Скапоцености од утробата на Македонија

3561

Република Македонија има речиси три проценти од целото светско богатство на минерали. Земјава нема наоѓалишта на дијаманти, но затоа е единствената во светот што на своја територија го има рудникот Алшар на планината Кожув, каде што има богато лежиште на еден од најретките минерали, лорандит. Со негова помош, според науката, може да се докаже како функционира Сонцето и како извор на неисцрпна енергија, во иднина, да се надмине енергетската криза на глобално ниво.

Во рудата од Алшар има присуство и на антимон, арсен и на талиум. Дури седум од десеттиците регистрирани ретки кристали во светот, ги има во Алшар. Скапоценост од утробата на Македонија е и рубинот кој е минерал, исто така. Иако е непроѕирен камен, што е индикатор за степенот на неговиот квалитет, тој е веќе македонски бренд.

Сончев камен

loading...

Алшар е најбогатото наоѓалиште на лорандит во светски рамки и воедно единственото наоѓалиште на талиум во светот. Лорандитот е, всушност, издвоениот талиумов минерал.  Суштината на важноста на лорандитот е во тајната на неутрино честичките. Тие се создаваат во јадрото на Сонцето и на Земјата пристигнуваат за осум минути. Кога неутрино честичките минуваат низ одредени природни елементи имаат моќ да ја менуваат нивната структура. Таков е, на пример, талиумот кој се видоизменува во олово 205 откако низ него ќе помине неутрино честичката. А, токму ваквиот природен елемент најмногу го има во минералот лорандит. И, како што велат научниците, доколку се избројат таквите атоми и се измери нивната маса, ќе се докаже функционирањето на Сонцето. Со напомена дека експериментите за пронаоѓање и утврдување на ефектот на неутрино честичките се, сепак, скапа работа. Но, која вреди секоја вложена пара, со оглед на претпоставката дека токму од минералот лондрит може да се добие нов извор на енергија – вештачко сонце.

За Алшар и моќта на лорандитот знаел и Александар Македонски. Се верува дека минералот на штитовите на неговата фаланга, заедно со брилијантната тактика на војување, бил неговото тајно оружје во победите. Блескавоста на минералот, имено, до тој степен ја заслепувал војската на противниците што во целост се дезориентирала.

Во тукашните рударски окна копале и Османлиите. Според турските дефтери рудникот за прв пат се споменува во 1481 година, а според истражувањата, најстарото “сочувано“ окно на Кожув датира од 1893 година. Рударската населба Мајдан, пак, почнала да се формира од 1877 година. Турците од Алшар ваделе антимон и арсен. Антомонот го продавале за производство на куршуми, а арсенот го користеле жените од харемите за депилација. Инаку, самиот лорандит во Алшар за прв пат е откриен во 1894 година и именуван е според Е.Лоранд, физичар од универзитетот во Будимпешта. Уште од тогаш на овој  талиумов арсеничен сулфат му се препишале натприродни својства кои и се потврдиле во истражувањата, меѓу кои ги има правено и НАСА.

Богатството од утробата на Алшар било ископувано речиси до Балканските војни кога рудникот престанал да работи. По Втората светска војна Алшар бил геолошки испитуван, но не и експлоатиран. Во изминатите децении, па и денес,  тој е мета на многу диви копачи. Не само поради мистериозната руда што е заштитена  од државата како природно богатство, а самиот локалитет како споменик на природата, туку и поради наодите од злато со кои е богат крајот особено околу Мајданска Река.

Уникатен македонски рубин

Спецификата на Република Македонија е во уникатноста на ендемските и ретки примероци, не само од флората и фауната, туку и на минералите карактеристични само за нашето поднебје. Во ова друштво е и корундот, минерал што претставува кристална форма на алуминиум оксид. Примесите од хром, титаниум и железо ја одредуваат бојата на кристалот. Црвениот корунд,  чија боја доаѓа од хромот, е рубин, а ако во корундот има примеси од железо и титаниум, тоа е сафир. Тој, пак, во зависност од нивната концентрација може да биде бел, син, жол, па дури и зелен. Што ќе рече, рубинот и сафирот како скапоцени камења се варијации на еден ист минерал, корунд.

Прилепскиот регион е најголемото наоѓалиште на рубин како македонски природен скапоцен камен и воедно најголемо и најбогато такво во Европа. Станува збор за локалитетот каде што се копа мермерот. Не случајно, затоа што розевите минерални парчиња рубин со неверојатна тврдина се создаваат токму во внатрешноста на мермерните блокови.

Сите природни рубини, како македонскиот, имаат свои несовршености, вклучувајќи ја чистината на бојата и содржината на рутилните иглички познати како „свила“. Но, од било кој квалитет да е, како вид на минерал рубинот влегува во елитната и најпознатата група од четири скапоцени камења. Веднаш зад дијамнатот, кој е прв на светската скала на важност, а по рубинот е сафирот и смарагдот.

Македонскиот рубин, кој е позициониран во економичната класа на вистински природни рубини, со својата нежна малино-розова боја меѓу луѓето го има симболот на љубовта и простувањето.

Тврдината „9“ што ја има според таканаречената „Мосова“ скала и е веднаш зад дијамантот, кој е најтврдиот природен минерал со тврдина  „10“, дава можности да се користи при изработки од накит. Но, токму поради цврстината се обработува исклучиво рачно. Екслузивноста на македонскиот природен рубин е во неговата синергија со филигранот што го прави автентично, исклучително вредно парче скапоцен накит. Своевидно национално богатство кое веќе го поседуваат многу видни личности од целиот свет.

Мистични и лековити моќи

Интересно за скапоцените камења, како дар од природата, е дека отсекогаш го привлекувале вниманието на човекот. Ем им се восхитувал на изгледот, ем им припишувал бројни особини. За рубинот се велело дека ја разгорува љубовта и ги смирува скараните партнери, а за тиркизот дека е огледало на женската верност. Наводно, во случај на неверство ја менува бојата. За сафирот и аквамаринот се верувало ја привлекуваат наклонетоста на боговите и штитат од завист. За топазот се сметало дека ја смирува душата и ги отстранува грижите, аметистот чува од кратци и гарантира верност во бракот и удобни сништа. За шампион меѓу камењата со негово позитивно дејство се сметал смарагдот. И денес се верува дека ја штити главата од штетните влијанија и обезбедува љубов и напредок, го поттикнува љубезното однесување, чесноста и среќата и го подобрува помнењето и говорните способности. Спротивен на него е дијамантот со најнегативно влијание. Некои се уште веруваат во тоа дека ги апсорбира штетните зрачења од околината и ги емитира врз оној што го носи.

Долго, на скапоцените камења им биле препишувани и лековити својства. Се сметало дека смарагдот делува поволно врз нервниот систем, топазот е добар за дигестивниот тракт, рубинот ја подобрува циркулацијата, малахитот го лекува стерлитетот кај жените, особено ако се носи на раката…

Иако одамна современата минерологија и медицина ги има отфрлено ваквите верувања како безсмислени, во јавноста се појавуваат научници кои сметаат дека, сепак, има нешто во ваквите тврдења.

Скапоцените камења ги користи и астрологијата поврзувајќи ги со хороскопските знаци. На пример, дијамантот е зодијачкиот заштитник на овните. Смарагдот му одговара на бикот а Нерон според легендата го носел секогаш за време на гладијаторските борби за подобро да гледа. Камен заштитник за близнаците е полускапоцениот ахат, а на ракот, рубинот. Сардониксот е заштитник на лавовите, а хризолитот на девиците. Среќен камен за вагите е опалот, топазот ја чува шкорпијата, а тиркизот е заштитник на стрелецот. За јарецот среќен камен е гранитот, кого старите римјани, Египќани и Грци го сметале за камен владатар кој носи сила, моќ и лојалност. Главен заштитник на луѓето родени во хороскопскиот знак јарец е аметистот, чии мистични моќи се верува дека инспирираат на добрина и високи идеали. А,  на родените во водениот зодијачки знак риби, му одговара аквамаринот.

Дијамантот – елементарен јаглерод

Инаку, најпопуларен и најпосакуван меѓу скапоцените минерали е дијамантот. Според хемискиот состав тој е наједноставен од сите, претставува чист елементарен јаглерод. Но, неговите особини се она што го издвојува од останатите благородни камења. Дијамантот е најцврст од сите природни и вештачки творби на земјата, а цената му ја креваат неговите оптички својства. Тој силно ја прекршува и диспергира светлината поради што дава отсјај во различни бои. Најчести се безбојните примероци, но има и жолти, сини, кафени, виолетови, па дури и црвени кои се многу ретки. Квалитетот на дијамантите се оценува според бојата, проѕирноста, односно чистотата, квалитетот на брусењето и тежината во карати. Најголем производител е Јужноафриканската Република, а светски центар за нивна обработка е Амстердам во Холандија.

Интересно за дијамантите е тоа што во светот постојат неколку нивни познати примероци со богата историја. Еден од нив е популарниот Кох и Нор, денес сопственост на британското кралско семејство. Тој е вграден во круната на Кралицата – мајка, мајката на денешната владетелка Елизабета втора. Тој е од Индија и се спомнува во епот „Махабхарата“. Го вградил извезен браман како трето око во челото на китот што го претставува богот Шива. Браманите за него велеле дека оној што ќе го поседува каменот „ќе владее со светот, но ќе доживее несреќа затоа што само господ или жена може да го носи неказнето“. Се раскажува дека многумина сопственици на овој дијамант од машкиот пол и навистина доживеале трагични судбини.

Инаку, за првпат во пишаните документи Кох и Нор се спомнува во 1304 година  а во Индија останува до 1739 година. Таа година со освојувањето на Делхи од страна на шахот Надир од Персија бил „заробен“ и дијамантот. Судбината сакала, еден од неговите сопственици да му го предаде на тогашниот владател на индиската покраина Пенџаб кога, по освојувањето на оваа територија од Англичаните, дијамантот бил пренесен во Обединетото Кралство. Во 1857. и бил подарен на кралицата Викторија. Но, под влијанието на верувањето дека на мажите им носи несреќа, кралицата-мајка Викторија објавила дека во случај драгоцениот камен да го наследи маж, може да го носи само неговата сопруга.

Еднакво познат е и дијамантот Хоуп, што во превод значи надеж. Препознатлив е по темно сината боја и квадратната форма. И за него се верува дека му носи несреќа на сопственикот, но вистината е сепак дека таквата карма е измислена за да се спречи неговата кражба. И дијамантот Хоуп што тежи 44,5 карати води потекло од Индија, а откриен е кон крајот на 16 век. Денес се наоѓа во САД, во Вашингтон, во институтот Смитсон.

Не помалку интересен е и дијамантот Шах. Карактеристичен е по белата боја и тежината од 88,7 карати, а познат е по тоа што е гравиран. Односно, имињата на сите негови сопственици се врежани во него. Токму поради ова се смета за ремек-дело со оглед на големата цврстина на дијамантите што го прави гравирањето исклучително мачна работа и речиси и да не се практикува. Шах потекнува од Индија и е сопственост на руската Академија на науките.

За МИА Кети Мицковска

loading...