Пол Столпер, галерист од Лондон – кон изложбата на Дејмиен Хрст

357

Во Музејот на современата уметност во Скопје е отворена  изложбата „Нова религија“ на британскиот уметник со светско реноме Дејмиен Хрст. Реализирана е со помош на Британскиот Совет во Скопје, а куратор е претставникот на Хрст и галерист од Лондон Пол Столпер.  

Поставката досега гостувала во бројни музејски простори низ светот меѓу кои и престижните музеи во Венеција, Москва, Осло, Гдањск. Македонската публика има можност да ужива во оваа изложба се до 11 август.

Демиен Херст во Македонија е познат по своите дела но пред се како контроверзен уметник. Во што се состои контроверзата која го следи?

loading...

– Сметам дека е тоа предрасуда која ги води луѓето во погрешна насока, но во ред нека е така. Со толку голема конкуренција во вид на телевизии, реклами, компјутери тешко е да бидете видлив и ако имате своја поента која сакате да ја изнесете, колку и да е важно тоа што сакате да го кажете, тоа е тешко изводливо, најчесто ќе се удавите во напливот на овие други информации. Сметам дека Дејмиен е многу свесен за силата на неговите дела и затоа настапува така силно, за да биде виден и забележан. Луѓето кои го разбраа ова, затоа и го промовираа во она што Хрст е сега.Тој е моќен уметник, знаете не можете да ја засновата кариерата само врз контроверзност. Луѓето мора да се почувствуваат себе си во вашата работа. Во спротивно неговата кариера не би траела во изминатите 30 години. Од друга страна, голем дел од неговите дела не се контроверзни, на пример сликањето со точки. Тој не се плаши од такви дела, мора да можете да погледнете подалеку од каучот, како што би се рекло. Тој ја разбира природата на луѓето и како тие гледаат на уметноста.

Дали Хрст може да се смета како дел од Поп Арт уметноста?

– Тој е современ уметник, а претпоставувам дека сите современи уметници се вртат и кон минатото. Тој е фокусиран врз таблетките како дизајн и ги смета за најубава минималистичка уметност. Мислам дека е заинтересиран најмногу за минимализмот како уметност како Роберт Рајмен, Доналд Џаб.

Кое е неговото омилено поле на работа?

– Работи на сите полиња. Нема омилено. Тоа се гледа и на изложбата има слики, графики, скулптури, принтови, инсталации. Мислам дека никогаш не би избрал еден начин на изразување, мислам дека би рекол дека се решава за тоа што во моментот е вистинскиот избор.  Дали е мермер како за таблетката, дали е сребро како во черепот, дали е дрво како во крстот. Она што е соодветно тоа ќе го искористи.

Интересно е како тој ги поврзува работите. На пример како наоѓа врска меѓу апчињата и религијата?

– Традиционално ако ги гледате темите на животот и смртта, тие се префрлаат и во уметноста  веќе илјадници години. Тој повторно ги преразгледува овие теми, го поставува прашањето за тоа дека луѓето денес бараат утеха повеќе во науката и лековите, фармацијата. Порано одговорите и утехата ги барале во религијата. Значи причините за животот и смртта за кои одговор порано наоѓале во религијата сега ги наоѓаат во лековите и науката со истата цел. Тоа е пресвртница и негово модерно видување на овие традиционални теми. Тоа е модерната религија за современите луѓе. Токму тоа мислам дека не им го кажува и тврди на луѓето, туку едноставно го поставува како прашање. Значи прашува-Дали е тоа случајот сега?

Оваа изложба е стара десетина години. Кои теми сега го интересираат Херст?

– Сметам дека уметниците имаат бројни теми кои ги истражуваат во текот на творештвото.  На пример Пикасо. Тој се надградувал во текот на неговата кариера која траела 70-80 години. Дејмиен се уште ги разгледува тие теми но ги презентира на нови начини. Пред неколку години ја имаше изложбата „Шизофреногенеза“ на која тема му беше исто така медицината, а апчињата беа претставени многу ,но со минималистички дизајн и со шарени, привлечни бои. Тука беше фокусиран на растот на фармацевтската индустрија и како тие ни ги прават производите попривлечни за купување. Правеше и скалпели големи како соба или шприцеви долги до три и пол метри, во стилот на „Алиса во земјата на чудата“, тука беше истакнат дизајнот на лекарствата. Тој постојано прави нови, различни работи.

Многу е популарен во Велика Британија и Европа. Како стојат работите со светот, на пример САД?

– Неговата популарност е огромна, глобална од Кореја, преку Русија, САД и Кина. Има направено стотици изложби низ светот. Нема точна бројка затоа што музеите меѓусебе си ги позајмуваат поставките.

Дали луѓето секаде ја разбираат неговата порака?

– Сметам дека прашањето за животот и смртта насекаде е исто. И во Кина и во Македонија на пример.Тоа е универзална тема и едно вечно прашање.

Како да ги привлечеме луѓето во што поголем број да ја посетат изложбата ?

– Па најпрво изложбата е со слободен влез, значи нема оправдување да не дојдете. Луѓето природно се љубопитни и сакаат да дојдат да видат нешто за што не знаат многу. Можат да дојдат за изложба на еден уметник за кој слушнале претходно, уверен сум во тоа, а на неговата изложба можеби ќе ги најдат одговорите кои ги бараат.

Вие сте галерист, како изгледа тоа да се преживее во Лондон каде што конкуренцијата е толку силна?

– Тоа е вистина. Времињата се сменија, галеристите мора да патуваат низ светот да се презентираат многу повеќе во оваа силна конкуренција. Галериите постојано никнуваат. Ние мораме да соработуваме меѓу себе. Во Македонија посетив галерии. Ние мораме да се менуваме и прикажуваме постојано интересни изложби. Неодамна го имав Брајан Ино, тој е познат и тука и во целиот свет, особено поради звукот и светлината кои ги користи во изложбите но потоа мораме да го промовираме низ светот, низ САД. Како и да е мојата работа бара многу труд и страст, поинаку не може. Среќавам интересни луѓе низ целиот свет и работам со уметници кои имаат различни видувања на светот околу нас.

Сте слушнале ли за некои уметници од Македонија можеби?

– Не, но барав во колекциите и изложбите тука. Секаде каде што одам се обидувам да пронајдам не толку таленти колку да разберам. На пример кога бев во Босна неодамна ми покажаа некои апстрактни слики направени до 1970 година, што за мене беше во исто време многу ново, но и многу старо. Кај нас на пример апстракцијата се правеше во почетокот на 20 век.  Да се направи таква слика во 1970 во Босна е многу предизвикувачки. Секогаш барам да видам и да разберам кога доаѓам во нови држави, како на пример во Македонија.

Кога зборувам за уметноста секогаш се поставува прашањето за парите. Како луѓето можат да си дозволат слики кои се по нивен вкус со оглед на страшно високите цени?

– Секогаш може да се најде нешто. Секогаш има некој нов и млад. Фокусирајте се на нив.

Значи ваша препорака се млади уметници?

– Не баш, вие прашавте за парите, во случаи кога тие се проблем. Инаку секогаш имате одлични сликари и млади сликари кои убаво работат со пристојни цени. Секогаш можете да направите избор, тој постои. Сите можат да си најдат нешто што им се допаѓа. Конечно, не морате ниту да ја купите сликата или делото, зачувајте го само сеќавањето на истото. Уживајте во моментот, не морате да живеете со уметничкото дело.

Можете ли да ни ги кажете новите трендови во уметноста во Велика Британија сега?

– Има многу трендови, многу различни работи се случуваат на различни полиња, почнувајќи од филм, видео, перформанси, има толку многу работи што не сметам дека се издвојува еден единствен тренд. Ова е возбудливо време и многу работи се случуваат сега. Јас лично не издвојувам еден тренд во Велика Британија, иако можеби и ги има..

Пол Столпер галерија

Сметате ли дека Лондон му го презема приматот на Берлин кој беше лидер во уметноста во Европа?

– Мислам дека интересни работи се случуваат насекаде низ светот. Сметам дека Лондон ја зголеми својата репутација од 90-те години на минатиот век кога луѓе како Дејмиен и неговите колеги уметници од академијата „Голдсмит“ почнаа да прават навистина интересни уметнички дела. Дали Лондон води, не знам мислам дека уметноста толку расте што секаде се случуваат убави нешта. Сигурен сум дека прекрасни нешта се случуваат и овде во Македонија, само што јас не сум запознаен со нив. Современата лондонска уметничка сцена е многу богата, но Дејмиен Хрст е најпознат во глобални рамки. И сега ги излагаме неговите дела во овој прекрасен Музеј на современа уметност, извонреден примерок на бруталистичката архитектура која многу ја ценам. Знам и дека архитектот за ова здание бил Полјак кој победил на конкурсот на УНЕСКО организиран како дел од изградбата на Скопје по земјотресот. Се надевам дека Дејмиен е вистинскиот уметник кој ќе ги привлече луѓето да дојдат да ги видат неговите дела во овој прекрасен музеј.

За МИА Виолета Геров

loading...