Пушење – штетна навика или потреба која бара одвикнување

1098

„Од се ќе се откажам, само не од пушење цигари; последните пари би ги дал/а за цигари; знам дека се штетни цигарите, ама не можам да се откажам; тоа е, еднаш се живее“… Вака коментираат дел oд страстните консументи на цигари, кои, иако ги знаат штетните последици по здравјето од пушењето, сепак не се откажуваат од нивната штетна навика или потреба.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека на секои шест секунди едно лице умира од болест поврзана со пушење, а една испушена цигара го скратува животот за 12 минути.

Никотинот и другите слични алкалоиди кои ги има во цигарите влијаат на психоактивната состојба и заедно со катранот (остаток кој содржи смола и други пропратни соединенија) се едни од главните причинители за морбидитет и морталитет од малигни заболувања, кардиоваскуларни болести, хронични респираторни заболувања, состојби поврзани со репродукцијата, болести на зависност и друг вид болести и состојби.

Но, и покрај овие податоци, консументите на цигари не се откажуваат од нивната секојдневна навика, а загрижувачки е што нивниот број постојано се зголемува. Според податоците на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, се зголемува бројот на возрасни активни пушачи, а се намалува меѓу тинејџерите.
Во државава активно пушат 46 отсто од граѓаните (на возраст од 15 до 64 години) или речиси секој втор граѓанин, а на возраст од 15 до 34 години активно пушат 40,2 отсто од граѓаните.

Повеќе спроведени студии во Република Македонија покажале намалување на употребата на тутун и цигари кај децата на возраст до 15 години.

Намален е процентот на ученици кои некогаш пушеле цигари во животот и на оние кои секој ден пушат. Според податоците, во 2016 година 23,8 отсто од ученици се изјасниле дека пушеле цигари некогаш во животот, а 2,4 отсто дека пушат секој ден, додека во 2008 година 26 отсто пушеле цигари некогаш во животот, а 3,7 отсто се изјасниле дека пушат секој ден. На возраст под 10 години првпат запалиле цигара 18,5 отсто од учениците, а 3,9 отсто употребуваат електронска цигара.

Во врска со штетните последици кои ги предизвикува пушењето, доктор Димитар Каркински од Клиниката за пулмогија и алергологија истакна дека пушењето го ослабува организмот на пушачите, но и на непушачите.

– За жал бројот на пушачи се повеќе и повеќе расте. Пушењето делува штетно не само на белите дробови, туку речиси и на целиот организам. Кај белите дробови доведува до хроничен бронхитис, а понатаму и до хронична опструктивна белодробна болест и на крај до карцином. Доведува и до оштетување на крвните садови, се јавува хипертензија, го зголемува ризикот од мозочни удари, инфаркти, карцином на многу други органи, рече д-р Каркински.

Во врска со тоа колкав број цигари може да се смета за не многу штетен по здравјето, истакна дека за тоа одговор бараат многу пушачи, меѓу кои и бремени жени.

– Пушењето генерално е штетно. Тие што кажуваат дека неколку цигари не се штетни, кажуваат така за да се намали стресот од прекинот со пушење за да не направи некој проблем во бременоста. И една цигара да се пуши е штетно и за мајката и за плодот. За жал кога бев млад и во мое време почнаа да пушат моите другари во шесто и седмо одделение и сега после 20 години тоа не е променето, посочи д-р Каркински.
Според него, родителите мора да им посветат поголемо внимание на своите деца, да им забрануваат да пушат.

– Често има родители кои пушат и не водат голема грижа за своите деца. Пушењето е навистина штетно и на Клиниката за пулмологија секојдневно се среќаме со катастрофалните последици од пушењето. Мора и државата да преземе порадикални мерки за да се намали бројот на пушачи меѓу возрасните и децата, додаде д-р Каркински од Клиниката за пулмогија и алергологија.

Пулмолозите апелираат да се набават лекови кои ќе им помогнат на пушачите за одвикнување од пушење и да се прават скрининзи за да се утврди дали постои сомнение за оваа болест или други болести. Тие кои сакаат да се одвикнат од пушење можат да ги посетат и советувалиштата лоцирани во центрите за јавно здравје во Скопје, Прилеп, Битола, Штип, Кочани, Струмица, Охрид, Тетово, Куманово и Велес.

И додека сите укажуваат на штетноста од пушењето, останува да видиме што ќе донесат измените на Законот за заштита од пушењето кои собраниската Комисија за здравство ги проследи на пленарна седница во Собранието.

Целта на измените е бришење на дел од еден став од законот кој го дефинира просторот за пушење надвор од угостителскиот објект. Угостителите и лекарите на јавна расправа во декември разменија различни ставови во однос на предлогот. Лекарите сметаат дека со сегашниот закон е постигнато значително намалување на пушењето кај младите, додека за угостителите законот треба да биде балансиран и за пушачите и за непушачите.

Пратеникот Томислав Тунтев на јавна расправа во Собранието за измените на Законот за пушење рече дека граѓаните на Македонија се трети во светот по број на испушени цигари годишно.

– Македонија има обврска да го намали производството на тутун, а тоа се субвенционира со околу 20 милиони евра годишно од државата зашто е значајна стопанска гранка, рече Тунтев.

Македонското респираторно здружение, пак, повика сите институции да направат се што е во нивна моќ за заштита на здравјето на населението во Македонија. Од Здружението повикаа да се преземат чекори за поригорозно спроведување на Законот за заштита од пушење наместо да има заложби за либерализација на пушењето.

Околу шест милиони луѓе умираат секоја година како последица на пушењето, од кои пет милиони пушачи, а над 600.000 починале како резултат на изложеност на цигари. Речиси 80 проценти од вкупниот број пушачи во светот, што се проценува на околу милијарда, се од земји со низок и среден доход.

За МИА Рената Пепељугоска

loading...