По 50 години работа и 200 филмови, Џеки Чен конечно доби Оскар

701
Џеки Чен

Кога Џеки Чен пред 23 години ја видел наградата Оскар во домот на Силвестер Сталоне, си ветил себе си дека еден ден и тој ќе има негова златна статуетка.

Кинескиот актер и мајстор на боречки вештини, конечно на свеченост во саботата ја доби оваа престижна награда, во форма на почесен Оскар за придонес во филмската уметност.

– По 56 години во филмската индустрија, повеќе од 200 снимени филмови, исто толку скршени коски.. Конечно, изјави 62-годишниот Чен на гала вечерата во Лос Анџелес, цврство држејќи го во рацете неговиот Оскар.

Тој му заблагодари на неговиот роден Хонг Конг, кој го направил „горд Кинез“ и на неговите обожаваели, велејќи дека тие се причината поради која тој „продолжи да снима филмови, да скока низ прозорци, да тепа и да прима удари и да крши коски“.

Американската академија на филмска уметност на годишната свеченост почесни Оскари додели и на британската филмска уредничка Ен В. Коатс, кастинг директорката Лин Сталмастер и на документаристот Фредерик Вајсман.

На ова престижно случување прсуствуваше речиси целата холивудска елита, вклучувјќи ги Дензел Вашингтон, Лупита Нјонго, Никол Кидман, Ема Стоун, Рајан Рејнолдс, Ејми Адамс и Дев Пател.