Предупредување на аналитичарите | Ако продолжи ЕУ да го отфрла Западен Балкан, Русите и Турците би можеле да доминираат во регионот

322

Откако Европската комисија неодамна ја претстави стратегијата за вклучување на некои од земјите од Западен Балкан во Европската унија до 2025 година, многу експерти на овој дел на Стариот континент истакнуваат дека Брисел не треба да се откаже од тој амбициозен план.

Иако, Европската комисија покрена иницијатива поранешните југословенски републики да ги исполнат сите потребни услови за влез во Европската унија, изгледите за влез во заедницата се многу далечни, но Европа не треба да се откаже од својата намера, бидејќи се проценува дека нејзиното место би можеле да го искористат и заземат Русија и Турција, смета британскиот Financial Times.

Угледниот весник истакнува дека Европската унија по долга пауза повторно е подготвена да разговара за проширување на своите граници, потсетувајќи дека претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, минатата година на владите на шестте земји од Западен Балкан им ветил “сигурна перспектива за членство во ЕУ”.

Јункеровиот оптимизам во врска со проширувањето, потсетува весникот, доаѓа по речиси 13 години пауза, бидејќи во Брисел од 2004 година завладеа одреден замор кога станува збор за проширувањето на ЕУ кон исток. Во тој период од регионот само Хрватска стана членка на 1 јули 2013 година.

Нема место за идеализам. Очигледно, од 2004 година проширувањето на ЕУ на исток во голема мера го изгуби своето значење. Денес, меѓутоа во Европската унија постои замор од проширување, главно поради миграциите проблеми кои предизвикале бес меѓу гласачите кои ја изгубиле довербата во способноста на официјален Брисел да постигне нешто, освен секојдневните борби со економските проблеми, анализира Financial Times.

Но, аналитичарите на британските медиуми истакнуваат дека, покрај вклучување на пост-комунистичкиот Исток како еден од најважните достигнувања на заедницата, најважниот сегмент во идното проширување, кое ќе го вклучува Западен Балкан, е оној од геостратешка природа.

Списанието, исто така, истакнува дека е во интерес на сите страни тоа, приклучување кон Европска унија да стане реална перспектива за балканските земји во кои ги има многу од оние, кои по долгогодишно чекање на прагот, станале крајно сомнителни за искреноста на Брисел. Од позиција пак на “земји на прагот на Унијата” главниот аргумент за влез во клубот е тој што тие земји целосно се опкружени со земјите членки на ЕУ.

Аналитичарите на списанието, укажуваат на фактот дека тие земји постигнале одредена стабилност по тешките 90-ти години, а како една од во моментот најважните улоги на земјите од Западен Балкан се истакнува нивната улога во следењето на големиот миграциски бран.

“Ветувањата за членство предизвикале серија тешки одлуки на земјите од Западен Балкан кои ги донеле за да станат дел од ЕУ. На пример, Србија направила сериозни отстапки поврзани со Косово. Сепак патот на влегувањето во Унијата останува многу долг, а во меѓувреме, влијанието на ЕУ се намалува. Денес, само 26 отсто од Србите се за влез во Европска унија”, пишува британскиот весник, предупредувајќи дека Русија и Турција од многу геостратешки причини и придобивки подготвени чекаат да го преземат местото на Европската унија во оваа област.

“Ако ЕУ се откаже, Русија и Турција се изнимно подготвени да ја преземат таа функција”, забележува списанието со загриженост, додавајќи дека ниту една од поранешните републики на поранешна Југославија всушност не ги исполнува високите критериуми за членство.

Financial Times при тоа наведува дека Европската комисија во неколку наврати, јасно ги нагласи карактеристичните проблеми со кои се борат тие држави, почнувајќи од поврзувањето на државата со организираниот криминал, узурпација на власта, раширена корупција на сите нивоа, но, исто така, и со задушување на слободата на говорот, а за справување со функционална пазарна економија и да не се зборува.

Весникот потсетува дека претседателот на Европската комисија Јункер истакна дека 2025 година е дури индикативен датум за влез на балканските земји во ЕУ, истакнувајќи дека “реалните изгледи ќе се оценуваат според нивниот вистински напредок”.

“Теоретски гледано, некои од овие земји можат да ги претекнат другите на патот кон ЕУ за време на тој седумгодишен период. Пвенствено се мисли на фактот дека ЕУ ако го препознае напредокот на Албанија и да ги прекине сите теории во врска со наводното фаворизирање на Србија на патот кон полноправното членство. Покрај тоа, треба да се пофали итното барање на Брисел колку што е можно поскоро да го решат територијалниот спор пред влезот во ЕУ, почнувајќи од статусот на Косово, па до спорот меѓу Македонија и Грција околу името”, вели Financial Times, додавајќи дека внатре во ЕУ би било незамисливо да се носат со такви видови постојани конфликти и опасни етнички тензии со кои се хранат тие држави.

“Неопходно е да се види дали Европската унија има механизми за мирно решавање на споровите. Сепак, од витално значење е дека нејзината врата останува отворена за соседите кои се искрено посветени на нејзините вредности”, заклучува весникот во својата анализа.

loading...