Никола Пијанманов, вели дека на младите уметници им треба препознавање на нивното творештво, а не само финансии и донатори. Здружението и локалните власти по низа истражувања подготвиле и стратешки документи за култура за следните пет години.

Г-дин Пијанманов, кои проекти во руралните средини се реализирани преку проектот на Транзен?

loading...

– Здружението за култура „Транзен“ за основни цели на своето дејствување ги има поставено младите уметници професионалци кои тешко доаѓаат до израз и глас во ова општество на поместени вредности, каде уметноста е инцидент, а врвната култура преживува минимално помогната само од Министерството за култура. Јас како уметнички организатор и координатор во овој проект тврдам дека на младите уметници им треба пред се внимание, малку светло насочено кон нивните дела, не само финансии и донатори. Треба нешто да го осмисли постоењето на нивните творби, а тоа е најважното за да продолжат да се занимаваат со уметност.

Колку тоа помага за развој на културното живеење во населените места?

– Проектот- Развој на културата во руралните заедници-финансиски поддржан од програмата „Цивика Мобилитас“ на швајцарската агенција за развој и соработка-многу помогна да ги развиеме токму тие активности кои водат до нашите зададени цели. Мапиравме млади уметници во неколку од општините опфатени во проектот и финансиски и стручно им помогнавме да реализираат некои од своите идеи, концепти. Со таа цел ангажиравме и професионалци од Струмица кои работеа со младите, посебно во театарската уметност. Реализиравме две одлични претстави во режија на актерите Стојан Велков Трн и Коста Ангов. Во Босилово, Стојан Велков го постави текстот на Голдони „Арлекин“, а во Ново Село, Коста Ангов ја постави контроверзната „Лекција“ на Ежен Јонеско. Интересот и за двете претстави беше на многу високо ниво. Еден од поголемите успеси во тој дел е неформалното формирање театарска група во општина Босилово, која веруваме дека ќе продолжи активно со своите активности и по завршувањето на овој проект. И во двете општини постојат одлични услови за одржување театар и изложби, само овие (сега засега формални) простории мора некој да ги исполни, да добијат смисла и живот. Ја приспособивме салата во Домот на култура Босилово и за ликовни настани и за првпат во тој простор се одржаа две самостојни ликовни изложби на младите академски уметници-графичарката Даниела Стоилкова и вајарот Тимчо Гаврилов. Морам да напоменам дека просториите се од второстепено значење(какви и да се), пред се важни се уметниците и нивната волја за творење, нивните ателјеа, нешто да го запали огнот во нивните работилници, затоа што творечкиот оган е скапоценост и тој станува пожар кој ќе ја исполни со светло културата на една земја и еден народ. Реализиравме и краток филм на режисерот Даниел Трајков, во кој беа вклучени исто така многу уметници и малади креативци. Ја издадовме првата драма на младата писателка Ѓургица Костадиновска, за која се надеваме дека наскоро ќе биде и поставена на една од сцените.

Младите се иселуваат. Има ли доволно млади да се реализираат проектите, и во што се покажаа како најталентирани? (филм, режија, глума, писателско творештво, ликовна уметност….)

– Да, младите се иселуваат. Тоа е можеби најголемата современа трагедија која ни се случува. Би бил радосен кога во странските држави истите млади уметници би продолжиле да создаваат уметност, но најчесто не е така. Заедно со иселувањето и безмилосната капиталистичка борба за егзистенција, овде ги оставаат и своите таленти и дарби, како некоја стара облека која нема да биде потребна во богатите земји каде на секаков можен начин се бира да се создаваат пари, не уметност. Дека создавањето уметност е пред се духовен пат, животна смисла на човекот, покасно доаѓа сметката за тоа дали вреди или не да се материјализираат уметнички дела.

Во услови на „централизација“ на главните културни настани во главниот град, некои во помалите градови, дали ова се „донкихотовски“ акции на „Транзен“ за пробудување и заживување на културите збиднувања во селата?

– Откривме млади луѓе со неверојатна дарба за актерска игра(некои од нив сигурен сум дека ќе продолжат). Затоа што колку и да звучи иронично, како реакција на вашето прашање за Дон Кихотизмот ќе ви одговорам дека во срцевината на секој творец се крие по еден Дон Кихот, безмилосен борец против корумпираниот материјален свет кој сака да не направи сите една материја, исти како една аморфна маса која ќе може полесно да не внесе и со сила во организираниот светски проект за среќна и материјално средена цивилизација, но само како што некој предвидел и нацртал во својот имагинарен проект. Никако поинаку. А за централизацијата на културата посебно во нашата држава, можам само да кажам дека има титански размери. Со сигурност можам да кажам дека деведесет посто од вкупните настани во земјава се финансираат, реализираат и одржуваат во главниот град. Пред да дојдеме до тоа да ја децентрализираме културата од помалите градови како Струмица во околните места и малите рурални општини, мораме пред се да го дијагнозираме степенот на децентрализација во однос Скопје-Струмица. Во Струмица со огромен Центар за култура (галерии,сали) и Завод и музеј со одлична современа галерија, ние во последните неколку години имаме во просек годишно по најмногу 6 ликовни изложби (половина од тие се на локални уметници), да не зборуваме за гостувања од странски уметници или од креативци од соседните земји. За каква децентрализација тука ние зборуваме. Но, да се потсетиме на Андриќ-Еден творец дали своето дело го создал во Травник, во Рим, Париз или во Мадрид тоа нема никаква улога во големината и длабочината на суштината на тоа дело. Творечките битки се водат далеку, во најнапуштените и најоддалечените места на овој свет.

Идни планови?

– Експертот за културен менаџмент Јасмина Мазгалиева спроведе низа активности, предавања и работилници со администрацијата и уметниците во трите општини кои доведоа до стратешки документи за култура за следните пет години, едната стратегија е веќе и изгласана на советот на општина Василево.

За МИА Катерина Давчева

loading...