Се поголем број брачни двојки соочени со неплодност

1271

Неплодноста е здравствен проблем со кој се соочуваат се поголем број брачни двојки, а особено тешко ја доживуваат жените заради неможноста да го доживеат мајчинството.

Во рамки на одбележувањето на Европската недела на (не)плодност, гинеколозите укажуваат на фактот дека се поголем број брачни двојки имаат проблем со стерилитет. Во Европската унија 25 милиони луѓе имаат ваков проблем, а на светско ниво меѓу 13 до 15 отсто.

Во Република Македонија нема официјални податоци за бројот на брачните двојки кои имаат проблем со неплодност. Според проценка на гинеколозите, од вкупниот број брачни двојки, меѓу 10 и 15 отсто се соочуваат со ваков проблем, а околу 15 отсто имаат помалку деца од очекуваното. Меѓу причините за неплодност гинеколозите ги наведуваат стресот, кариеризмот, неправилниот начин на исхрана, намалената физичка активност, дебелината, подоцнежно стапување во брак, сексуално преносливите болести…

loading...

– Евидентен е порастот на бројот на брачни двојки кои имаат проблем со неплодност. За само пет години, од 2012 година досега на Клиниката за гинекологија и акушерство има пораст на машката неплодност за 300 отсто. Ако претходно при анализата на семената течност сме регистрирале дека процентот на полоши параметри кај брачниот партнер е 15 отсто, сега тој е 40 до 45 отсто, а онаму каде што е женскиот фактор речиси се изедначува и доаѓа до сооднос 50:50, што во минатото не било случај, вели д-р Милка Трајанова, раководител на Одделот за ендокринологија и инфертилитет при Клиниката и член на Комисијата за биомедицинско потпомогнато оплодување и сурогат мајчинство при Министерството за здравство.

Според неа, се подоцна се стапува во брачна заедница, а биолошкиот часовник после 30-та година забрзано отчукува до моментот кога плодноста драстично се намалува и процентот на неплодни брачни двојки рапидно расте. Покрај тоа, посочи таа, постои се порано стапување во сексуални односи кога можноста за инфект и трајно оштетување на гениталиите е многу поголема.

– Голем е процентот на младата популација која има незаштитен секс. Навистина се соочуваме со големо присуство на сексуално преносливи заболувања. Тука не зборуваме за Хуман папилома вирусот, кој е предизвикувач на карцином, ниту за кламидија. Над 60 проценти од популацијата е заразена со кламидија која е главен причинител за брачна неплодност, нагласи д-р Трајанова.

Меѓу причините за брачна неплодност е и дебелината особено кај помладата генерација и немањето физичка активност. Според неа, тоа само по себе ја намалува плодноста на машката популација, затоа што масното ткиво е депо на естрогени и кај нив се намалува и бројот на сперматозоидите, но и подвижноста.

– Гениталните органи многу лесно реагираат на континуираното бомбардирање со „брза храна“, која во себе содржи премногу антибиотици, хормони, хемикалии и сите тие делуваат негативно и многу често доаѓа до нивно оштетување. Кај помладите генерации, а особено женската популација во последно време има тренд на здрава исхрана која вклучува зеленчук, овошје во умерени количини и интегрални житарици, со што се подобрува и општото и репродуктивното здравје, вели д-р Трајанова.

На Клиниката гинеколозите секогаш им укажуваат на пациентите да се хранат здраво и според навиките на нашите предци. Поради забрзаното модерно темпо на живеење речиси и да се нема време за класичен семеен ручек, но, според д-р Трајанова, сепак може да се направи промена во исхраната и наместо сендвичи, пици и колачиња и се што подразбира брза и нездрава храна, може да се јаде зеленчук, овошје и интегрални житарици.

Исто така, стресот многу влијае на неплодноста, а во ова бурно време со вакво темпо на живеење тој не може да се избегне.

– Но, со работа со техника на самоконтрола, ако себеси се научите, како тој стрес да го контролирате, па дури и не е грев во денешно време да побарате и помош од стручни оспособени лица како што се психолозите, а делумно и од психијатрите, така полесно ќе се справите со него и негативните ефекти ќе ги избегнете. Психолошкиот момент е оној кој предизвикува стерилитет, вели д-р Трајанова.

Таа смета дека и кариеризмот е една од причините за намалување на природниот прираст на населението, бидејќи „женската популација не се одлучува за мајчинство, го одложува до 40 години кога и биологијата настапува и вели сега е веќе невозможно“.

Во последните две децении има буквално „бум“ во третманот на брачната неплодност. На Клиниката за гинекологија и акушерство освен Ин витро користат и оперативни техники, минимална инвазивна хирургија во која се прават корекции кои водат до зголемување на брачната плодност кога причината е женскиот фактор. Ин витро фертилизацијата во Македонија е бесплатна во три обиди, за што се добиваат ваучери од Фондот за здравствено осигурување. Нема старосна граница, но се знае до кој временски период женскиот организам е подготвен да износи бременост до крај.

– Македонија е единствена држава во регионот, ако не и меѓу две три држави во Европа која има изгласано Закон за сурогат мајчинство, што е извонредно добар Закон за оние брачни двојки кога заради низа причини матката на жената не може носи бебе. Веќе имаме втора сурогат мајка која носи дете, информира д-р Трајанова.

Во врска со тие дали двојките кои имаат проблем со неплодност треба да се обесхрабруваат, таа вели дека во денешно време брачната неплодност не е проблем што не може да се реши, но, и покрај сета современа техника и технологија и големото медицинско знаење кое доживеа бум во областа од 1976 кога е родено првото дете од Ин витро фертилизација, Лујза Браун во Англија, сепак се случува кај одредени брачни двојки да не може да дојде до концепција.

– Значи битно е да се биде родител, постојат и други начини како да се биде родител. На крајот на краиштата постојат многу оставени дечиња во домовите на кои многу им е потребен топол дом со родители. Нема поблагородно чувство од тоа да се биде мајка и нема поблагородна мисија од тоа да се биде родител, како и што не е битно, да се биде родител, порачува д-р Трајанова.

За МИА Рената Пепељугоска

loading...