Ромскиот јазик, богатство што треба да се негува и надградува

75

Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации – УНЕСКО на 7 ноември 2015 година донесе декларација со која 5 Ноември беше прогласен за Меѓународен ден на кој преку разни настани би се зголемувало значењето и значајноста од постоењето на ромскиот јазик.

Првите истражувања за ромскиот јазик биле направени во 17. век, а многубројните истражувања од професори и научници докажале дека ромскиот јазик е најблизок до хиндустанскиот и до утскиот јазик. Ромскиот јазик има 36 гласа од кои секој се одбележува со засебна пишана буква. Има само машки и женски род. Има околу 33.000 зборови и постојат 17 дијалекти, но сепак Ромите можат да се разберат еден со друг низ целиот свет. Ромскиот јазик никогаш не бил целосно изграден дури и на ниво на дијалекти. Тие се многу различни и стануваат се поразлични, бидејќи Ромите ги прифаќаат зборовите од јазиците на луѓето со кои живее ромската популација.

Бројот на Ромите во Европа се движи помеѓу 12 и 15 милиони. Од нив околу 70 проценти живеат во земјите од источна и југоисточна Европа. Повеќе од 60 проценти од Ромите во овие делови од Европа го говорат ромскиот јазик.
На Конгресот што се одржа во Лондон во 1981 година ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми во светот.

Ромскиот јазик изборен предмет во Република Македонија

Првата граматика на ромскиот јазик во Македонија и во светот е напишана во 1980 година и е издадена од ромскиот автор Шаип Јусуф и коавторот Круме Кепески.
Во 1992 година во Скопје е изготвен документот „Општи принципи за кодификација на ромскиот јазик“ во чија содржина се истакнува кодификацијата на ромскиот јазик како наставен предмет во Република Македонија и дека поголем дел од Ромите во Македонија припаѓаат на арлискиот говор кој се зема како основа на литературниот ромски јазик во земјава, но со извесни граматички и фонолошки и особено лексички дополнувања од сите говори во Република Македонија како што се џамбаскиот, бугурџискиот, гурбетскиот,…

Во Македонија првпат во учебната 2008/09 година се воведе изборен предмет „Јазик и култура на Ромите“ кој се изучува во трето и четврто и петто одделение во Скопје, Тетово, Штип, Кичево и Куманово.

Изучувањето на ромскиот јазик во основното образование е изборно и во учебната 2016/17 година. Во општина Шуто Оризари се предава во две основни училишта, а го изучуваат 1.772 ученика, во Штип во три училишта го изучуваат 181 ученик, во Чаир во три училишта го учат 161 ученик, во Куманово во три училишта настава по ромски јазик посетуваат 29 ученици и во Кичево во едно основно училиште 63 ученика.

Последниот попис од 2002 година покажува дека во Македонија живеат 53.879 Роми или 2,7 проценти од целата популација, додека истражувањето на УНХЦР спроведено меѓу 2008 и 2011 година на 13.770 Роми со живеалиште во Македонија идентификува 6.514 лица кои имаат проблеми со документација, вклучително 775 лица кои никогаш не се регистрирани во матичната книга на родени. Македонското здружение на млади правници со работа на терен од 2010 година досега имаат идентификувано 664 случаи на бездржавјанство, како незапишано раѓање и лично име и лица кои немаат регулирано државјанство, од кои околу 70 проценти се Роми.

Македонија изворот на ромскиот јазик, култура и книжевност

Македонија е изворот на ромскиот јазик, ромската култура и ромската книжевност вели проф. д-р Љатиф Демир, Ром од Македонија, кој работи на Филозофскиот факултет во Загреб на Катедрата за индологија, отсек за ромистика, студии кои првпат се појавуваат во Европа.

Единствениот универзитетски професор Ром од Македонија нагласува само околу 44 проценти од децата Роми во Македонија завршуваат основно образование, а една од главните причини за тоа е немањето доволно образован кадар кој ќе им предава на мајчиниот јазик. Смета дека станува збор за голем проблем на кој не му е најдено решение и само се нудат алтернативни решенија во областа на образованието на Ромите.

– Во Македонија се направени првите големи работи за Ромите кои се случувале во светот. Во 1980 година е издадена првата граматика на ромски јазик во светот од авторот Шаип Јусуф и коавторот Круме Кепески. Во Скопје е основан и театарот „Пралипе“ кој постана светски театар на Ромите. И покрај тоа Ромите немаат вистински третман во државата и се уште не постојат студии по ромистика во земјата која е изворот на ромскиот јазик, ромската култура и ромската книжевност, изјави д-р Демир.

д-р Љатиф Демир

Тој посочи дека децата Роми од Македонија мора да се образуваат на нивниот мајчин јазик – ромскиот, а таква можност, прецизира, постои и во Уставот на Република Македонија во кој, како што вели, има клаузула која им дозволува на Ромите да се школуваат на својот јазик, но се појавува проблемот со недостиг на ромски кадар.

– Секогаш ни викаат нема кадар, меѓутоа што е преземено за да се створи кадар. И сега ние немаме ниту наставници по ромски јазик. Со оваа иницијатива Ромите ќе добијат институционално покривање во образовниот систем и создавање на ромски учители. Од тука почнува и една нова ера во образованието и сите работи кои се правени на ниво на алтернативни решенија се завршуваат со влезот на ромскиот јазик во институциите, рече Демир.

Посочи дека предметот ромски јазик претгодно е внесен на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и на факултетот се изучувале Ромски јазик 1, 2, 3 и 4.

– Меѓутоа со моето заминување од пред две години престана бидејќи нема кој да го води тој предмет тука. Пет години работев без ниту еден денар и држев предавања по ромски јазик, потпишував испити и влегував во проектот на Еразмус, со кој имавме студенти од Полска, Германија, кои го избираа ромскиот јазик и доаѓаа специјално во Скопје за да го учат јазикот, меѓутоа си заминав од Скопје, рече Демир.

Проф. д-р Демир заедно со Рајко Ѓуриќ и Фатиме Демир е коавтор на „Граматиката на современиот ромскиот јазик“, која има голем придонес во процесот на современата стандардизација и кодификација на ромскиот јазик со оглед на фактот дека постојат бројни дијалекти и идиоми кај нас и во светски рамки.

Се планира отворање катедра по ромски јазик на УКИМ

Република Македонија планира да отвори катедра по ромски јазик на Педагошкиот факултет, а мојот Кабинет ќе ја покрене иницијативата за отворање на катедрата, најави министерот без ресор задолжен за имплементација на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите, Самка Ибраимовски на одбележувањето на 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик.

– Негувањето на мајчиниот јазик е значајно за опстанокот на една етничка заедница. Историјата, културата и јазикот се основно обележје за припадноста на еден народ. Со прогласување на Светскиот ден на Ромите УНЕСКО испрати јасна порака дека ромскиот јазик е дел од културното наследство и културното богатство на светот. Ромскиот јазик мора да се сочува бидејќи е древен јазик со сите лингвистички карактеристики на модерниот јазик кој е во опасност од исчезнување. Ромскиот јазик има свое минато како и сегашност, но ако сакаме да го имаме во иднина треба да го негуваме, рече Ибраимовски.

Посочи дека голем број Роми во светот не го говорат ромскиот јазик и додаде дека е од голема важност Ромите да се вратат на својот јазик, култура и традиција, бидејќи јазикот е најважниот систем на комуникација и идентитет, дружење, култура и интеграција.

– Ќе се залагам Република Македонија редовно да го одбележува Светкиот ден на ромскиот јазик и да го прогласи 5 Ноември за национален ден на ромскиот јазик. Разговараме со Педагошкиот факултет и веќе сме во завршна фаза да почне да има студии на ромски јазик на педагошката академија. Професорот Љатиф Демир е тука, тој го прави елаборатот и сметаме дека од наредната година ќе почне да има и студиска група по ромски на факултетот во Скопје, прецизира Ибраимовски.

Поддршка од МОН и Владата заотворање катедра по ромски јазик

Министерката за образование и наука Рената Дескоска на одбележувањето на Свесткиот ден на ромскиот јазик порача дека Ромите имаат обврска да го чуваат својот јазик, а државата да создава услови за тоа, бидејќи јазикот е суштински елемент на секоја култура и заедница. Таа посочи дека МОН ќе се заложи да помогне во остварување на задачата за зачувување на ромскиот јазик и за унапредување на неговата употреба.

– Македонија го препозна значењето на гарантирањето на јазичните права на заедниците. Владата промовира општество еднакво за сите, а тоа опфаќа и гаранција за унапредување на јазичните права на сите заедници кои живеат, вклучувајќи ја и ромската. Во образовниот систем постои потреба од унапредување на изучувањето на ромскиот јазик, но исто така постојат и проблеми за остварување на тоа право заради недостаток на соодветен наставен кадар, рече Дескоска.

Потсети дека во моментов во училиштата постои можност да се изучува предметот „Јазик и култура на Ромите“ за кој има учебници за трето, четврто и петто оделение, а за останатите одделенија не се изготвени учебници.

– Проблемот со недостаток на наставен кадар се обидуваме да го надминеме со стипендирање на студенти Роми од јавните и приватните високообразовни институции и универзитети и со програми за туторство на студенти Роми. Во процесот на најавената ревизија на учебниците нагласивме дека елементот на мултикултурализам ќе биде присутен во новите наставни планови и програми и во учебниците. На тој начин ги отвораме вратите во тој процес за вклучување на елементи кои сие ученици ќе ги учат за културата, јазикот и обичаите на ромската зедница во земјава, рече Дескоска.

Поддршка за ромскиот јазик даде и премиерот Зоран Заев кој нагласи дека Македонија гради инклузивно општество еднакво за сите во кое секој поединец или заедница има еднаков пристап до сервисите и услугите на јавната администрација.

– Клучна улога во овие процеси има образованието за да обезбеди можности за учење на историјата и културата на разноличностите во сопственото и во другите општества. Образованието мора да го негува разбирањето и почитувањето кон другиот, инаквиот, во општеството еднакво за сите, рече Заев.

Потсети дека припадниците на ромската заедница од Македонија имаа пресудна и одлучувачка улога во официјализирањето на ромскиот јазик во мапата на јазиците на народите на светот со иницијативата на професорот Јусуф Шаип. – Тој го посвети целиот свој живот на стандардизацијата на оригиналниот ромски јазик, и на негово вклучување во образованието. Македонија беше лидер на овие иницијативи кои потоа инспирираа и други држави да поддржат активности за афирмација на ромскиот јазик на институционално рамниште, рече Заев.

Тие иницијативи, тоа наследство, нагласи, останува мотивација и обврска и понатаму да ги унапредуваме овие придобивки.

За МИА Валентин Јанковски и Александар Атанасов

Скопје, 6 ноември 2017 (МИА)

loading...