Сашо Татарчевски, диригент

89

Повод за интервјуто со маестро Сашо Татарчевски  е огромниот успех кој тој и женскиот младински хор при МКЦ, го постигнаа на шестиот меѓународен фестивал и хорски натпревар за духовна музика “Vratislavia Sacra”, кој од 3 до 6 јуни се одржа во европскиот град на културата за 2016 година, Вроцлав.

Имено, хорот се закити со први места во двете категории во кои се натпреваруваше (категорија за еднородни хорови и категорија за госпел и спиритуал), а диригентот Татарчевски доби дури три специјални награди за најдобар диригент од стручното жири, од жири комисијата на организацијата „Вроцлав, европски град на културата“ и од претставниците на музичката академија во Вроцлав.

Инаку, маестро Сашо Татарчевски е професор на факултетот за музичка уметност во Скопје по група предмети од областа на диригирањето. Успешно настапува со разнородни инструментални и вокални ансамбли во Македонија и странство, а постојано работи и постигнува меѓународни успеси со неколку хорови како професионалниот камерен хор „Про Арс“, хорот на ФМУ Скопје „Драган Шуплевски“ и Женскиот младинско хор при МКЦ. Редовен член е во неколку жири комисии на меѓународни хорски натпревари, а од 2014 година е уметнички раководител и главен предавач на меѓународниот хорски форум во Струга.

Почитуван маестро Татарчевски, пред се’ честитки за големиот успех во Вроцлав.Женскиот младински хор при МКЦ, под ваше диригентство, оствари извонреден резултат на шестиот меѓународен фестивал и хорски натпревар за духовна музика “Vratislavia Sacra” во Вроцлав. Хорот се закити со први места во две категории, а вие добивте три специјални награди за најдобар диригент. Очекувавте ли ваков успех?

– Благодарам за честитките. Морам да кажам дека очекував да постигнеме успех бидејќи максимално и сериозно се подготвивме за овој настан, но секако, не очекував дека успехот ќе биде толку потполн и изразен со дури пет највисоки признанија. Според коментарите на жири комисијата и уште неколку колеги музичари присутни на фестивалот, нашите изведби оставиле многу силен впечаток, не само од аспект на подготвеност и техничка точност, туку и како уметничко доживување. Овој факт, како и изборот на програмата секако имаат свој придонес кон крајниот резултат, а тоа е прво место во категоријата за еднородни хорови, прво место во категоријата за госпел и спиритуал музика и три награди за диригент од три различни жири комисии на фестивалот.

Со кои композиции настапивте?

– Изборот на композиции го направив водејќи се според пропозициите на натпреварот, гласовните карактеристики на хорот, квалитетот на композициите како и желбата да се презентира и македонското хорско творештво. Во категоријата за еднородни хорови настапивме со композиции од Анимуча, Бритн, Пуланк и Скаловски, а во категоријата за госпел и спиритуал музика настапивме со соодветни хорски аранжмани на композиции од овој жанр.

Колку хорови учествуваа на овој фестивал и кој од нив ви остави посебен впечаток?

– На фестивалот учествуваа повеќе од дваесет хорови од Европа и САД и  исклучително сум задоволен од високото ниво кое го презентираа најголемиот број од нив. Бидејќи сите ансамбли освен на натпреварот настапуваа уште на неколку концерти во рамки на фестивалот, имав можност да ги чујам скоро сите учесници и да уживам заедно со публиката во нивните настапи. Посебен впечаток ми оставија извонредниот мешан камерен хор на музичката академија од Катовице и концертниот хор на универзитетот во Њу Хемпшир, САД.

Дали договоривте некава соработка со колегите од странство?

– Ваквите настани се секогаш многу добра прилика за остварување контакти и договарање соработки. Секако дека разговаравме со неколку колеги диригенти на кој начин и кога би можеле да конкретизираме некаква билатерална соработка. Исто така, квалитетот кој го покажавме на овој фестивал ни донесе и неколку покани за учества на други слични настани низ Европа. Ќе се потрудиме да учествуваме барем на некои од нив, во зависност од финансиските можности, презентирајќи ја македонската творечка и исполнителска хорска култура.

Колку време раководите со женскиот младински хор при МКЦ?

– Со Женскиот младински хор при МКЦ започнав да работам во 2004 година. Од тогаш па до денес остваривме голем број концерти во Македонија, и уште повеќе настапи на меѓународни фестивали и натпревари во странство. Секоја година презентираме нова програма, премиерно поставивме неколку поголеми авторски проекти, снимивме два ЦД носачи на звук со нова музика, учествувавме на сите поважни културни манифестации во Македонија, соработувавме со други ансамбли и институции. Можам да кажам дека сум исклучително задоволен од тоа што го сработивме заедно со хористките во изминатите дванаесет години.

Вие сте диригент на три хорски анасамбли, професионалниот камерен хор „Про Арс“, хорот на ФМУ Скопје „Драган Шуплевски“ и Женскиот младински хор при МКЦ. Несомнено е дека се обидувате да ја заживеете хорската сцена. Што мислите, колку успевате во тоа?

– Позицијата која ја имам како професор по група предмети од областа на диригирањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје ми наметна одговорност да се зафатам со повторно заживување и унапредување на хорската сцена во Македонија. Со таа цел, сета професионална енергија ја насочив кон создавање на хорови кои со својот квалитет ќе ги мотивираат луѓето со поинаква сериозност да пристапат кон практицирањето на хорската уметност. Трите ансамбли со кои раководам се веќе етаблирани брендови во европските хорски кругови, а јас редовно добивам покани да бидам член на жири комисии и уметнички совети како и да одржувам мастеркласи и предавања на меѓународни хорски настани од повисок калибар . Иако има уште доста работа за да се постигне такво или слично ниво на целата хорска сцена во Македонија, од денешна перспектива можам да бидам задоволен од ефектот кој го имаше мојот ангажман во последните десетина години врз заживувањето на хорската уметност кај нас.

Што е пресудно за да се создаде добар хор и добра хорска музика?

– За создавање добар хор пресудни се знаењето, способноста и енергијата на раководителот. Секако, во рецептот има уште многу состојки. Една од најважните е составот на хорот. И најспособниот диригент нема да може да направи многу доколку нема посветени хористи, полни со позитивна енергија и ентузијазам и желни за работа и непрестано напредување. Потребни се и соодветни услови за работа како специфичен простор, инструменти, логистичка поддршка и неизбежно, доколку намерата и амбицијата е сериозна, потребни се финансиски средства, кои патем речено, се многу мали во споредба со било која друга групна активност која има позитивно општествено влијание и дава резултати.

За да се создаде добра хорска музика пак, потребни се правилно едуцирани композитори бидејќи хорот е механизам со свои законитости кои не се исти со законитостите при создавање музика за инструменти. Во некоја смисла, многу потешко е да се создаде добра хорска, отколку добра инструментална музика.

Колку изведувањето дела на македонски автори може да придонесе за промоција на Македонија?

– Придонесува многу повеќе отколку што е општата перцепција за тоа. Секако, позитивна промоција има само доколку изведбата е квалитетна и доколку се изведуваат добри композиции. Имајќи го педвид фактот дека една од главните задачи на било кој наш изведувач треба да е и презентирањето на творештвото на македонските автори, на репертоарот на моите ансамбли секогаш има барем по неколку домашни дела. Покрај тоа, од пред три години во Струга се одржува меѓународниот хорски форум на кој учествуваат странски хорови кои со мене изучуваат композиции од македонски автори кои потоа ги изведуваат секаде каде што настапуваат. На тој начин ја мултиплицираме достапноста и презентацијата на македонското хорско творештво низ светот.

Имате многу настапи надвор од Македонија. Дали македонската музика е добро прифатена?

– Композициите од наши автори кои се напишани со познавање на спецификите на хорот се многу добро прифатени секаде каде што настапуваме. За жал, изборот на такви композиции не е преголем, па поради тоа во изминатите три четири години, во соработка со уште неколку институции направивме напори за мотивирање на младите автори да ја запознаат хорската музика и да творат за различни типови хорски ансамбли.

Кои се вашите идни планови?

– Доколку ги набројувам поединечно моите индивидуални ангажмани како и активностите кои се во фаза на реализација или се планираат со сите ансамбли со кои раководам, ќе треба да се испишат многу редови. Ќе кажам генерално дека планот е да се продолжи на ист начин и со исто темпо како и до сега. Ќе подготвувам и презентирам секогаш нови концертни програми со осмислен концепт, ќе едуцирам се повеќе хористи и диригенти, ќе се обидам оваа уметност да добие поголема видливост во општеството, ќе продолжиме заедно со моите хористи да ја претставуваме Македонија на највисоко ниво на меѓународни хорски настани. Поканите за учество се тука, желбата за работа е тука, квалитетот го потврдуваме со секоја освоена награда и позитивни реакции на сите наши настапи, така што се надеваме на соодветна поддршка од надлежните институции и од нашето општество во целина за да можеме да продолжиме со успешната презентација на нашата култура.

За МИА Ирена Радовановиќ