Розе Мојсовска | Бог ми го смени животот

829

Родена сум со телесен хендикеп во Скопје. Докторите препорачале да ме однесат во болница во Белград, затоа што зградата не била направена по земјотресот.

На седумгодишна возраст рацете ми беа оперирани, не можев да цртам, а беше денот на жената. И сите деца цртаа честитки, а јас не можев ниту да се помрднам.

Со мојата желба и упорност и  јас нешто да направам,  ја зедов боицата во уста и со устата  нацртав цвет. Тоа ми беше првиот цртеж. Сите беа восхитени. Така ја открив својата дарба за цртање. Оттогаш до ден денешен, цртам со устата.

Вака ја почна својата животна приказна Розе Мојсовска, меѓународно признато лице со посебни потреби кое црта со уста, која неодамна имаше изложби во Кавадарци и Неготино.

– Порано многу се срамев да цртам со устата. Не сакав јавноста да знае дека јас можам да цртам затоа што имав многу гнев и срам во мене. Затоа што не сакаа да ме прифатат како што сум сега прифатена. Сега сум подобро затоа што ете, прифатена сум. Затоа што видоа дека јас умеам да работам, да цртам, си ја отвори таа душата.

Си дошла дома, но бидејќи дома немала услови за школување, подоцна ја  однеле во Завод за заштита и рехабилитација бања Банско. Таму се школувала и таму го усовршила и талентот за цртање.

– Но, само учителките и моите најблиски знаеја дека јас умеам да цртам бидејќи многу се срамев. Бев одбивна, бев гневна во мојот живот. Не знаев како да го живеам животот, река од емоции предизвика ова нејзино признание.

Во 1996 година дошол  еден Американец кој имал сестра со телесен хендикеп.

– Тој пееше духовни песни. Рече дека сака да се зближи со нас. Да ни зборувал за Господ. Се приближив до него и го прашав: ако постои Господ, зошто сум јас ваква? Господ не постои. Тој се насмеа и ми рече:
што ако мене ме гледаш вака навидум здрав, а внатре каков сум? Дали знаеш како ми е? И тогаш ми даде една книга. Кога ја прочитав, се најдов во неа. И видов дека една девојка претходно била здрава, а на 18 години по скок во вода, си го повредила ’рбетот. Ја видов храброста во неа, за да го покаже својот талент. И таа цртала со уста. И не се срамела како што јас се срамев тогаш. Оттогаш си реков во себе, ете, јас сум родена со телесен хендикеп, а се срамам. Таа подоцна се стекнала со хендикеп и не се срамела да црта. Тогаш почнав да се јавувам пред јавноста и да го славам Бог. Затоа што мене Бог ми дарил да цртам, затоа што тој така ме создал. И не се срамев повеќе што ете таква сум родена. Бидејќи сите,  без разлика какви сме,  на некој начин сме хендикепирани. И сфатив дека во животот сме за да се бориме. Да издржиме, да имаме љубов. Да ја искажуваме дарбата што ја имаме. Бог ми го смени животот бидејќи пред тоа бев никој и ништо. Сега моето срце е пребогато, нагласи со оптимистички жар во очите и широка насмевка на лицето.

Таа сака да ги охрабри и другите дека овој живот вреди да се живее. Никој да не си го упропастува сопствениот живот, да не се гневи. Повика  на смиреност и љубов кон себе и кон другите.

– Научив како да живеам. Ништо не треба да не спречи на патот кон успехот и не постои бариера која не може да се помине. Без разлика какви сме, сите ние на некаков начин имаме по некој хендикеп. На сите им порачувам да имаат голема волја и да се борат во животот. Постоиме за да се бориме. Бидејќи не смееме да ја изгубиме вербата.  Оти сите ние имаме по некоја дарба. Јас еве умеам да цртам, да пишувам поезија. Имам прекрасни луѓе околу мене. Господ ми го смени животот, им порачува таа на лицата со хендикеп кои очајуваат и можеби се уште не можат да се пронајдат себеси, но и на сите други.

Нејзината цел е еден ден да стане професионален уметник.

– И би сакала многу луѓе да утешам, да ги охрабрам. Да не се разочаруваат бидејќи и јас бев разочарана. Но, сега сум исполнета со љубов.  Сакам да им докажам на луѓето дека и ние со посебни потреби можеме да работиме на специфичен начин. Творењето ми прави големо задоволство, додаде Мојсовска.

Таа досега има реализирано бројни изложби во земјава и странство. Член е на друштвото на уметници кои цртаат со уста и нозе и добива стипендија за еден ден да стане професионален уметник.

– Јас сум еден од оние кои сакаат да живеат, гласи еден од нејзините стихови.

И навистина, животната судбина и храброста и трпеливоста на овој борец во вистинската смисла на зборот, воодушевуваат и инспирираат.

За МИА Светлана Дарудова

loading...